Американската корпорација Леар ја почнува реализацијата на инвестицијата вредна над 15 милиони евра во полошкиот регион. Договорот денеска ќе го потпишат претставници на Леар Корпорацијата и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак.
Компанијата почнува со производство на автомобилски навлаки за седишта првично во Гостивар, каде ќе се вработат околу 300 лица, а планира и изградба на нов објект во ТИРЗ Тетово и вработувања на 1500 до 2000 лица до 2018 година. Согласно нивното искуство постои потенцијал тој број да достигне и до 3.000 нови вработувања.
Објектот во ТИРЗ Тетово треба да биде готов до средината на 2016 година, а производството е наменето за сите големи европски автомобски производители.
Намерата за инвестирање во Македонија оваа компанија ја потврди на 19 мај 2015 година. Министерот Самак и неговиот тим повеќе од две години работат интензивно на убедување на Леар оваа инвестиција да се лоцира во Македонија.
– Горди сме што ова е веќе втора по големина фирма од рангот на Fortune 500 која одлучи да инвестира во Македонија покрај големата конкуренција во регионот. Особено значајно е што со оваа инвестиција ќе се отворат модерни работни места за многу млади и искусни луѓе во Гостивар и Тетово. Со оваа одлука само ја покажуваме нашата одлучност да бидеме најдобра дестинација за странските инвеститори и да се бориме за нови работни места – истакна министерот Самак.
Корпорацијата Леар ( Lear Corporation ) е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот и производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на Леар се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на приближно 132.000 вработени лоцирани во 34 земји. На листата на Fortune 500, Lear e рангирана на 177 место. Седиштето на Леар се наоѓа во Саутфилд, Мичиген.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.