| четврток, 6 декември 2018 |

АХВ: Стафилокока најдена во макароните, кај готвачот, послужувачот на храната и на работните површини

lear

Стафилокока ауреус во макароните, кај готвачот и кај лицето што ја послужувало вечерата, е причина за минатонеделното труење на вработените, вкупно 120, во фабриката „Леар“.

Ова го потврди денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако ги доби резултатите од извршените лабораториски испитувања на земените мостри од храна и брисевите од работните површини од кујната на објектот каде што се подготвувала храната за потребите на фабриката од Тетово и од мензата.

Според АХВ, поднесена е прекршочна пријава за операторот со храна, а, најверојатно, ќе биде поднесена и кривична пријава.

– Со испитувањата е утврдено присуство на бактеријата и во дел од брисевите земени од работните површини во кујната каде што се подготвувала храната . Објектите за подготовка и за послужување на храната (кујната и мензата) се затворени, инспекциските служби наредиле мерки за отстранување на констатираните недоследности со вонредната контрола која ја спроведоа тимови на АХВ, санитарната инспекција и Центарот за јавно здравје во присуство на јавен обвинител – информира АХВ.

Објектите за подготовка и за послужување храна ќе бидат повторно отворени по спроведувањето на наредените мерки и по извршените повторни лабораториски испитувања на земени мостри од брисевите од работните површини, со кои ќе се потврди безбедноста.

– Операторот со храна задолжително ќе мора да се регистрира, бидејќи со контролите е констатирано дека ниту тој, ниту мензата каде што се послужувала храната не се евидентирани во Агенцијата за храна и ветеринарство, а лицата што ќе бидат ангажирани во подготовката и послужувањето на храна ќе мора да бидат здрави, да имаат валидни здравствени книшки и помината обука за работа со храна. Задолжителна мерка што ќе мора да се спроведе пред да се почне со работа во кујната и мензата е и вршењето дезинсекција, дератизација и дезинфекција – посочува АХВ во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top