Експертот на ОН со високи оценки за лустрацијата во Македонија најави дека отворањето на кодошките досиеја ќе го наведе како позитивен пример во својот следен извештај пред ОН, пишува „Дневник“.
Френк Ла Ру, специјалниот известувач на Обединетите нации за слободата на изразување, вели дека не ги селектирал медиумите со кои се сретнал при неговата посета на Македонија, туку дека преку канцеларијата на Светската организација во Скопје упатил покана до сите заинтересирани медиуми. Овој меѓународен експерт, кој упати критики до Македонија за слободата на медиумите, воедно го потврдува пишувањето на „Дневник“ дека неговата матична организација во Гватемала примала средства од глобалната мрежа на Фондацијата отворено општество на Џорџ Сорос, како и дека се сретнал со неговиот македонски разгранок, но инсистира дека тоа не влијаело на неговите ставови за македонските медиуми.
– Во Гватемала сум имал контакти со Фондацијата отворено општество, и да, тоа за што ме спомнуваат, тоа се случи пред 2-3 години во мојата стара земја. Тоа беше сосем поинаку и нема врска со мојот мандат како известувач за слобода на изразување, и сигурно нема врска со мојата посета на Македонија. Во Македонија, имаше состанок на организации од граѓанското општество, и Фондацијата отворено општество беше една од организациите кои дојдоа. Се сретнав со сите организации кои беа заинтересирани. Тоа е важно за мене, нема да исклучам било кого од состаноците, вели Ла Ру на прашањето дали при посетата на Македонија се координирал со Фондацијата отворено општество.
Како што „Дневник” објави по посетата на Ла Ру на Македонија, неговата соработка со Фондацијата на Сорос веќе била критикувана во американските медиуми, поради сомнеж дека институтот ја финансира работата на Центарот за правна акција за човекови права, невладина организација од Гватемала формирана од страна на Ла Ру, а за возврат, тој промовира ставови блиски до Фондацијата. Невладини организации поврзани со македонскиот разгранок на Фондацијата отворено општество се меѓу најистакнатите добитници на пари од меѓународни организации кои финансираат проекти поврзани со состојбата со медиумите во Македонија. „Дневник” го постави прашањето дали Ла Ру, како водач на организација финансирана од истата мрежа, ги координирал ставовите со Институтот, и е дел од неговата кампања по прашањето на медиумските слободи.
Ла Ру вели дека агендата на средбите во Скопје ги организирал сам, преку неговиот кабинет во Женева и во соработка со канцеларијата на УНДП во Скопје. Тој ги отфрла обвинувања и дека при неговата посета на Македонија ги селектирал медиумите.
– Немавме никаква агенда која луѓето требаше да ја видат или да не ја видат. Колку што знам, канцеларијата на ОН ги покани сите од печатот да дојдат на овој состанок. Тие што не дошле, тоа го направиле затоа што не сакале да дојдат. Информациите што ги добив од канцеларијата на ОН во Македонија се дека сите беа поканети да се сретнат со мене. Мене не ми е грижа за идеолошката позиција на кого било, особено од печатот, изјави Ла Ру.
При неговото обраќање во Фондацијата за нова Америка во Вашингтон, Ла Ру најави дека неговиот следен извештај, кој ќе биде изнесен пред Генералното собрание на ОН во октомври, е за потребата да се овозможи пристап до документите за кршење на човековите права. Според него, ОН мора да постават обврска пред државите членки да го почитуваат правото на слободно информирање и кога се работи за ваков тип документи, кои укажуваат на кршењето на човековите права што го вршат државните институции, и притоа правото на информирање да го имаат жртвите, нивните роднини, но и целото општество. На прашањето дали го следел македонскиот закон за лустрација, во рамките на кој е предвидено објавување на досиејата за кршење на човековите права на интернет, Ла Ру рече дека со задоволство ќе го внесе овој пример во неговиот извештај, како препорака до другите држави.
– Знам дека Македонија има таков закон, но не знаев дека овие документи се објавуваат на интернет. Ако е така, тогаш ќе ми биде задоволство да ја спомнам Македонија како позитивен пример, како добра практика, изјави Ла Ру за Дневник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.