Патуваме од Скопје, преку Тетово и Гостивар, па преку Маврово влегуваме во живописната клисура на реката Радика кон Дебар. Поминувајќи крај импресивниот Бигорски манастир, доаѓаме до крстопатот наречен Бошков Мост на неколку километри пред Дебар. Тука се упатуваме лево, по добар асфалтен пат, по околу 5 километри почнуваме да се искачуваме по кривулест асфалтен пат што води во планинските висини на Бистра. Откако ќе ни се создаде чувство дека сме на небо, пред нас, на надморска височина од 1.350 метри, се отвора голема висорамнина на чиишто карпести делови се појавуваат куќи, најчесто двокатни и трикатни, изградени од камен кои потсетуваат на средновековни тврдини. Во таквата прецизна архитектонска организација нѐ пречекува Лазарополе. Овде годинава првпат се одржува манифестацијата „Лазарополе цути“, посветена на нарцисите кои покриваат цели полиња од недопрената природа, наречени „ливаѓето“ меѓу лазоровци. Поранешни жители на селото и гости од цела Македонија присуствуваа на манифестацијата, која уште еднаш им ги откри недопрените убавини на овој планински бисер и неговата неповторлива околина проследена од зурлите и тапаните на Мајовци. Лазарополе годинава е домаќин и на работилницата за амбиентална музика, поетскиот карван на Друштвото на писателите на Македонија, на „Лазарополе фест“…
Селото е највисоката и најубава селска населба во Македонија. Сместено во југозападниот дел на живописната планина Бистра, со извонреден поглед кон долината на Мала (Гарска) Река и кон планината Стогово. Додека во жешките летни денови температурата во градовите се искачува и над 40 Целзиусови степени, во Лазарополе таа ретко надминува 30 степени.
– Овој простор се одликува со најголемо количество врнежи во Македонија, што овозможува изобилството на шуми кои го прават воздухот кристално чист, свеж и лековит. Поради тоа, Лазарополе е познато како место со најчист воздух на Балканскиот Полуостров – раскажуваат мештаните.
За настанокот на селото постои интересна легенда, според која селаните, бегајќи од Турците, се скриле во пештерата, која секогаш ги засолнувала при слични закани. Меѓутоа, за несреќа, откако Турците се оддалечиле од пештерата, Калина почнала да пее. Турците ја слушнале, го запалиле влезот на пештерата и сите селани се задушиле од чадот, освен Лазар, кој подоцна го основал селото кое денес го носи неговото име.
– Името на Лазарополе произлегува од старословенскиот збор „лазоръ“ што означува големо пространство без шума. Инаку, историски се смета дека Лазарополе настанало од раселените жители на две позначајни селски населби. Првото е Главино Село, кое се наоѓало на северозапад од Лазарополе и за кое се претпоставува дека било главно село во мијачкиот регион. Остатоци од ѕидови и темели на куќите од ова село сѐ уште се видливи на неговата локација. Второто село е Лопушник, кое се наоѓало на исток од денешно Лазарополе, а од него останало само името на месноста. Трагајќи по стари историски извори за потеклото и далечното минато на Лазарополе, дознаваме дека тоа од своето постоење било населено со Македонци од православна вероисповест – вели етимологот Блаже Смилевски.
Денес Лазарополе има само двајца жители, односно официјалниот број преку зима е еден жител. Тие со жалење раскажуваат дека во 1900 година селото имало дури 3.000 жители, но потоа бројката се намалувала.
– Според пописот на населението од 1953 година, селото сѐ уште било релативно големо и броело 962 жители. Оттогаш бројот на население почнал драстично да опаѓа, на само 180 жители во 1971 година, 9 жители во 1981 година и 2 жители во 1994 година. Денес Лазарополе е туристичка дестинација бидејќи локалните жители одамна го имаат напуштено како трајно живеалиште. Повеќето од нив се враќаат за да ги реновираат старите семејни куќи и да ги искористат како прибежиште за одмор од летните жештини – велат мештаните.
Инаку, лазоровци, како што се нарекуваат самите, се прочуени како луѓе без влакно на јазикот кога е во прашање вистината. Секогаш насмеани, подготвени за шеги, песни и за оро, но, исто така, подготвени и „физички да се пресметаат“ со тој што ќе се обиде да излезе пред нив кога е во прашање водење на „Тешкото“.
Во Лазарополе се прави многу квалитетен кашкавал и бело сирење. Во минатото се продавале во поблиските и во подалечните места: во Битола, Солун, па дури и во Египет. За бројот на овците во минатото говори еден податок за прочуениот ќаја од Лазарополе, Ѓурчин Кокале. Мештаните раскажуваат дека кога неговата прва овца ќе стигнела во Солун, последната тргнувала од бачилата на Бистра. Познатиот шарпланинец сѐ уште е дел од стадата кои може да се забележат на ливадите. И ако од далечината ве здогледаат лазарополските шарпланинци, не плашете се. Тие ги пречекуваат патниците со весело мавтање на опашката. Лазарополе е познато и по локалната традиционална архитектура, летната уметничка колонија, како и поради околната недопрена природа. Кога се говори за Лазарополе, треба да се нагласи дека лазарополската носија, особено женската, е една од најпознатите во Македонија. Таа се одликува со невообичаено богатство на детали.
– Исклучително е слична со другите мијачки носии, како таа од Галичник, Тресонче, Сушица, Гари итн. На женската носија преовладуваат белата боја и црвената боја. Белите клашнени облеки, украсени со црни гајтани, се главна одлика на машката мијачка носија – велат етнолозите.
Главна селска црква во Лазарополе е црквата „Св. Великомаченик Ѓорѓи“, која неодамна беше ограбена и остана без иконите од импресивниот иконостас. Црквата била изградена во 1841 година и претставува монументална градба, опкружена со ѕидини од делкан камен. Ентериерот е дело на легендарниот Димитрие Перкоски (Дичо Зограф) од мијачкото село Тресонче.
Денес Лазарополе е препознатлива туристичка дестинација. Посетителите се рекреираат, пешачат и планинарат по многубројните патеки кои водат низ шумите и високите делови на Бистра, како и до соседните прекрасни мијачки села Гари, Тресонче, Селце и Росоки, и, секако, посета на манастирскиот комплекс „Св. Јован Крстител“. Освен тоа, овој предел е одличен за планински велосипедизам, јавање коњи, параглајдерство и едноставно набљудување и уживање во природата. За Лазарополе може уште многу да се пишува, но најубаво е да се посети и да се доживее. Тоа е родно место на голем број творци, поети, резбари и сликари. Тука се родени: Анте Поповски, академик, поет, есеист, препејувач, публицист, Симон Дракул, раскажувач, романсиер, драмски автор, сценарист, историчар, преведувач, Ѓурчин Кокалески, преродбеник и писател, кнез и претприемач, архимандрит Анатолиј, Исаија Мажовски, македонски национален деец, Васил Икономов, учител, фолклорист, етнограф, печатар, преведувач, калиграф итн.
Со својата прекрасна положба, природа, архитектура и уникатност, Лазарополе претставува вистински предизвик за посета, особено во овие жешки денови, а ќе се вратите одморени, восхитени и полни со позитивна енергија од овој преубав крај на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Омразените макарони со сирење (ФОТО)
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување