| четврток, 6 декември 2018 |

Стефано Бисачи, агент за издаваштвото од Италија: Не постои формула за успех која гарантира бум на една книга

Не постои формула за успех која може да биде гаранција за бум на една книга или автор, смета Стефано Бисачи, италијански агент во издаваштвото и сопственик на агенцијата „Темпи иреголари“. 
Според Бисачи, ако постои таква формула, издавачката индустрија не би била во таква криза.
Премногу работи се вклучени. Во денешно време наогаме логаритми за да ги разбереме трендовите, да го анализираме пазарот и читателите. Можеме да знаеме кој стил најмногу ги привлекува читателите на одреден пазар и во одредено време, но од моја гледна точка тешко е да се најде и напише формула за успех – вели Бисачи во интервју за „Република“.

Во тек е саемот на книга во Франкфурт кој е најголемиот настан на меѓународната издавачката индустрија. Годинава ќе има околу 7.300 изложувачи од повеќе од 100 држави и околу 300.000 посетители. Предвидени се околу 4.000 настани и присуство на повеќе од 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.400 блогери.

Повеќе од 400 наслови од над 250 македонски автори, наградувани и преведувани, меѓу кои и 70 наслови од македонски автори преведени на европски јазици се изложени на штандот на Република Македонија на Саемот на книга во Франкфурт. Претставувањето на Македонија на Саемот во Франкфурт годинава е во организација на Македонската асоцијација на издавачи, а финансиски е поддржано од Министерството за култура. Комесари на годинашното претставување на саемот се издавачките куќи „Три“, „Арс Ламина“, „Култура“ и КСЦ Полица.

В сабота, на 14 октомври во 12 часот во еден од промотивните центри на саемот ќе се одржи панел дискусија на тема „Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност на ,малите јазици’“. Предвидено е да учествуваат претставници од Словенечката агенција за книга, еден од нашите најпреведувани автори Лидија Димковска, Бисачи, италијанскиот агент и сопственик на агенцијата „Темпи иреголари“ и потпретседателот на Здружението на грузиските издавачи.Кои се критериумите за еден автор и неговото дело да бидат промовирани на меѓународната сцена?

БИСАЧИ: Критериумите за избор на  книга или автор за промоција  во странство можат да бидат различни. Најпрво, ако ја земаме во предвид  самата книга, темата треба да биде општо прифатлива, дури и да станува збор за одредена географска област. На пример, како агент сега имам неколку интереси за наслов  од научно-стручната  литература  во врска со античката Сардиниска цивилизација наречена Нураги поради самата наклонетост на книгатa споредена со други повеќе познати и зачинети со некои мистериозни теории. Работното искуство  на  авторот секако е важно, кога научно-стручна книга се занимава со некои проблеми и се предлага да се одбере специјализиран автор, бидејќи тој му дава поголем авторитет на самото дело. Ако зборуваме  за белетристика, други карактеристики играат важна улога. Стилот, кој треба да биде оригинален, иновативен, пораката која авторот ја пренесува на читателите, наградите кои ги има освоено во сопствената земја и секако критиките кои ги има добиено. Други критериуми кои можеби не се толку благородни, кои не се  занимаваат со самата литература туку со пазарот, исто така, играат важна улога, особено за одредени земји и стилови. Во ваков случај, како и да е, продажбата е соодветна на тоа каде е отпечатена книгата, 3.000 копии можат да бидат голем број во некои мали земји, а комплетно фијаско на друго место.
 
Според вашето искуство, кој може да направи подобра презентација на книга, агенцијата, издавачката куќа или самиот автор?
БИСАЧИ: Ова прашање е тешко да се одговори. Како агент би рекол дека агенцијата е главна, но тоа не би било точно и не би бил искрен. Мислам дека е тимска работа, вид на дискутирање за тоа да се најде вистинскиот начин да се промовира книгата и авторот. Авторот е секако важен дури и иако ја има завршено работата тој се уште може да предложи нови идеи. Издавачот го познава пазарот и може да ги одбере најдобрите стратегии да се натпреварува во тоа поле. Но, бидејќи зборуваме за  промоција на меѓународен пазар, агенцијата отсекогаш имала важна улога, благодарение на нејзината мрежа и коагенти која би требало да ги познава меѓународните трендови, додека издавачите понекогаш можат да бидат концентрирани во водењето на дневните битки во сопствените земји. Како и да е, дури ако и агенцијата е вклучена, поддршката и соработката на тимот е важна: трите странки, авторот, издавачот и агентот мора да се почитуваат како и нивната поединечна улога.
Постои ли формула за успех која може да биде гаранција за бум на една книга или автор?
БИСАЧИ: Мислам дека не постои. Ако е таков случајот издавачката индустрија не би била во таква криза. Премногу работи се вклучени. Во денешно време наогаме логаритми за да ги разбереме трендовите, да го анализираме пазарот и читателите. Можеме да знаеме кој стил најмногу ги привлекува читателите на одреден пазар и во одредено време, но од моја гледна точка тешко е да се најде и напише формула за успех. Згора на тоа, сите знаеме дека истиот автор или книги  на едно место може да доживеат голем успех, а на друго место не се толку популарни. Политичките идеи, религијата и културата имаат улога во изборот на читателите, а со тоа и нивните лични вкусови, нешто кое е тешко да се разбере и знае однапред.
Колкав труд е потребен да се промовираат книги од помали земји чија култура и литература не се светски познати?
БИСАЧИ: Навистина ни е потребно време да промовираме книга од мала земја. Понекогаш и години. На пример, успеав да ги продадам странските права на еден македонски автор на  кој сум особено горд по само две години откако ја потпишавме согласноста со агенцијата и по три години најдовме издавач во Италија. Затоа морам навистина да му се заблагодарам на трпението! Постојат комерцијални причини  -во вакви тешки времиња издавачите не го сакаат ризикот. Вообичаено од ’помалку познати земји’ ако можеме да кажеме така, тие претпочитаат да купат белетристика која не е лесно да се продаде. Секој автор со себе ја носи културата на својата земја и на тој начин мора да потрошите повеќе енергија да ја промовирате неговата работа, бидејќи треба да ја промовирате неговата култура и историја исто така.
Колку е важен квалитетниот превод за успешна промоција на една книга?
БИСАЧИ: Преводите се особено важни кога една книга за пласира на нов пазар. Преведувачот е вториот автор на книгата – тој може да биде и една од причините за успехот на книгата во една земја исто како и за нејзиниот неуспех. За жал, понекогаш на преведувачите не им се обезбедени вистинските услови за работа – при тоа мислам на времето кое им е потребно да ја извршат добро својата работа и економското финансирање. Постојат неколку примери на преводи кои  придонеле за успехот на еден наслов исто како и за неуспехот на други. Исто така мислам дека наградите за преведувачите се подеднакво важни како и наградите за самото дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top