| четврток, 6 декември 2018 |

Американската Леар почнува со реализација на инвестицијата во Полошко

леар

Американската корпорација Леар ја почнува реализацијата на инвестицијата вредна над 15 милиони евра во полошкиот регион. Договорот денеска ќе го потпишат претставници на Леар Корпорацијата и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак.

Компанијата почнува со производство на автомобилски навлаки за седишта првично во Гостивар, каде ќе се вработат околу 300 лица, а планира и изградба на нов објект во ТИРЗ Тетово и вработувања на 1500 до 2000 лица до 2018 година. Согласно нивното искуство постои потенцијал тој број да достигне и до 3.000 нови вработувања.

Објектот во ТИРЗ Тетово треба да биде готов до средината на 2016 година, а  производството е наменето за сите големи европски автомобски производители.

Намерата за инвестирање во Македонија оваа компанија ја потврди на 19 мај 2015 година. Министерот Самак и неговиот тим повеќе од две години работат интензивно на убедување на Леар оваа инвестиција да се лоцира во Македонија.

– Горди сме што ова е веќе втора по големина фирма од рангот на Fortune 500  која одлучи да инвестира во Македонија покрај големата конкуренција во регионот. Особено значајно е што со оваа инвестиција ќе се отворат модерни работни места за многу млади и искусни луѓе во Гостивар и Тетово. Со оваа одлука само ја покажуваме нашата одлучност да бидеме најдобра дестинација за странските инвеститори и да се бориме за нови работни места – истакна министерот Самак.

Корпорацијата Леар ( Lear Corporation  ) е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот и производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на Леар се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на приближно 132.000 вработени лоцирани во 34 земји. На листата на Fortune 500, Lear e рангирана на 177 место. Седиштето на Леар се наоѓа во Саутфилд, Мичиген.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top