Чак Бери е архитектот што ги постави темелите на еден од најпопуларните музички жанрови – рокенролот. Тој уште во 1955 година свирел ритам, блуз и кантри-музика заедно со пијанистот Џони Џонсон. Метафорично кажано, тој е таткото од чијшто ритам, блуз, свинг и кантри-музика беше зачнато бебето што го крстија рокенрол. Чарлс Едвард Андерсон, попознат како Чак Бери, роден е во 1926 година во Сент Луис, Мисури, од мајка Марта и од татко Хенри. Растел во дел од градот каде што живееле исклучително Афроамериканци, припадници на средната и на сиромашната класа. Средината во која се родил и растел била толку сегрегирана што тој дури во својата трета година првпат видел белец. Во младоста, прво се интересирал за столарството (занаетот на неговиот татко) и за фотографијата (неговиот чичко бил професионален фотограф). Љубовта кон музиката ја наследил од својот татко, кој многу рано го однел во црква да пее во хорот, а во средно училиште веќе почнал да учи свирење на џез-гитара. За него во музиката сѐ почнало во раните 50-ти години од 20 век во „Космополитен Клуб“, во Сент Луис, кога настапувајќи забележал нешто многу интересно: штом во својот вообичаен репертоар од хитовите на Нет Кинг Кол и на Моди Вотерс ќе додал и неколку кантри-песни, не само што црните посетители веднаш почнувале лудо да играат туку и бројот на белите танчари на подиумот се зголемувал. Секогаш пазарно ориентираниот Чак Бери насетил дека тоа е рецепт за успех, па така со голема инспирација и креативност ги споил елементите на кантри, блуз и на поп со неговите сопствени гитарски рифови, со играчките ритми и интересни стихови, со што создал нов музички израз со кој се обратил на сите, а особено на новата, штотуку стасана публика – тинејџерите. Така, со виртуозна свирка, енергичен сценски настап и со многу танчарски чекори го привлекол вниманието на публиката. Како на црните, така и на белите љубители на музиката, но и на големите музичари каков што бил блузерот Моди Вотерс, чиишто композиции ги изведувал на почетокот на својата музичка кариера. Чак Бери во таков стил ја создал и нумерата „Maybellene“, која, според многу познавачи на музиката, е прв рокенрол-хит продаден во повеќе од еден милион примероци. Откако публиката го прифатила и засакала, тој почнал неуморно да снима музика и да создава хит по хит, да свири во живо во концертните сали во Алабама, Тексас и во Мисисипи. Вообичаено, на неговите концерти тинејџерите танцувале, скокале, врескале и лудо се забавувале.
„Неговите текстови блескаа над сите други и го претставуваа американскиот сон во една друга светлина. – Ти беше извонреден и твојата музика секогаш ќе биде во нас“.
Мик Џегер
Автор е на познатите, назаборавни, неповторливи и вонвременски рокенрол-нумери „Maybellene“, „Roll Over Beethoven“, „Rock And Roll Music“, „Johnny B. Goode“ и „Carol“, кои сите се искачија на топ 10 листата на хитови во САД и станаа најголеми рокенрол-хитови и евергрини. Нивни основни карактеристики се интересните игри на зборови, наелектризираните гитарски рифови и идентификацијата со тинејџерските желби, барања, грижи и проблеми. Како тој го создаде рокенролот? Можеби најсоодветен одговор е со крајно едноставно забрзување блуз-мелодии и ритми и текстови интересни за тинејџерите – љубов, забава, брзи автомобили и слично. Секако, тој е и магичен играч на лирските стихови, господар на гитарските рифови и втемелувач на моделот на матрица за сѐ што подоцна се појави во рокенролот. Рокенрол-пионер, но и ненадминат рокенрол-генијалец. Беше голем рокенрол-теоретичар, концептуален музички гениј, инвентивен композитор, кој најдобро знаеше што им е потребно за забава на тинејџерите. Без неговите заразни рифови светот ќе ги немаше, на начинот на кој ги има „Битлс“, „Ролингстоунс“, Боб Дилан, а ние, на нашите простори, „Бјело дугме“, „Азра“, „Рибља чорба“ и многу други рок-состави.
„Најголемиот гитарист и рокенрол-музичар што живеел некогаш“.
Брус Спрингстин
Културата, реалноста и историјата на САД не се исти по Касиус Клеј (Мохамед Али), Мартин Лутер Кинг, Мајк Џордан, Опра Винфри, Мајкл Џексон и Барак Обама. Но…. во оваа низа на надарени поединци со афроамериканско потекло, Чак Бери е случај од посебен тип бидејќи потекнува од југот и се појавува во времето на суровата расна сегрегација. Неговиот музички триумф се рефлектира во вистината дека нехуманата реалност на своето растење ја претопуваше во поучни и полезни приказни за слободата и за радоста на животот. Вреди за миг да застанеме и да размислиме што тој, навистина, ни значи. Освен што ја измислил рокенрол-гитарата, го постави новиот модел на комбинацијата текстописец / изведувач, модел што ќе направи револуција во музиката, и беше бунтовник кога Мик Џегер и Кит Ричардс носеа куси панталони, мислам дека секој рокенрол-музичар му должи сериозна благодарност. Но, истовремено и секој модерен блуз, џез, фанк, хип-хоп и рап-уметник. Фактот дека во Куќата на славните во рокенролот во 1986 година е примен како прв нејзин почесен член, ни потврдува дека тој е автентичното срце на рокенролот, музичката сила за сите времиња и повеќе од сопственик на епитетите гениј и легенда на музиката. Не станува збор само за генијален гитарист, добар пејач и извонреден забавувач, туку, што е еднакво важно, се работи и за брилијантен текстописец, голем инспиратор и лик каков што се раѓа еднаш во епохата. Како творец на музиката, која во исто време беше и егзотична и нормална, нѐ научи да не се плашиме од новото, непознатото и прогресивното. Со своето творештво ги допре највисоките височини и ги оствари најслатките сништа на рокенрол-музиката, па се дрзна преку музика директно да им се обрати на Бетовен и на Чајковски, длабоко убеден во себе дека еден ден и тој ќе влезе во редот на таквите бесмртници. Многумина велат дека рокенролот, тоа се… Чак Бери и Елвис Присли заедно. Никој не знае што би било со популарната музика во втората половина на 20 век доколку Чак Бери се родеше како белец, а Елвис Присли како црнец, вели стариот рокер Пеца Поповиќ? Со каков ракопис, во тој случај, би се пишувала историјата на рокенролот? Елвис, навистина, е кралот на рокенрол-кралството, ама Чак Бери е и татко, но и кум на истиот тој рокенрол. А и обајцата, најголеми хитмејкери. Белиот Елвис пеејќи црна музика стана сензација за сите времиња. Црниот Бери, смислувајќи нов звук, засекогаш ги спобудали белите тинејџери, го освои terra incognita просторот и таму ги постави темелите на чудото наречено рокенрол. Елвис беше супериорен глас, а Чак создавач на новото чудо. Елвис ги поставуваше законите и рекордите на рокенрол-бизнисот, а Чак беше алхемичар на магичниот котел во кој кантрито, блузот, џезот, госпелот и свингот се претворија во најблагородната форма на рокенрол.
„Почивај во мир. И мир и љубов. Чак Бери, мистер рокенрол“.
Ринго Стар
Чак Бери важи за највлијателен автор на рокенролот на сите времиња. Прогласен е за првиот поет на рокенрол музиката. Неговите познати хитови „Sweet Little Sixteen“, „Memphis, Tennessee“, „Nadine“, „No Particular Place to go“, „You Never Can Tell“, заедно со тие веќе напред споменати, со леснина влегуваа во колективното уво и се претвораа во златни стандарди на рокенрол-музиката, кои никогаш не застаруваат и со исто уживање се слушаат и изведуваат и денес како и во времето кога и се создадени. Кој сака да слуша убав и изворен рокенрол, мејд бај Чак Бери, неизоставно мора да ги ислуша албумите „One Dozen Berrys“ (1958), „Chusk Berry Is On Top“ (1959), како и концертниот албум, кој воедно е и филм „Haill! Haill! RocknRoll“ (1987), на кој како гости се појавуваат Кит Ричард, Ерик Клептон, Роберт Кеј и многу други. На овој Шекспир на рокенрол музиката капа му симнуваа сите вклучувајќи ги „Бич бојс“, Боб Дилан, Брус Спрингстин, „Ролингстоунс“ и многу други. Во таа смисла, најголемото признание за него го изрече Џон Ленон велејќи дека доколку мораме на рокенролот да му дадеме некое друго име, тоа може да биде само името Чак Бери. Не помалку значајно е и признанието од Тед Нуџебд, кој своевремено изјавил дека кој не знае да ги отсвири сите „цаки“ на Чак Бери, тој за себе не може да каже дека знае да свири рокенрол.
„Да живее Чак Бери! Никој од нас немаше да биде тука без него“.
Лени Кравиц
„Згасна една од моите најголеми светлини“.
Кит Ричард
Остана препознатлив по шпагата, која ја правеше за време на своите настапи на музичките концерти и по неговото надалеку познато „патка – одење и потскокнување“ со гитарата на која свири, стил што денес го имитираат многу познати музичари и гитаристи. Во 1984 година ја доби наградата „Греми“ за животно дело, а во неговата деветта деценија од животот и наградата Полар, која ја доделува Шведската кралска музичка академија, која музичарите ја нарекуваат и Нобелова награда за музика. Во 2012 година здружението ПЕН од Нова Англија му го додели највисокото признание за текстовите на неговите песни што имаат извонредна книжевна вредност. Во таа пригода таква иста награда доби и познатиот кантавтор Леонард Коен, кој за Чак Бери изјави „Сите ние останати сме само фусноти на името Чак Бери“. Списанието „Тајм“ го стави на својата листа со 100 најдобри гитаристи на сите времиња, додека, пак, списанието „Ролинг стоун“, го рангираше на петтото место на топ-листата на „Бесмртници“ – 100 најголеми уметници на сите времиња. Бидејќи неговите хитови се неделив дел од културниот идентитет на човештвото, композицијата „Johnny B. Goode“ е ставена на Златната плоча што „Vojager“ 1977 година ја однесе во вселената, заедно со музиката на Бах, Моцарт и на Стравински, индиската раге и бугарските народни песни. Исто така, неговите хитови се и музика за филмските блокбастери „Враќање во иднината“ и „Петпаречки приказни“. Освен музиката, имаше и друга страст – автомобилите, и тоа исклучително од марката „кадилак“, кои ги имаше на десетици во својот возен парк. Еден од нив, црвениот „кадилак елдорадо“ и неговата гитара „Гипсон“, наречена „Maybellene“, денес се изложени во престижниот Национален музеј на африканско-американската историја и култура „Смитсонијан“, Вашингтон. Познато е дека легендарниот рокенролер имаше проблеми и со законот, па така четири пати во својот живот одлежуваше казна затвор. Тоа не го спречи да создава музика и да свири сѐ до својата 90. година од животот. Тој во октомври 2016 година го најави својот најнов албум, едноставно наречен „Chuck“, посветен на неговата сопруга Темета Теди Бери, која му роди четири деца. Инаку, со неа тој беше во брак цели 68 години, сѐ до својата смрт на 18 март 2017 година. Најверојатно затоа, писателот Стивен Кинг, по повод смртта на Чак Бери ќе изјави: „Почина Чак Бери. Тоа ми го скрши срцето, но 90 години не се толку лоши за рокенрол. Џони би гуд засекогаш’’. И навистина е така – Џони би гуд засекогаш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.