Една од најдобрите дефиниции на поимот „модна икона“ вели дека тоа е личност која успева да создаде синергија меѓу личноста, телото и времето во кое живее. А, кој би можел да го симболизира тој термин подобро од Грејс Кели, филмската кралица на Холивуд, принцезата од Монако и добитничка на „Оскар“. Нејзината убавина и стил и денес се инспирација за многу жени, но и дизајнери. Во една пригода славниот дизајнер Карл Лагерфелд изјави: „Никој не може да изгледа како Грејс Кели, таа беше најубавата русокоса на своето време“, но и ќе додаде дека е сигурен ако беше жива денес, на 80 години, ќе беше неодолива. Лагерфелд во неа го виде тоа што многу други ќе го воочат многу подоцна кога нејзината филмска кариера ќе заврши. Тој ја препозна нејзината природност, но и совршеноста на женската фигура олицетворена во неа. Всушност, ја истакнуваше нејзината неминлива и вонвременска убавина, при што веруваше дека таква совршеност може да старее добро. Може само да се констатира дека преубавото лице, раскошното тело и кадифениот глас ѝ беа дадени од бога. Како таква, беше предодредена да стане ѕвезда. Сепак, можеби најдобро ја познаваше Хичкок, кој, всушност, е најзаслужен што таа стана филмска ѕвезда и икона на стилот. Таа беше негова муза, за која тој велеше дека е како вулкан под снег. Ѝ додели три главни улоги во неговите филмови, во кои Грејс зрачи со ледена, аристократска убавина, под која, сепак, се насетува нешто топло. Можеби токму тој спој на оган и на лед е заслужен за тоа што за пет години филмска кариера таа сними 11 филма, стана филмска икона, освои „Оскар“, а нејзината последна животна улога на принцеза ја промовираше во мит. Хичкок не само што од неа создаде филмска ѕвезда, туку во неа најде и идеална жена, која преку денот е ангел, а навечер во спалната се претвора во огнена и страствена партнерка. Преку ден беше Артемида, божица на ловот, а во ноќта Афродита, божица на љубовта. По сите нејзини филмски улоги, неа ја перципираме преку нејзината загадочност и способност да предизвика очекувања и надеж. Кај Грејс сексуалноста не беше експонирана на лицето, како кај Мерилин Монро, туку таа ја поседуваше однатре во својот дух. Како и да е, ретката убавина, зачудувачката ладнокрвност во комбинација со тоа што Хичкок го нарекуваше сексуална елеганција ја вивна Грејс Кели во, за многумина, недофатливиот холивудски пантеон. Токму затоа Грејс Кели беше филмска ѕвезда која само ја живееше својата бајка, но и икона на стилот обожавана од милиони следбеници. Позната е по блиската соработка со режисерите и со костимографите за разработка на облеката за улогите во филмовите. Позната е нејзината изјава дека е важно прво да се виде личноста, а потоа облеката што ја носи. Непобитен факт е дека била свесна за секој детаљ од својата појава. Нејзиниот безвременски и елегантен изглед ги одредуваше трендовите и стилот на 50-тите години од 20 век, а филмовите во кои играше станаа и останаа модни референции на префинетата ера на суптилниот гламур. Најзаслужни за нејзиниот перфектен изглед беа модните куќи „Диор“, „Шанел“ и „Баланцијага“.
Модните детали на иконата
Грејс Кели Грејс Кели е најдобар пример и доказ дека бајките навистина постојат, а сништата се остваруваат. Без разлика дали глумеше во филм, дали одеше на едрење или примаше државници како принцеза на Монако, таа воодушевуваше со свежината на духот и со софистицираниот изглед, кои ги надополнуваше со бисери, долги здолништа, шапки, ниски чевли. Беше препознатлива по едноставните џемпери, а чантата на „хермес“ е наречена по неа. Овие модни додатоци поради неа станаа атрактивни во 50-тите години од минатиот век. Едноставно беше актерка со аристократски манири, која имаше порцелански тен на лицето. Играјќи главни улоги во филмовите „Високо општество“, „Како да се фати крадецот“ и „Лебед“, востанови лик на ладна русокоса со бистар поглед, чијашто потисната и контролирана сексуалност беше видлива само под површината на нејзината ледена надворешност. Ракавиците, најчесто бели, беа нејзиниот најомилен моден додаток. Ги носеше како актерка во филмовите во кои настапуваше, на забавите во Холивуд, кога даваше интервјуа и на венчавката со принцот Рение, кога стана принцеза. Беше и остана икона на модниот стил. Денес во САД сѐ уште, меѓу тинејџерките, се користи изразот „изглед како Грејс Кели“. Што да кажам за тој изглед, а веќе да не е кажано? Дека е едноставен, класичен, а така драматичен.
Имаше живот и филмска кариера вредни за пишување роман и снимање филм. Актерка и принцеза. Зрачеше со класична убавина, а елеганцијата ѝ беше посебна, дотогаш невидена класа. Како актерка, го освои светот со убавина, а по романсата со принцот Рение од Монако стана сакана и почитувана принцеза. Актерка со чист американски стил. Кога дојде во Европа, таквиот стил го облагороди со гламур, чиишто одлики беа женственост, елеганција, удобност, луксуз, плус сексапил, романтика и шик. Ќе се согласите, таа е вистински гламур. Така таа стана една од првите вистински и најгламурозни модни икони во светот. Таа беше најубава, најелегантна и најграциозна – принцеза на своето време и на сите времиња. Никој не беше рамнодушен кон нејзината убавина. Холивуд, САД, Европа и целиот свет. Сите се восхитуваа на нејзините преубави очи, бистар поглед и на прекрасното лице со убавина на извајана Венера. Грејс Кели беше вистинска дама, со добар вкус. Нејзините ексклузивни фустани изработени од најпознати модни креатори беа одраз на нејзиниот особен стил и шарм со кој го освои својот принц, но и армијата обожаватели. А, токму тоа ѝ треба денес на современата жена. Воопшто не е случајно што новата мода денес и се враќа на таа комбинација. Имаше многу светли моменти во животот и во кариерата, но два се незаборавни. Првиот е дека принцезата Грејс од Монако ќе остане запаметена по софистицираниот невестински фустан од тантела што го носеше на венчавката со принцот Рение од Монако, а вториот е кадарот од филмот „Прозорец во дворот“ кога на збунетиот Џејмс Стјуард му соопштува дека ноќта ќе ја помине со него. Доколку постои момент во кинематографијата што би можел да нè увери што значи една жена да биде елегантна, прекрасна, шик, беспрекорно облечена и неверојатно секси, тоа, веројатно, би бил тој кадар од филмот. Некои велат дека била неверна и развратна бидејќи имаше љубовни врски со безмалку сите нејзини партнери (со Гари Купер во „Точно напладне“, со Клерк Гејбл во „Могамбо“, со Вилијам Холден во „Мостовите на Токи Ри“, со Кери Грант во „Фатете го крадецот“, со Френк Синатра во „Високо општество“), а ѝ ги додаваат и шармерот Марлон Брандо, милионерот Хауард Хјуз и принцот Али Кан. Не, таа никого не изневери, туку само го бараше вистинскиот маж. Најголемото неверство го направи во моментот кога се откажа од филмот. Стана принцеза, но ја загуби слободата, го загуби светот во кој суверено владееше. Кога било да ја видам на телевизија во некој филм или документарец, секогаш ми доаѓаат зборовите на Кери Грант, „таа носи мир, ведрина и светлост, и глуми како што танцува Фред Астер“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.