Целосна доминација на домаќинот Стеауа во текот на целиот меч и само една шанса за индиспонираниот Вардар, вечерва на „Националната Арена“ во Букурешт.
Резултатот од 3-0 за Стеауа, не ја покажува вистинската слика на теренот, на кој домаќините беа супериорни во текот на целиот натпревар. Сите голови беа постигнати во првиот дел во кој играчите на гостинскиот тим играа неповрзано и нервозно како прв пат да настапуваат во фудбалска Европа.
Танасе, Пинтили и автоголот на голманот Павловиќ само ја потврдија супериорната игра на 24-кратниот шампион на Романија.
Вистинско чудо е што Вардар не доживеа уште потежок пораз, иако и вака е речиси неверојатно дека во реваншот во Скопје македонскиот шампион би можел да направи чудо и да се пласира во следното коло.
На теренот сепак меѓу најдобрите имаше и Македонец но тој играше за Стеауа. Даниел Георгиевски прикажа одлична игра и постојано беше опасен по десната страна за одбраната на Вардар.
За доминацијата на Стеауа, која има екипа од многу поголем калибар од македонскиот шампион, потврда се и сите статистички категории. Домаќините имаа дури 28 удари кон голот на Вардар, наспроти само два на скопјани, а да не беше голманот Павловиќ, кој бранеше одлично, гостите ќе отпатуваа со дузина голови во мрежата.
Реваншот е на 23 јули во Скопје, но се лини дека Стеауа ја заврши работата уште на првиот дуел вечерва и речиси сигурно ќе игра во третото квалификациско коло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


