| четврток, 6 декември 2018 |

„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната

Пробајте боза, ракија и вино, пинџур, макало, биено сирење и шкембе чорба, научете како се прават традиционални домашни пецива, наведува Интрепид травел во написот „Македонија: земја на питите, страста и изобилството“.

Авторите на оваа своевидна репортажа најпрво го пренесуваат искуството од престојот во Маврово и зборуваат за превкусните тиганици што домаќините им ги подготвиле за доручек. Воодушевени се и од мармаладот од сливи, ајварот, црвениот вранец,…

– Кога ќе седнете на софра, веднаш ви станува јасна поврзаноста на македонската кујна со земјоделството и локалното население. Пребогата е со зеленчук, најразлични бои и вкусови. Но, иако состојките во храната се типични за поднебјето, таа е микс од влијанијата на Балканот, Европа, Средниот Исток и Медитеранот, стои во написот.

Споделени се и гастро – доживувањата од посетата на Охрид, Јанче, како и од пчеларникот во Дихово.

– Зачудувачки и во исто време охрабрувачки е фактот колку и каква се храна може да се произведува, забележуваат авторите во разговорите со своите домаќини.

Тие си заминале од Македонија со тегла ајвар, традиционално сирење и мало шише ракија. – И, така, додека уживате во преубавото чувство што со себе сте понеле дел од Македонија, ви станува јасно без што не смеете да се вратите следниот пат, без чифт пошироки, еластични панталони, заклучуваат авторите.

Целата статија е објавена завчера, а има и линк кој води до конкретна туристичка понуда со наслов „Истражете ги Македонија и Црна Гора преку вистинска храна авантура – од Скопје до Котор“. Се нудат, како што е наведено, кулинарски задоволства, а турата почнува со пикник на Треска. Следуваат посети низ македонски села, цркви, водопади,…

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top