Во новиот број на неделникот Република ќе читате:
ДУИ потврди
Заев прифати сѐ од тиранската платформа
Еден ден социјалдемократската врхушка ќе мора да одговори што и кој навистина стои зад проектот за уривање на државата. Што видоа позитивно во работењето на Арифи и на Меџити, за концептот во оваа платформска љубов да го пресликаат на цела држава? И овој брак од интерес ќе остави пишани докази поттикнати од меѓусебната недоверба. Vеrba volant , scripta manent, исто како договарањето меѓу двете партии за територијалното кроење за државата.
Планот „Б“ е државен удар?
Државата ќе ја уриваат со влада без мандат
Игнорирањето на барањата на 100.000 македонски граѓани, кои секојдневно протестираат против албанската платформа и пристапувањето кон некаков план „Б“ за формирање влада (без мандат од претседателот), која треба да ги спроведе точките од платформата, очигледно, ќе бидат последните политички потези на Зоран Заев, кој е болен за власт. Неприфаќањето на понудата на Груевски да добие поддршка од 51 пратеник во замена за одбивање на ултимативните барања на албанските партии, кои водат кон распад на државата, е, можеби, најсилниот аргумент дека „враќањето на демократијата“ и „расчистувањето со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“ се само изговор, односно дека целата криза е само „чистење на терен“ за исполнување на главната цел на сценаристите – разнебитување на Македонија. Лажната самодоверба што му ја даваат „пријателите од надвор“ во насока на формирање влада по секоја цена само го забрзува процесот на неговото политичко самоубиство, а државата ја внесува во уште поголема криза, која може да доведе до сериозни последици за нејзиниот опстанок.
Наградно прашање до ЕУ: кој си игра со огнот што вие го распаливте?
Недоветна одбрана на неодбранливото
Соочени со проблемот наречен „даден задник под кирија“ социјалдемократските чеда и нивните искомплексирани стратези влегоа во серија дигресии и го правеа тоа што најдобро го умеат. Омаловажуваа, лажеа, извртуваа, девалвираа, дигаа тензии, сечеа и лепеа, кроеја и готвеа, изобличуваа и вадеа од контекст. Притиснати од тежината на поимот народ на улица (настрана, многу, премногу убав народ на улица) самобендисаните „мајстори“ на илузијата ги употребија сите свои ресурси и болна фантазија за да го засенат и затскријат будењето, ама попусто. Сметките им ги помати една горда плејада најдоблесни и врвни македонски интелектуалци, актери, оперски пејачи, музичари, врвни спортисти, пејачи, режисери, универзитетски професори, писатели и кој уште не. Сето тоа зачинето со стотици илјади убав, спокоен и разбуден народ…
Колумна, Горан Момироски
Заев нѐ турка во конфликт со Србија и со Бугарија
Во јуни минатата година, на инцијатива на германски партии, ЦДУ на Меркел, баварската ЦСУ и „Зелените“, германскиот Бундестаг усвои резолуција со која масакрот врз 1,5 милион Ерменци во текот на Втората светска војна од страна на Отоманската Империја се означува како геноцид. Оттогаш до сега Германија и Турција минуваат низ најтурбулентната фаза во своите долги пријателски и блиски односи, цврсто градени уште пред Првата светска војна, кога Берлин беше близок сојузник со Анкара. Германија и Турција се оддалечени околу 2.000 километри, а омразата што ја донесе резолуцијата на Бундестагот на Босфор смрди од далеку и беше причина за уште најмалку пет дипломатски инциденти меѓу двете држави. Каква ли омраза ќе се роди во Србија и во Бугарија доколку Заев на барање на ДУИ, Беса и на Села изгласа резолуција со која српските власти меѓу двете светски војни и бугарските власти во текот на Втората светска војна бидат обвинети за геноцид, односно дека систематски користеле државни ресурси за да го уништат албанскиот народ на територијата на Македонија.
Колумна, Никола Србов
Дали, според Заев, антифашистите треба да им се извинат на нацистите?
Интересно, во Република Македонија почнува превртување на историјата за 180 степени. Со тиранската платформа, која СДСМ сака да ја спроведе во Македонија, се прави преседан од светски размери. Во точката каде што треба да се обвиниме ние самите за некаков геноцид врз Албанците, на вештачки начин ја менуваме историјата од периодот на Втората светска војна.
Во Втората светска војна Македонците застанаа на страната на антифашистичката коалиција борејќи се против фашизмот. Денеска во Македонија има обид антифашистите да бидат обвинети за геноцид извршен врз фашистите. Ова се нема случено никаде досега, вака како што е поставена платформата, би стигнале до заклучок дека Евреите треба да им се извинат на нацистите дека, всушност, тие извршиле геноцид врз нив, а не дека нацистите отвораа концентрациски логори.
Колумна, Ацо Станковски
Мак-пат
Обично, ситуациите што стануваат нерешливи, безизлезни и фиксирани за состојбата во која заглавиле, а за која нема никакво реално решение, ги нарекуваат пат-позиции. Овој термин „пат“ е преземен од шаховската терминологија и означува невозможност за продолжување на играта бидeјќи кралот нашол толку добра стратегиска позиција, што противничката „армада“, иако е многукратно посилна на „теренот“ и веќе ги победила војските на кралот губитник, сепак не може да ја извојува победата. Дури може и тој, кој имал толку голема материјална и стратегиска предност, во оваа ситуација да биде акцептиран како губитник, со оглед на тоа што загубил добиена позиција.
ИНТЕРВЈУ: Ненад Танески, универзитетски професор, доктор на безбедносни науки
Со албанската платформа Заев го враќа долгот
По првите објавени нелегално прислушувани разговори од страна на Зоран Заев во февруари 2015 година, ретко кој имаше храброст гласно да зборува за тоа што се крие зад „чадот“ од „бомбите“ на лидерот на опозицијата, а уште помалку да прогнозира кога може да се очекува расплет на кризата и нормализирање на состојбата. Еден од ретките што уште тогаш најавуваше „долг период на политичка нестабилност“ е универзитетскиот професор Ненад Танески, кој во интервју за „Република“ оцени дека станува збор за „голема игра на големи светски актери“, а неговите процени беа дека „крајот на кризата не може да се види пред 2018 година“. Докторот на безбедносни науки, два месеца по почетокот на објавување на бомбите, исто така, предупреди дека „Заев ќе стане заложник на своите „пријатели од надвор“ и најави: „ако еден ден овој човек дојде на власт, поголем дел од својата работа ќе мора да го посвети на странските разузнавачки служби, на кои ќе им должи големи услуги“. Во интервју за новиот број на Република, Танески анализирајќи ја моменталната политичко-безбедносна ситуација во Македонија вели:
– Во моментов Европа не посакува конфликт. Проблемот со бегалците само се зголемува, веројатно така и ќе продолжи, па сигурно не им треба и нов бран бегалци. Кај внатрешните субјекти, повторно, не мислам дека постои интерес и подготвеност за меѓуетнички конфликт. Сепак, колку-толку 2001 година нѐ научи дека човечките жртви немаат цена, а на крајот сѐ завршува на тркалезната маса. САД, од друга страна, сега имаат внатрешни проблеми, но и посериозни проблеми во Пацификот со Кина, па сигурно Балканот не е приоритет. Остануваат само центрите на моќ застапени во групацијата Билдерберг во чијашто агенда и интерес, покрај контрола на регионов, е и воен судир меѓу САД и Русија. Под нивни притисок официјална Европа не ја осудува албанската Платформа и не бара нејзино повлекување, што во други ситуации, сигурно, би се случило, посебно ако се појави вакво барање од руското малцинство во балтичките држави. Додека сѐ уште администрацијата на Трамп нема целосна контрола над разузнавачките служби и армијата, постои можност да се заплеткаат тие односи прво тука на Балканот, поради многубројните замрзнати конфликтни прашања меѓу балканските држави, кои, по потреба, можат да се активираат и да претставуваат иницијална каписла за заземање страна во конфликт, но и пошироко, што би значело конфликт од поголеми размери, вели универзитетскиот професор Ненад Танески во интервју за Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.