Јакуб Муњко е танчaр во „Скопје танцов театар“, своето образование го завршил во Скопје танцова академија. Пет години веќе живее и работи овде. За македонскиот народ вели дека е најспонтаниот народ што некогаш го има сретнато. Ги сака македонската музика, храна, а за Охрид вели дека е единствениот град во кој имал можност да види како планината и езерото се прегрнуваат. Зборува македонски јазик, а за „Република“ открива дека неговите идни планови се да остане да живее овде бидејќи, како што вели, овде веќе има свој дом

Кога првпат дојдовте во Македонија?
Првпат во Македонија дојдов во февруари 2012 година. Танцот беше причината поради која дојдов во оваа земја. Од малечок танцувам, иако прво почнав да студирам нешто што воопшто не е поврзано со танцот, сепак кога нешто сакаш толку многу, на крај ја остваруваш и својата цел.
Почнав да студирам бугарска филологија и преку студентска размена отидов во Пловдив, таму, пак, се сретнав со танцот, почнав да играм. Кога се вратив во Полска, всушност преку сплет на околности деканот од мојот факултет дозна дека сум танчар, па преку контакти со ЕСРА овде се случи да дојдам и да продолжам со мојата прва љубов , танцот и, секако, да го работам и учам тоа што го сакам. Планираните неколку месеци, сега се веќе пет години живот овде.

Доаѓате од земја со поинаква традиција и култура од Македонија, беше ли тешко да се навикнете на начинот на живот овде?
Овде не е тешко да се навикнеш на нов начин на живот. Мене единствено нешто што и денес ми е тешко да го прифатам е тоа што овде луѓето прават сѐ пет до 12. Кај нас точноста е многу важна. Ние правиме план како ќе се одвива еден цел ден. Додека тука сѐ се прави спонтано. Јас сум навикнат секогаш секаде да стигнувам навреме. Иако не е тоа нешто многу, сепак смета дека ако се почитува нечие време, работите ќе се одвиваат порелаксирано, без тензии и брзање. Што се однесува до тоа кој повеќе знае за својата традиција тоа, секако, е македонскиот народ и, навистина, тоа е нешто што многу ми се допаѓа овде. Тука кој човек и да го сретнеш, веднаш, во пет минути, ќе ти каже кои историски места да ги посетиш, која традиционална храна да ја пробаш, каде најубаво ќе си поминеш. Додека кај нас тоа не е случај. Не знае секој за традиционалните јадење на Полска или, пак, што е тоа што, навистина, треба да го видите, а е белег на државата. Вие на тој план сте многу подготвени.
Кое е Вашето мислење, каков е македонскиот народ, знае ли да подаде рака кога е потребно?
Мене ми се случи да ми помогнат луѓе овде без да очекуваат нешто за возврат. Но, тука јас лично имам малку поинакво мислење од тоа што многу често знае да се слушне за луѓето овде. Искрено, ако во Македонија престојуваш на пократок период ќе бидеш пречекан навистина убаво и домаќините ќе се потрудат да го дадат од себе својот максимум за да се чувствуваш најудобно. Но кога треба да останеш на подолг период, тогаш работите се менуваат, барем моето искуство беше такво. Што не е нешто на што треба да се забележи, сепак секој има свој живот, но доаѓаш до момент кога треба да се размислува како понатаму, како сега да се снајдеш сам ако сакаш да продолжиш да живееш во Македонија. Кај нас, на пример, е сосема обратна ситуација, ние не сме толку гостопримливи на почетокот и работите ги примаме со резерва, но кога ќе воспоставиш цврста врска со некого, тогаш тоа останува трајно пријателство.
Што е тоа што, како на човек што доаѓа од друга земја, Ви остави најголем впечаток за животниот стил овде?
За мене на почетокот беше неразбирливо како луѓето поминуваат толку време во кафе-барови, но сега тоа веќе ми се допаѓа. Тука луѓето го слават времето што го поминуваат заедно. Или, на пример, кога се оди во кафеана, тоа е толку убав момент. Кога се планира тоа треба да си подготвен да не планираш нешто по тој настан бидејќи не се знае до кога ќе останеш. Храната, музиката… навистина е убаво што луѓето се секогаш ведри, јас дури и потпевнувам, иако не ги знам песните, сепак уживам во музиката и во атмосферата. Кај нас во Полска го нема тоа. Кога одиш во ресторан мислиш само што ќе јадеш и тука сѐ завршува. Спонтаноста е тоа што, исто така, многу ми се допаѓа во оваа земја, а сметам и дека тоа што имате навистина убава клима ве прави да бидете и поведри луѓе.
Колку имате време да ја истражите Македонија?
За жал, не сум ја прошетал Македонија толку колку што би сакал. Но сум бил во Велес, Штип, Битола, Охрид… Нема да сум прв што ќе го каже ова, но Охрид ми се допаѓа многу, ме потсетува на полското море. Да пливаш во чиста бистра вода и пред тебе да гледаш планина со снег е, навистина, прекрасно доживување. Во Полска за да си дозволиш нешто такво треба да патуваш со километри. Вие имате многу убава природа, Матка, Водно, Козјак се места со единствена приказна. Не е потребно да имаш професионален апарат за да ја доловиш убавината што ти ја нуди природата во оваа земја.

Ви се допаѓа ли македонската традиционална кујна?
Пред некое време имав двајца пријатели од странство, јас се потрудив да им понудам сѐ што знам дека е македонски специјалитет. Шопска салата, ќебапи, сирење во фолија, таратур, ајвар, амфора. Ми се допаѓа што во Македонија храната е природна. Тоа што ќе го видите на Зелен пазар, подоцна истото ќе го сретнете и во ресторан. Ракијата и белото вино, исто така, се одлични. Вотката овде не е убава, но затоа имате многу убаво бело вино. Морам да нагласам, тука е благодат да се живее, имате здрава храна, евтина и, навистина, вкусна.

Зборувате македонски јазик, беше ли тешко да се научи?
Јазикот го научив преку комуникацијата со луѓето. Иако го учев и за време на моите студии во Полска. Го гледавме „Пред дождот“, „Балкан-кан“, ја слушавме Калиопи, Тоше Проески… Но комуникацијата, посебно со децата што ги тренирав пред две години, многу ми помогна. Кога ќе згрешев некој збор веднаш ме коригираа. Во театарот каде што имам соработка со моите колеги на многу високо ниво, учам, слушам како се зборува и така го научив јазикот. Пријателите најчесто знаат да ме наречат и Јакуб од Берово бидејќи кога не знам некој збор како точно се изговара на македонски јазик, ме прашуваат дали сум од Берово бидејќи поради начинот на кој сум го кажал зборот личел на беровскиот, па затоа низ шега сѐ уште знаат да ми кажат дека мора да го посетам овој град.

Кое е Вашето мислење за македонската публика, се почитува ли Вашата работа?
Многу ми е мило што на „Танц-фест“, кој заврши во април, а мене ми беше петти по ред, навистина, имаше многу публика, дури и луѓе што дојдоа од други држави. Но, сепак, сметам дека публиката треба повеќе да го почитува тоа што се прикажува пред неа. Телефоните и „Фејсбук“ не се дел од театарот и од претставата. Во Полска, на пример, е празник кога си во театар, се внимава на облеката, однесувањето, едноставно театарот е место каде што треба да се чувствувате убаво, важно.
Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?
Јас, навистина, ја засакав Македонија и сакам да останам овде. Имам девојка, свој двор, куче, работа, пријатели. Засега сѐ се движи кон тоа дека треба да останам тука. Сепак, ќе видиме што ќе донесе текот на животот.

Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 247 број на „Неделник Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


