| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски ден на саемот на книга во Франкфурт: Големите предизвици на малите јазици

За македонска писателка Лидија Димковска, „добрите преведувачи се вторите автори на делата“, но додава дека и „наградите, агентите и личните контакти ги отвораат патиштата на домашните автори на меѓународната сцена.“

На саемот на книга во Франкфурт денеска се одржа дебата на тема „Преку границите: предизвиците за меѓународна промоција на литературата на „малите јазици“, во организација на Македонската асоцијација на издавачи. За напорите на издавачките компании и авторите во освојување на меѓународната книжевна сцена говореа еден од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013, Лидија Димкова, Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата Tempi Irregolari, Гванца Јобова, потпретседател на Здружението на издавачи од Грузија, Катја Стергар од ЈАК Словенија како и Дарко Фиданоски, од МАИ.

Според учесниците клучно за успешна промоција е национална стратегија донесена на политичко ниво, во која ќе бидат вклучени сите – издавачите, авторите, агентите и  преведувачите.

Гванца Јобова од Грузија, чија земја идната година ќе биде почесен гостин на Франкфуртскиот саем, рече:

„Ние сме мала земја, но знаејќи ги можностите на овој саем докажавме дека можеме да зборуваме гласно за нашите потенцијали кои светот не ги познава. Ова е одлична промоција не само на нашата култура, туку и на туризмот, на економијата“.

„Сите инволвирани мораат да сфатат дека работите не се случуваат сами по себе и дека сите инволвирани мора многу да работат на промоција на сопствената литература“, вели Катја Стергар од Словенечката агенција за книга (ЈАК) и додава дека авторите, агентите и издавачите на ваквите саеми мораат да дојдат добро подготвени, со книги преведени на странски јазик, за да може успешно да се претстават.

Преводот на делата е еден од најважните елементи за презентација на литературата од малите јазици, се согласија сите учесници на дебатата. Стефано Биачи, агент кој ги застапува и македонските автори вели дека е многу тешко да се пробијат на странските пазари, потребна е многу работа и упорност, но голема улога игра и добриот превод. За македонска писателка Лидија Димковска, „добрите преведувачи се вторите автори на делата“, но додава дека и „наградите, агентите и личните контакти ги отвораат патиштата на домашните автори на меѓународната сцена.“

Дарко Фиданоски од Македонската асоцијација на издавачи потенцираше дека присуство на ваквите саеми придонесува и за промоција на издавачите, но и на македонската литература.

„Нашата цел во крајна линија е да продадеме што повеќе книги и права за книги, колку сме поуспешни толку подобро ја презентираме Македонија и нашата култура. Годинава остваривме повеќе контакти од лани со странски партнери и потпишавме договори, што говори за раст на интересот за нашата литература, и дека МАИ работи во вистинска насока.“

Целта на овој настан беше да се споделат искуствата околу предизвиците за успешна меѓународна промоција на дела и автори од помали земји кои не се толку познати на светската сцена.

Франкфуртскиот саем на книгата се смета за најголем и најпосетен во светот. Тој е вистинското место за средба на експертите од оваа бранша, најголем пазар за книги, преговори за права и лиценци каде се разменуваат искуства, се склучуваат договори,  место каде секоја година без разлика дали се работи за издавачи, автори, книжари, агенти  сите тие се заедно во Франкфурт во октомври и ги креираат новите трендови.

Инаку, саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top