И покрај виулиците и ветрот можете да го забележите и во зима, присутен е и напролет и во текот на рана есен, но, според многумина, најдобро можете да го доживеете меѓу мај и септември. Чудесниот звук на природата, кој ве допира кога сте во дворот на „Свети Јован Крстител“, а за кој зборуваат многумина што го посетиле манастирот, сѐ уште е енигма. Веројатно ниту научниците не ќе можат да откријат дали Крчин праќа тајни пораки или Радика преку жуборот на своите диви води раскажува за вековите пред нас или, пак, природата на свој начин ја раскажува приказната за Бигорскиот манастир. Духовната енергија се чувствува со сите човечки сетила кога ќе се загледате во хоризонтот кон Ростуше, Требиште и кон Битуше и потаму кон Дешат. Со помал или поголем интензитет неа ја чувствуваат сите, и христијани и муслимани, и патници намерници, и авантуристи што патуваат од запад кон исток, и редовни верници, кои не можат да замислат да го поминат патот од Дебар кон Маврово, а да не застанат и да запалат свеќа за здравје на најблиските.
Не е тајна дека основачите на речиси сите македонски манастири избирале посебни локации за изградба на објекти од каде што се ширело христијанството на овие простори. Ако тргнете од „Трескавец“ преку „Свети Наум“ и „Зрзе“, сѐ до „Рајчица“, секаде глетката и вибрациите што ги доживувате се фасцинантни. И секаде може да се почувствува дека природата зрачи со посебна енергија. И во Бигорскиот манастир не ви треба посебна научна потврда за тезите дека и тој, како и другите светилишта, е лоциран на силна енергетска точка.

Духот на новата библиотека може да го почувствува секој гостин
Игуменот Партениј – позитивната сила на манастирот
Но не е само природата и исконското тоа што ја создава оваа енергија. Луѓето во него пред се, се главната причина за сите позитивни сили што ќе ги почувствувате во вековните ќелии сместени над долината. Игуменот Партениј нѐ пречека во дворот, придружен од своите собраќа, постојано давајќи им сугестии на десетината мајстори што дента кога „Република“ беше таму работеа на поставување на оградите од обновените делови на манастирот. За момент беше разочаран. Не му се допаѓаше што тешките масивни огради од дабово дрво се претемни, но веднаш се насмевна и рече дека не е страшно, напролет може да се интервенира за да се среди работата. По титула е архимандрит, но за многумина и овде во мавровско-реканско–дебарскиот крај и во Полошко и во Охридско тој е и владика и надвладика. „Титулите не го прават човекот, делата и господ Бог се тие што нѐ определуваат кои сме и какви сме“, вели Партениј за кого единството во црквата и во народот е поважно од какви било лични придобивки и позиции. За жал, тој е меѓу малцинството во МПЦ ОА, кој зборовите ги претвора во апсолутна вистина во овој контекст.

Отец Кирил е библиотеркарот одговорен за прастарите книги

Мобилниот телефонот постојано ѕвони. Го бараат за совет, за утеха, за помош, за да го прашаат како е со здравјето. Тешко е веднаш да се погоди дали тој му ја дава енергијата на манастирот или целата историја и искуство на светилиштето говори преку неговата појава. Целосна спиритуална кохезија меѓу двата ентитета. Сѐ друго е нелогично и неприродно.
Како голобрадо момче се движи по скалите, кои на моменти не се соодветно обезбедени поради работните зафати, но тоа не е проблем за игуменот. Го знае секој најмал и навидум најневажен дел од 10.000 квадратни метри, колку што Бигорскиот манастир има затворена површина. Секоја детаљ, од модерните ламби закачени на ѕидовите од ходниците, а кои едвај можете да ги разликувате од старинските газиени ламби, па сѐ до големиот клуч од новата кујна, се избрани со посебна процедура, со посебен напор. И сѐ со цел изгорениот манастир и духовно, но и естетски безболно да ја продолжи врската со традицијата негувана со векови.

Најдобриот глас во византиското
црковно пеење
Прошетката нѐ води до стоматолошката ординација. Единствена во Македонија сместена во манастирски комплекс. Оваа овде не работи со сини картони и со партиципација. Игуменот знае веднаш што ќе прашаме и самиот објаснува. Во неа работат гости-стоматолози, негови духовни чеда, кои самите доаѓаат кога ќе можат, најчесто за викенди и за празници. Се користи за одржување на денталната хигиена на монасите и на луѓето што работат во манастирот, но, пред сѐ, е активна при третманот на зависниците, кои овде, под закрила на Бога и на духовниот тим на Партениј, го наоѓаат толку потребниот мир за прекинување на контактот со лесни и со потешки дроги. Откако ќе прекинат со користење на наркотиците, зависниците се соочуваат со проблеми со забите и затоа место да одат на забар надвор од манастирот и да се соочуваат со искушение, тие сега се третирани внатре. Стотици, можеби, илјадници души што побарале лек за своите кризи досега се спасени со молитва и со други духовни методи за кои не сакавме да прашуваме. Тоа што е јасно и без да прашате е дека главната состојка на третманот е огромната љубов и желбата да им се помогне на загубените души, кои од разни причини влегле во пеколот наречен дрога.

Новата кујна е по сите стандарди
Користењето интернет е дозволено само со дозвола на игуменот. Ова се зборовите на натписот закачен пред административната канцеларија на Бигорскиот манастир. На компјутерот фонтот е на македонски, руски, англиски, грчки, италијански јазик. Барем толку забележавме ние барајќи начин да комуницираме со надворешниот свет. Дваесетте монаси и десетината монахињи во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во селото Рајчица кај Дебар, на дваесетина километри од овде, заедно говорат дваесетина јазици. Како функционира тоа во реалниот живот видовме на самиот почеток на нашиот престој кога група од дваесетина туристи, кои претходно се помолија пред чудотворната икона на „Свети Јован Крстител“, сакаа да дознаат нешто повеќе за манастирот во чест на светецот. Меѓу нив имаше и Руси и Украинци, и Грци и Романци, и сите тие од игуменот Партениј добија одговор на јазикот на кој го поставија прашањето. Но не е само тоа причината што манастирот секоја година е сѐ попосетен од странски верници. Сите што дошле овде повторно се враќаат и со себе носат свои пријатели или ја пренесуваат својата верзија за убавината и за моќта на манастирот. Еден од нив е гркот Панајотис Сомалис, еден од најдобрите гласови во византиското црковно пеење на нашето време, кого авторот на овој текст го запозна пред неколку години на Илинден во селото Лазарополе, во црквата „Свети Ѓорѓи“. И покрај тоа што таму беа поглаварот на МПЦ и владиците Агатангел и Тимотеј, главен лик, поради својот глас и лидерство во пеењето црковни песни на илинденската литургија, беше Гркот Панајотис, кој неретко е на гости во конаците на „Свети Јован“. Стотици Грци секоја година се гости на манастирот, најмногу поради добрите пријателски врски на Бигорскиот манастир со светогорските манастири, како и со многубројни црковни великодостојници од Грција.

Трпезаријата е најголема во Македонија – има место за 270 гости
Влеговме и во кујната каде што секојдневно се готви во новата опрема, која ги задоволува стандардите ХАСАП. Покрај модерните апарати за домаќинство можат да се забележат нови решенија за фурните што се распаднаа во катастрофалниот пожар, сите тие се направени во оригинален стариниски стил и се еднакво функционални. Овие денови во Бигорскиот манастир, сосе мајсторите, има по стотина луѓе, а за празници и за викенд бројката на луѓе достигнува и 200 од кои 20 се монаси. Сместени се во мали ќелии–соби, во кои, како и некогаш, има само кревет и скромен гардеробер. И монасите и мајсторите и штитениците веќе почнаа да ја користат новата голема трпезарија, најголема во Македонија. Собира 270 гости и иако сѐ уште не е готова веќе е сефтосана. Во еден дел од неа својот оброк го добиваат домаќините и гостите. Сите заедно, на чело со архимандритот. И таа, како и најголем дел од обновените делови на манастирот, е изградена со помош, за неа е платен само материјалот, а изведбата е дар од многубројните донатори.

Отец Арсениј е основачот на манастирот „Свети Јован Крстител“
Верниците помагаат
Многумина се јавија за помош, вели Партениј, сите ги запишувавме за што се подготвени да помогнат и како што доаѓа време контактираме со нив. Никој не го повлекол зборот. По почетните проблеми со проектот, при што најголемата дилема била дали да се гради само според дамнешните градежни правила или според модерната технологија и да се зачува старинскиот стил, сега манастирот нема административни проблеми за прием на директни донации, со кои располагаат монасите, а нема проблем ниту со финансиите. Владата тука е клучниот играч, вели Партениј и му се заблагодарува на Бога за разбирањето што го имаат премиерот Груевски и Владата за потребите на манастирот.

Параклисот Свети Никола се слика 3 години
Игуменот Партениј нѐ однесе и во визбата каде што се чуваат бурињата со расол но и огромен број тегли и зимница. Дел од неа ја правиме сами, а голем дел носат и гостите, вели тој и ни објаснува колку е тешко да се обезбеди храна за сите луѓе во текот на целата година. И гостите знаат дека не е лесно да се обезбеди храна за луѓето што гравитираат кон ова светилиште, па затоа овде ретко кој доаѓа, а да не донесе нешто „на помош“.

Масата за правење на кори за баклава
Во еден дел од манастирот се наоѓаат простории во кои е поставена специјална маса на која еден од монасите – пекари прави кори за баклава. Овој производ на бигорското братство, заедно со познатата бигорска мастика, на која стои пораката „пиј но не опивај се“,се очекува во наредниве години да стане еден од најпознатите марки на таканареченото недуховно производство на манастирот. За духовното и за верското значење, за иконите и за надалеку прочуениот иконостас за кој легендите велат дека Тито можел да добие 10 милијарди долари кредит, како и за другите историски и верски прашања поврзани со манастирот, можете да прочитате на одлично подготвената веб-страница bigorski.org.mk.

Цела „Република“ е претесна за да се каже сѐ
Во оваа репортажа се обидовме да посведочиме за тоа како се одвива обновата на храмот за кој многумина, и тоа од различни вери и нации, пуштија солзи во тоа мрачно утро на 30 септември 2009 година. Ретко кој ќе противречи дека ниту во најголемата книга на светот нема доволно простор да се опише енергијата што зрачи од долината на Радика спроти Ростуше. Затоа двата капитални дела од обновените простории, библиотеката и новиот параклис, ви ги пренесуваме преку фотографии. Игуменот Партениј не го кажа зборот „восхит“, но се чини дека токму со него може да се опише изразот на неговото лице кога говореше за библиотеката и за параклисот во чест на „Свети Никола“ на кој веќе три години работи младиот уметник Горан Боев од Кавадарци, заедно со сестра Ана од Рајчица, чијшто извонреден талент може да се мери со кој било академски уметник. А библиотеката и духот што го шири и како место каде што блика мудрост и како архитектонско решение не може да се почувствува само преку слика. Среќниците што ќе имаат можност да влезат во неа ќе се сетат на овие зборови кога ќе ги видат столбовите на кои почива. И ќе ја разберат симболиката на нејзините столбови и зошто ги носат токму дадените ликови и имиња.
пишува: Горан Момироски
фото: Република
Текст објавен во 70. број на неделникот „Република“, 3.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување


