Пред една година се собравме оптимистички и ентузијастички, со желба да создадеме платформа за јавна дебата, да го слушнеме мислењето и на едните и на другите и да го пренесеме на јавноста. Се договоривме дека ќе го пофалиме она што заслужува да биде на пиедестал, ќе ја промовираме македонската култура, успесите на македонските спортисти, ќе ставиме акцент на квалитетната македонска музика, ќе потсетиме на историјата, ќе создадеме списание кои ќе биде пријател на секое семејство. Почетокот, како и секогаш, не е лесен. Низ смеа се сеќаваме на подготовките на првиот број, онака како мајка кога првпат ќе го земе в раце своето бебе. Збунети, исплашени, истовремено среќни. Го создадовме првиот број, онаков каков што беше, и, како што ветивме, бевме отворени за критики од сите – од читателите, од колегите, од бизнисмените.
Гледајќи ја архивата од 53 броја „Република“, со право можеме да кажеме дека ги претставивме работите онакви какви што се, поставивме една основа за политичка дебата. Им отстапивме простор на сите политичари, без разлика на која политичка партија припаѓаат. На нашите страници се најдоа министрите Никола Тодоров, Панче Кралев, Никола Попоски, се најде новиот извршен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриевски, пратеникот од оваа партија, Илија Димовски, собранискиот спикер Трајко Вељаноски, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Простор за мегаинтервју отстапивме на високи функционери и членови од СДСМ, како сегашниот лидер Зоран Заев, Гордан Георгиев, Стево Пендаровски, кандидатот за лидер на партијата Кире Наумов, на тогашниот член на СДСМ Владо Бучковски. Ги промовиравме и новите политички партии во земјава преку нивните лидери Љупчо Зиков и Стевче Јакимовски. Разговаравме и со пратеникот Сафет Бишевац, кој како независен пратеник ги поддржа политиката и ставот на СДСМ, Ивон Величковски од ЛП и со Ивица Боцевски од ЛДП. Им дадовме простор на претставниците од албанскиот политички блок, меѓу кои и лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи. Не ја изоставивме ниту ИВЗ преку Јакуп Селимовски. Разговаравме со многу странски и домашни стручњаци кои слободно критикуваа, фалеа, препорачуваа, советуваа. Горазд Чаповски и режисерот Дарко Митревски зборуваа за културата, а капитенот на македонската репрезентација Перо Антиќ даде ексклузивно интервју по потпишувањето на договорот за настап во НБА-лигата.
Имаше и такви кои критикуваа дека сме затворени иако неколку пати ги одбија нашите барања за интервју. Стигнаа многу пофалби, идеи, предлози од наши читатели. Денес слободно може да кажеме дека има публика за нашата „Република“.
И после сѐ, нашиот неделник останува на истиот пат – да биде отворен за дебата во која ќе има здрав разум. И натаму сме отворени за критики, кои секогаш се добре дојдени. Токму критиките, пред сѐ од читателите и од колегите, нѐ насочуваат кон вистинскиот пат. По една година опстојување на пазарот, ги прашавме уредниците на печатените медиуми во земјава што значеше појавувањето на „Република“ на медиумскиот пазар. Дел од нив го кажаа своето мислење, дел, преокупирани од обврска, не успеаја да одвојат време.
Зоран Димитровски,
главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“
Држете ги моќниците под будното око на критиката
Македонското новинарство закотвено во политички ровови, како да ги заборава основите на дејноста – информирањето, односно откривањето информации. Мислам оти „Република“ во текот на изминатата година се истакна со откривање информации кои се важни за општествениот и за политичкиот живот во Македонија.
Втората димензија важна за неделното или периодичното новинарство е продлабочената анализа на настаните и откривањето заднина, односно антиципирањето на она што допрва нѐ чека. „Република“ има почетни чекори во таа смисла, но потребни се и нови. Третата, ако можам така да се изразам, обврска за „Република“ е во иднина што повеќе да ги држи моќниците под будното око на критиката, без оглед дали се тие во власта, опозицијата, бизнисот или во некоја друга сфера на животот. Среќно!
Бранко Ѓорѓевски,
уредник во „Дневник“
Уште една надеж за неделниците
Добра работа е што „Република“ е конципирана и излегува како неделник бидејќи тоа е формат со кој, според мене, македонско новинарство кубури со години. Знаеме што во светското новинарство значат неделниците и каква тежина и сериозност треба да стојат зад нив и на нивните страници. Неславните искуства кои ги имаме со досегашните наши неделници, во смисла на нивното појавување и исчезнување од сцената, ме загрижува и наметнува прашање дали, навистина, како земја, како новинарска професија и читачка публика, не можеме да создадеме и издржиме еден и повеќе неделници на нашата медиумска сцена. Од тој аспект, се радувам на секој неделник кој почнува да ги живее годините.
Од друга страна, сакам и „Република“ да има многу разновидни содржини, многу повеќе да патува, низ земјава и низ странство, да прави досиеја, да открива теми пред другите… За тоа требаат и пари и луѓе во редакција. Вие сами знаете во какви услови и со колку луѓе ги правите сите броеви. Продолжете натаму, а силите кои ги имате внатре ќе ви ја определуваат иднината.
Ивона Талевска,
главна и одговорна уредничка на „Вечер“
Амбициозен проект
„Република“ содржински е квалитетен концепт – квалитетно изработен. Амбициозен проект кој ќе бара почетниот ентузијазам да биде одржуван и во следните години. Ако продажбата ви ги оправдува трошоците,тогаш ви следи перспективна иднина и причина плус да се радувате за годишнината. Честитки за роденденот и ви посакувам да доживеете најмалку 50 златни години, колку што годинава слави весникот „Вечер“.
Горан Трпеновски,
уредник во „Вест“
Успех е да опстоиш на пазарот
Да опстоиш на медиумскиот пазар во овие тешки времиња е успех и за новинарите и за медиумите. Ви посакувам многу години работа и поголем тираж.
Наде Стоиљковиќ,
главна уредничка на „Убавина и здравје“
Ослободени од сите стеги
Секој медиум е можност за ширење на слободата и демократијата во едно општество, а со секој нов медиум таа можност е поголема. Оттука и појавата на „Република“ на нашиот простор минатата година, во едно мошне турбулентно време, значеше поголеми можности за развој на демократските процеси. Особено тоа што со своето неутрално пишување и информирање придонесе за формирање независна јавна свест, која во ова време на политички влијанија ни е и тоа како потребна. Се надевам дека ќе продолжите да пишувате во тој дух, ослободени од сите стеги и дека ќе го задржите правецот што го фативте уште со првиот број. Ви ја честитам годишнината и продолжете натаму успешно да опстојувате на домашниот информативен простор.
Бранка Доневска-Најдовска,
уредничка на „Теа модерна“
Рамноправна борба
За таква млада и мала екипа, една година да се издржи на медиумскиот пазар сега и овде е повеќе од успех. Затоа најискрени честитки за роденденот. Се надевам дека натамошното присуство на „Република“ на пазарот ќе придонесе во рамноправната борба и при пласманот на информациите од интерес на граѓаните.
Билјана Здравковска Стојчевска
главен уредник на „Капитал“
Квалитетна фотографија, висок стандард
Искрени честитки за првиот роденден на „Република“. „Република“ покажа дека и во услови на големи искушенија и проблеми низ кои минуваат македонските медиуми може да се задржи високиот стандард, што го најави уште со првиот број, покажувајќи истенчена свест за пакувањето на својот производ преку квалитетот на фотографијата, на печатот, на графичкото планирање.
Редакцијата на „Капитал“ ви посакува многу голем успех и долговечност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


