Дејвид Бекам не е обичен спортски бренд, туку многу повеќе од тоа: спортска икона, обожавана од љубителите на спортот, а уште повеќе и од луѓето што немаат многу заедничко со спортот. Секако, и од младите што сакаат убав изглед, модерен стил на облекување и уште помодерен стил на живеење. За нив Бекам е светска модна икона, метросексуалец, трендсетер со посебен животен стил во повеќе области.
Дали и како можеме да го објасниме феноменот Бекам? Бекам сигурно само така и одеднаш не стана сето тоа што претставува денес. Голема спортска и модна икона се станува со големи потези, системски и планирано. Неговите менаџери и стилисти одиграа голема и одлучувачка улога во сето тоа. Огромна е и улогата на медиумите. Како на спортските, така и на истражувачките. Можеби најголема улога одигра жолтиот печат. Тие новинари се креатори на сите информации, приказни, вистини и невистини, сензации, афери и контроверзии поврзани со Бекам, неговиот приватен и спортски живот и монденско однесување кое го лансираше во светскиот џетсет.
Бекам е идеален прототип на феномен, како што се брендовите и обожаваните спортски икони. Сѐ е поврзано со сопствениците на клубовите за кои тој настапуваше, за спортските и модни спонзори што ги рекламираше и за неговата сопруга, познатата музичка ѕвезда Викторија, поранешна членка на музичкиот состав „Спајс грлс“. Во почетокот играше добар фудбал и беше извонреден фудбалер и лидер на Манчестер јунајтед.
Подоцна, со тек на времето, како славен фудбалер продаваше дресови во милионски тиражи, особено кога играше за Реал Мадрид. За нив повеќе беше манекен и фотомодел отколку фудбалер кој треба да дава голови. Нив сѐ поретко ги постигнуваше. Но, производите на спонзорите што ги рекламираше и понатаму се продаваа како алва и секој сакаше да ги има и да мисли дека изгледа како Бекам. Ова подеднакво се однесува на долната облека „армани“, спортската опрема „адидас“, модерните фризури што ги диктираше, модните парчиња на врвните светски брендови што ги носи, а да не го заборавиме и тетовирањето кое стана навика безмалку на сите врвни спортисти и припадници на светскиот крем, токму по заслуга на Бекам. Сѐ повеќе се нагласуваше неговата присутност во медиумите, убавото лице и згодното тело, додека фудбалските способности се потиснуваа во втор план. Допадлливоста ја надвладеа стручноста, т.е. спортското умеење. Пред сѐ убавината на слободните удари од кои даваше голови на начин што ги излудуваше противниците. Неговите прецизни додавања веќе ги немаше, а постигнатите голови беа вистинска реткост. Денес Бекам навистина веќе не е познат по постигнатите спортски резултати, туку по високите трансфери, рекордната заработувачка, однесувањето надвор од теренот, начинот на облекување, физичкиот изглед, тетовирањето и лакирањето, фотосесиите, насловните страници на модните списанија и жолтиот печат. Тој повеќе е славна јавна личност отколку успешен спортист. Како и да е, младите и натаму го обожаваат, лудуваат по него и се трудат да изгледаат како него. Бекам е нивната омилена спортска и модна икона. Феномен кој се обожава. Тоа тешко може да се објасни со факти и рационално. Можат да помогнат само емоциите.
Дејвид Бекам како модна икона
Дејвид Бекам. Најголема и неповторлива модна икона. Повеќе од фудбалер, манекен и модел, многу повеќе. Едноставно човек со стил, препознатлив изглед и голема харизма. Тоа е оригинален метросексуалец и светска ѕвезда со најјак сјај. Глобална икона на стилот и бренд за сите млади од светот. Модерен фраер кој постојано ги менува стиловите, но фраер чијшто поединечен аутфит е беспрекорен. Заштитно лице на кампањата на Армани со која предизвика големо и светско внимание. Има префинето чувство за стил со кој остварува огромно инспиративно влијание врз мажите и жените низ целиот свет. Посакуван фраер со истенчено чувство за стил и префинетост за облекување и изглед. Личност, која има огромно инспиративно влијание врз мажите низ целиот свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.