Во рамките на својата посета на Саемот на книгата во Франкфурт по повод националното претставување на Република Македонија на оваа манифестација, министерот за култура, Асаф Адеми, денеска оствари средба и со директорот на Саемот на книгата во Лајпциг Оливер Зиле.
Како што соопшти Министерството за култура, на средбата Адеми истакна дека претставувањето на авторите од Република Македонија и на нивното творештво на саемите на книгата во светот е приоритет во културната политика на ова Министерство. Во таа насока, потенцираше дека секоја година како држава настојуваме да бидеме присутни на веќе етаблираните саеми на книгата во регионот, но и пошироко, на најзначајните манифестации од овој тип во меѓународни рамки.
– Република Македонија веќе неколку пати се има претставено на Саемот на книгата во Лајпциг и во ова претставување препознаваме одлична можност за промоција и афирмација на авторите од Република Македонија на меѓународниот пазар, забележа министерот Адеми, кој го информираше својот соговорник и за напорите за олеснување на пробивот на авторите од Република Македонија на меѓународниот пазар преку Конкурсот за странски издавачи кој го спроведува Министерството.
На средбата, се посочува, беше споделен заедничкиот интерес за претставување на Република Македонија во Лајпциг каде, веќе следната година, нашата држава би можела да биде присутна со концепција за претставување автори кои би предизвикале најголемо внимание на саемот, според актуелните тенденции.
Попладнево министерот Адеми присуствуваше и на настанот со кој се одбележа и се заокружи претставувањето на Република Македонија на Саемот на книгата во Франкфурт.
До крајот на годината, авторите од Република Македонија и нивното творештво ќе бидат претставени и на саемот на книгата во Тирана, како и на саемот во Пула, каде Република Македонија ќе биде земја во фокусот, стои во соопштението од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонски ден на саемот на книга во Франкфурт: Големите предизвици на малите јазици
-
Стефано Бисачи, агент за издаваштвото од Италија: Не постои формула за успех која гарантира бум на една книга
-
На саемот во Франкфурт, сè поголем интерес за македонската детска литература
-
Македонската литература на Саемот на книга во Франкфурт: Денес промоција на двата романи на англиски јазик на младата авторка Јана Мишо