Својата прва свирка групата „Ролинг стоунс“, или камења што се тркалаат, ја има во 1962 година во џез-клубот „Маркиз“ кога првпат заедно јавно настапија Мик Џегер (вокал), Кит Ричардс (гитара), Брајан Џонс (гитара), Јан Стјуард (клавир), Дик Тејлор (бас) и Тони Чепман (тапани). Тие се претставиле во стил на аренби и рокабили диви момци, и оттогаш па до денешни дни тврдоглаво свират суров рокенрол. Прво сите ги мразеа, а подоцна сите ги засакаа, а младите и лудуваат по нив. Нивната музика, радикална и блудна, со текот на времето се претвори во стара школа за рокенрол.
Тајната за нивниот успех е во тоа што од самите почетоци тие беа „Анти-Битлси“, целосно спротивни на униформниот и уреден поп рок-бенд. Живеејќи ја слободата и неморалноста, тие пишуваа текстови, компонираа музика и свиреа американски блуз, кантри, аренби и госпел. Сета таа музика ја прекршуваа низ англиската емотивност, јаваа на четиричетвртински такт и секое разбирливо и неразбирливо значење за таа музика го променија. Се стркалаа низ музичките коридори и никогаш не престанаа да се тркалаат. Така израснаа во рок-прототипи, чиишто песни на почетокот ги навредуваа родителите и се сметаа за штетни, дури и опасни, а денес се евергрини, кои преку синовите се пренесуваат на внуците. И така рокерите кои во 60-тите години на 20 век започнаа како симпатични музички тинејџери, денес се шармантни „рок-дедовци“. Почна како шест музички почетници, а денес се четирите музички генијалци Мик Џегер, Кит Ричардс, Рон Вуд и Чарли Вотс.
Тие се „Ролинг стоунс“ или камењата што се тркалаат. Нивниот рок на траење е неограничен. Некогашните рок-тинејџери денес се рок-фосили, кои и понатаму со огромна енергија музицираат, пеат и лудуваат на сцената. Тие се легендарна рок-група која со текот на времето израсна во најголем музички бренд и рок-бизнис. Денес Мик Џегер и дружината се музички идоли, бренд-икони, маркетинг стручњаци и бизнис херои. Без конкуренција се најголема музичко-корпоративна група во светот. Музичката машинерија или бизнисот наречен „Ролинг стоунс“ прецизно и перфектно функционира како меѓународна и глобална корпорација. Овој музички бренд е музичко-финансиска глобална операција со седиште во Холандија. Бизнис-моделот на овој успешен бренд е фокусиран на три клучни дејности, што генерираат приходи: продажба на албуми, организирање светски турнеи и музички авторски права. Обожавателите на „Ролинг стоунс“ кога размислуваат за овој бренд, мислат на многу работи, но најмногу на добар рокенрол и на рок-балади. Во 60-тите години на 20 век имаа одлични музички хитови (Satisfaction).
Во 70-тите и во 80-тите години нивната музика прерасна во рок-библија, во која најсветли музички евангелија беа и сѐ уште се „Jumpin Jack Flash“, „Honky Tonk Women“ и „She’s So Cold“. За мене „Ролинг стоунс“ го достигна музичкото совршенство со рок баладата „Angie“. Оваа музичка елегија долги години е музичка нирвана за генерации млади и не така млади обожаватели на стоунси. Овој бренд е комбинација на посебен и диференциран имиџ, единствен во музиката и испорачани музички продукти, како хит-песни, логоа, турнеи и концертни перформанси, видеоспотови, авторски права и издадени книги и музички брошури. Брендот „дружината на Мик Џегер“ е извонреден и исклучителен во испорачување константно прекрасна музика и хит-мелодии. Тоа е задоволувачко музичко искуство, постојан микс на стара и нова музика. Оваа квалитетна и добитна комбинација му овозможува на „Ролинг стоунс“ да биде моќен бренд кој создава и инфилтрира рок-култура на повеќе нивоа и е наменета за различни генерации. Нивните обожаватели секогаш се желни за нова музика и за нешто повеќе. Само малку музички бендови и пејачи можат да се пофалат дека се на нивниот пат и им се приближиле. Сега засега нивниот музички и комерцијален успех други можат да го сонуваат и посакуваат. Сето тоа е резултат на талентот што го поседуваат и квалитетот што го испорачуваат преку текстовите и музиката на нивните песни. Можеби уште побитен е начинот на кој ги изведуваат и целата атмосфера на забава и „лудување“ на нивните концерти.
Единствени се во визијата, упорни во интензивната работа и извонредни во планирањето и реализирањето на испланираното. Овие вредности ги одржаа во живот стоунси како бренд повеќе од пет децении. Нивната музика преку чудна магија е изгравирана во умовите и срцата на обожавателите. Со секој нов музички хит бендот ја зацврстуваше врската со својата публика и привлекуваше нови членови на клубот „Ролинг стоунс“. Тоа беше оригинален начин на создавање атмосфера на популарност и успех со која музичките фанови сакаа да се поистоветуваат. За Мик Џегер и дружината пензијата и мирувањето како да се непознати поими. Тие, дефинитивно, не се стереотип на нормални и заслужни пензионери. Не ги привлекува пасивниот и мирен живот. Првоборците на рок-револуцијата и понатаму плодно создаваат, успешно иновираат и извонредно изведуваат. Патуваат низ Северна и Јужна Америка, Европа и Далечниот Исток и со задоволство и успех ја изведуваат својата музичка магија. Магични, но и отровни истовремено. Посакувана музичка љубов, но и неизлечива рокенрол зависност. И понатаму ќе ги слушаме, гледаме и паметиме како успешна бренд приказна, која веќе одамна е една од највозбудливите во севкупната рокенрол историја. На таа заведувачка музичка приказна, на тој најголем рокенрол циркус, никој не може да стави точка – продолжува и трае до бесконечност. Тие, едноставно се „тотал сатисфекшн“. Фасцинацијата по „Ролинг стоунс“ продолжува – камењата се тркалаат бесконечно.
Мик Џегер: Рокер со блудни усни
Мик Џегер е водач на еден од најпознатите рок-состави, познат како „Ролинг стоунс“. Тој ја промени историјата на музиката и со причина стана пример и идол на рокенрол-генерацијата. Музички бунтовник, рок-легенда, но и англиски џентлмен. Неговото харизматично лице преполно е со брчки и изгледа како маска, па тој безмалку е грд. Кога ќе се додаде дека е низок по раст и има тесни рамена, сликата за неговата „убавина“ е комплетна. Сето тоа не му пречи да биде најголем рок-срцекршач на девојките на сите времиња. Познато е дека девојките „паѓаат“ на неговите „озлогласени усни“, кои се заштитен знак на групата. За тоа е заслужен легендарниот и ненадминат уметник Енди Ворхол, кој ги наслика јазикот и усните на Мик Џегер, кои прераснаа во заштитен знак и заштитна икона на групата, која заедно со „Битлси“, е најголем бренд во светот на музиката и на рок-културата. Освен тоа што е познат по карактеристичниот јазик и голема усна, тој има и карактеристичен стил на движење и играње на бината и специфичен „пукнат“ глас со кој испеа голем број хитови, но и ненадминатата рок-балада „Angie“. Татко е на осум деца, има повеќе внуци, едно паравнуче и носи титула на витез што ја доби во 2003 година за заслуги во популарната музика. Негова девиза е дека забранетото овошје е најслатко и, меѓу другото, е познат по тоа што од пред нос на Брајан Фери му ја украде топ-манекенката Џери Хол, со која има четири деца. Со неа се разведе поради младата, убава и згодна бразилска манекенка Хименес, со која има син, со што докажа дека сè уште не е за „старо железо”. Напротив, во музиката тој е како виното. Колку е повозрасен, толку неговите перформанси се подобри. Тоа е основната причина поради која Мик Џегер има статус на најголема рок-ѕвезда, идол, обожавана музичка икона и жива легенда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.