| четврток, 6 декември 2018 |

На саемот во Франкфурт, сè поголем интерес за македонската детска литература

- Детската литература станува сè побаран производ на странските пазари. Нашите ’Бајки од Македонија’ се преведени на англиски и германски јазик и веќе имаме најави за нивен конкретен пласман, пред сè во Германија. Во последниве години континуирано вложуваме во детската литература, поттикнувајќи нови помлади автори да се охрабрат и да пишуваат, што се покажа како многу успешно - вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина – публикации“

Над 80 наслови од македонска детска литература од повеќе македонски издавачи денеска беа  промовирани на Саемот на книга во Франкфурт. Според претставниците на Македонската асоцијација на издавачи, во последниве години расте интересот за детската литература меѓу издавачите, а особено барани се авторските дела на млади писатели за деца.

– Детската литература станува сè побаран производ на странските пазари. Нашите ’Бајки од Македонија’ се преведени на англиски и германски јазик и веќе имаме најави за нивен конкретен пласман, пред сè во Германија. Во последниве години континуирано вложуваме во детската литература, поттикнувајќи нови помлади автори да се охрабрат и да пишуваат, што се покажа како многу успешно – вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина – публикации.“

Гордана Војнеска од издавачката куќа „Култура“ вели дека според контактите кои до сега ги имала на саемот со странски издавачи, детската литература е една од најбараните производи.

– Изненадува интересот кај нашите партнери за книги за деца. Ние веќе имаме успешно промовирани сликовници кои се преведени на англиски и германски јазик, но ова е поттик повеќе да инвестираме на ова поле, бидејќи очекувам овој тренд да расте и во иднина – вели Војнеска.

Посетителите на македонскиот штанд, меѓу другото имаа можност да ги видат новите изданија на басни и бајки од Македонија, последната книга на авторката Билјана Црвенковска, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „Мистериозното јајце“ на Оливер Коларевски и „Тато, имаме приказна“ во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“, како и сликовниците и детските изданија на издавачите „Култура“ и КСЦ Полица. Интерес предизвика и новиот производ на издавачката куќа Три, „Мојата планум приказна“, која е еден поинаков интерактивен и креативен планер за ученици од основно и средно училиште, полн со специјално дизајнирани вежби кои се базираат врз методологијата на личен развој и позитивна детска психологија.

Промоција и пробив на македонската литература е една и од главните цели на презентацијата во Франкфурт. Тоа е и тема на главниот настан во сабота (14.10), панел дискусија на тема „Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност од малите јазици“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top