| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија е земјата во која сакам да живеам

Вини Грамата од Филипини од 2014 година живее и работи во Македонија. Пред да дојде во нашата земја, работел на брод и таму ја запознал Фросина, причината поради која Вини го променил својот начин на живот и станал македонски зет. Заедно имаат две дечиња, момче и девојче. Вини за „Република“ открива дека и да му се понуди можност да живее во друга земја, тој повторно би се вратил овде бидејќи Македонија нуди безбеден живот, пријатели со ведар дух и пријатна средина за развој на неговите деца. Зборува македонски јазик, веќе знае да готви и македонски јадење, ја сака Матка, ужива да ја истражува Македонија

Кога првпат дојдовте во Македонија?

Првпат дојдов во Македонија во април 2012 година, престојував две недели и се вратив назад, мојот постојан престој во оваа земја почна во мај 2014 година и трае сѐ до денеска.

Која беше причината поради која од Филипини решивте да живеете овде?

Пред да дојдам да живеам во Македонија, јас работев на брод. Таму во 2011 година ја запознав мојата сопруга Фросина, која е Македонка, се венчавме во Чикаго, таму се роди и нашиот син, но по извесен период решивме да дојдеме и да живееме овде.

Доаѓате од земја со различна култура и традиција, беше ли тешко да се привикнете на начинот на живот овде?

Ќе бидам искрен и ќе ви кажам дека сѐ уште се адаптирам. На почетокот ми беше потешко, но со текот на времето човек учи како да живее во друга земја. Интересно ми беше тоа што луѓето овде не прават разлика, посебно повозрасните, меѓу Филипинец и Кинез, и сите мислеа дека сум од Кина, па морав да се објаснувам. Тука наидов на многу поразличен стил на живот од земјата од која јас доаѓам. Многу ми се допаѓаат празниците, како луѓето тука ги почитуваат, славењето, особено Божик. Убава и пријатна промена за човек кој доаѓа од земја каква што е мојата.

Зборувате македонски јазик, беше ли тешко да се научи?

Македонскиот јазик го научив преку комуникација со луѓето овде. Работев на аеродром и таму низ разговор со колегите научив многу. Некогаш и работните обврски налагаа да впивам повеќе информации за побрзо да го совладам јазикот. Секако, и со помош на мојата сопруга, пријателите, семејството. Иако ние дома повеќе зборуваме на англиски јазик, живееме во Македонија и околината налага дека јазикот треба да се научи. На нашиот син, на пример, дома му зборуваме на англиски јазик, но тој во градинка зборува на македонски, така веќе на мала возраст владее два јазика. Кога ќе порасне, се надевам ќе научи и филипински.

Кое е Вашето мислење за македонскиот народ, знае ли да подаде рака кога е потребно?

Македонците се добар народ, имате слободен дух. Овде сите поминуваат време со пријателите, се дружат. Земјата е мала и дозволува за кратко време да можеш да се видиш со луѓето кои ти се драги. Кај нас тоа не е случај, луѓето не се познаваат меѓу себе како овде. На пример, ми се случи да имам проблем со мојот автомобил на автопат и на мое изненадување застанаа луѓе да ми помогнат, дури ме донесоа до дома и се погрижија за мојот автомобил, едноставно сами се понудија без јас да побарам помош. Тоа е честа и прекрасна одлика на Македонците. Друга работа што ми се допаѓа овде е тоа што сите луѓе се познаваат. Ми се допаѓа и тоа што овде работиш пет дена, а два имаш за релаксирање. Кога си на брод не е така. Работиш постојано, а потоа два месеци ти се овозможени за одмор. Сметам дека тие моменти многу значат за луѓето да бидат одморени, ведри и да имаат слободен дух.

Колку имате слободно време за да ја истражите Македонија? Кое место, според Вас, секој што доаѓа од друга земја мора да го посети?

Матка е многу убава, има многу убава природа. Според мене, Македонија е земја со уникатна природа. Сум бил во Свети Николе, Струмица, Дојран , Македонски Брод, Охрид… Струмица, исто така, е град кој многу ми се допадна, но Охрид е величествен. Прекрасен, свеж воздух, езерото, културните знаменитости, единствен е. Иако јас лично прво што го препорачувам на моите пријатели да го видат е Матка, таа е како уметничко дело на природата, посебно пештерите.

Ви се допаѓа ли македонската традиционална кујна?

Сега ми е вкусна и ја готвам. Но, на почеток ми беше тешко да се навикнам на некои вкусови. Сега веќе знам да зготвам зелка со месо, правам скара. Ќебапите се многу вкусни, исто така, пилешкото месо, македонскиот зелник… Комбинирам нешто од мојата кујна и, секако, македонската.

Ви недостига ли родната земја?

Секако, но многу е далеку, па се привикнав на тоа дека е тешко да се видам со моето семејство таму иако сакам и имам во план да отидам. Ние сме единаесет браќа и сестри, и нормално е да ми недостигаат. Сепак, билетите се многу скапи, а и мораме да почекаме да порасне нашата ќеркичка, која сега има само три месеци. Сепак, јас би сакал сите заедно да ја посетиме мојата земја.

Кои се Вашите планови, останувате ли да живеете во Македонија?

Да. И да се случи можност да заминам од земјава, јас повторно би се вратил затоа што Македонија е безбедна земја, без криминал, добра за пријатен живот на моите деца. Во Филипини не е така, постојат места каде што е тешко да се живее, постојат и такви каде што е во ред. Но, владее криминал, не е безбедно, сѐ е далеку, луѓето не се познаваат меѓу себе. На пример, овде се случуваат многу помалку незгоди за разлика од Филипини. Во моментов во Македонија живеат тројца Филипинци и 25 Филипинки. Организираме забави овде, дружења, тоа е многу убав момент, се собираме, сите доаѓаат и оние што живеат во другите градови на земјата. Јас овде имам пријатели, го поминувам времето со нив, убаво живееме, затоа сме тука во Македонија.

Пишува: К.Н.К

(Текстот е објавен во 248 број на „Неделник Република“)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top