Алесио Зуцарини од Италија за Македонија вели дека е земја што има да понуди многу. Прекрасна природа, историски знаменитости , единствена традиционална храна. Тој од 2004 година живее и работи овде. За македонскиот народ вели дека кај него буди восхит со подготвеноста да помогне. За „Република“ открива дека љубовта била пресудна за да донесе одлука да остане во Македонија бидејќи овде ја запознал својата сопруга Силвија со која го имаат синот Данте
Кога првпат ја запознавте Македонија?
Во Скопје дојдов во јануари 2004 година бидејќи почнав да работам за Европската унија. Скопје тогаш беше поинакво од денес.
Доаѓате од земја со поинаква традиција и култура од македонската. Како успеавте да се адаптирате на новиот начин на живот овде?
Не е толку лесно колку што мислев. Требаше да излезам од својата кожурка и да се потрудам, да се приспособам на локалната култура овде. Првиот голем чекор ми беше да ги оставам зад себе лажните импресии и стереотипи и да си создадам своја реалност базирана на вистински искуства. Како и да е, како што поминува времето, работите што на мене како туѓинец порано ми беа симпатични, по извесен период ми станаа здодевни. Едноставно, потребно е да се прифати фактот дека работите не се исти и потребно е да се биде трпелив, смирен и полн со почит. Секогаш треба да се почитуваат златните правила на добриот „гостин“.
Како ја донесовте одлуката да останете во Македонија?
Беше природен избор, кој се случи со тек на време, се случи спонтано и лесно. Едноставно, решив дека за мене е најдобро да останам блиску до личноста што ја сакам.
Дали македонскиот народ знае да подаде рака кога е потребно?
Јас отсекогаш ѝ се восхитував на подготвеноста на Македонците да помогнат кога некому му е потребно. Имав среќа бидејки имам добри пријатели овде и тие секогаш знаат да ми се најдат со своите совети, сугестии, поддршка, кога и да ми се потребни.
Кое Вашето мислење за македонскиот народ, за неговиот животен стил?
Па, како што кажав, почитувај го златното правило на добриот гостин. Ќе биде многу неблагодарно од моја страна да изразам мислење за луѓето во Македонија. Тоа што можам да кажам е дека најдов неколку сличности кај луѓето овде и кај луѓето во мојата земја (Италија). На ист начин ни е важна фамилијата, ја почитуваме традицијата и, исто како и Македонците, многу сериозно го сфаќаме фудбалот. Исто така, делиме иста страс кон добрата храна, сакаме да поминуваме време со пријателите и ги применуваме сите тие медитерански навики, кои нашите пријатели од Северна Европа не можат да ги разберат. Исто така, се надевам дека сегашната (и премногу долготрајна) клима на недоверба и на поделеност меѓу македонскиот народ наскоро ќе заврши. Ние треба да работиме за нашата иднина, за добрата иднина на нашите деца.
Вашата сопруга Силвија Митевска преку пишаниот збор е вистински амбасадор на Македонија. Неодамна таа за расказот„ Сонот на Лучија“ ја доби специјалната награда „Slow food Tera Madre“ во Италија. Колкава поддршка е потребна од сопругот за вакви достигнувања на животниот партнер?
Се разбира дека сум пристрасен, но дозволете ми да кажам гласно: Многу сум горд на Силвија. Таа има неверојатна енергија и не им врти грб на предизвиците, дури и на тие потешките. Книгата што таа ја напиша, на пример „Кога Данте спие“ беше пишувана во првите месци откако се роди нашиот син. Тие времиња беа полни со предизвици, посебно за двојка што учеше како е да се биде родител. Таа успеа креативно да ги менаџира тие месеци, додека нашиот син Данте спиеше таа времето го користеше продуктивно пишувајќи ги приказните во книгата. Кога Данте беше буден таа тогаш беше совршена мајка, нели е тоа прекрасно? Ние се водиме од тоа дека поддршката и разбирањето на еден кон друг е пред сѐ! Веруваме дека тоа е многу важно и, исто така, ни помага да останеме поврзани и да старееме заедно. Фактот дека таа доби литературна награда во мојата земја со својата приказна, не ме изненади, бидејќи го знам нејзиниот потенцијал.
Ви се допаѓа ли македонската традиционална кујна?
Ја обожавам традиционалната храна овде. Кујна што е комбинација од балкански и од медитерански вкусови. Мои омилени се: тавче–гравче, ајвар и пастрмалија. Секако, исто така, многу сакам и скара и за неа морам да истакнам дека најубаво ја подготвува таткото на мојата сопруга, Мето. Тој ја подготвува највкусната скара што некогаш сум ја пробал, гарантирам. Морам да истакнам дека во Македонија има и многу убави вина, кои со текот на годините добиваат на квалитет.
Колку слободно време имате да ја истражите Македонија? Според Вас, кое е местото што секој што доаѓа од друга земја треба да го посети?
Ние често патуваме низ земјата. Ја сакаме природата. Го сакаме пешачењето, велосипедизмот, параглајдерството, планинарењето и одиме на скијање, Македонија има многу да понуди во однос на ова. Од Маврово во Охрид, поминувајќи покрај Пелистер и Крушево, тука има толку убави места за откривање и за уживање. Јас, исто така, им предлагам на моите пријатели никако да не ги одминуваат Хераклеја и Стоби бидејќи тие се многу значајни археолошки локалитети.
Дали Ви недостига родната земја?
Мислам дека одамна ја поминав таа фаза.
Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?
Немаме план да ја напуштиме Македонија. Иако сме свесни дека има и луѓе што се решаваат да заминат во странство. Ние како родители имаме одговорност и нашето внимание е насочено кон тоа. Како и сите други родители, ние се грижиме за околината во која расте нашиот син. Дозволете ми да се изјаснам вака, ако може: Македонија може да ни каже дали може да останеме или не. Ние сме тука и ги сакаме оваа земја и нејзиниот народ, но, како што велат, за танго се потреби двајца. Се надеваме дека Македонија секогаш ќе ни ги понуди вистински услови да продолжиме да танцуваме заедно!
Пишува:К.Н.К
(Текстот е објавен во 246 бр на „Неделник Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.