| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската литература на Саемот на книга во Франкфурт: Денес промоција на двата романи на англиски јазик на младата авторка Јана Мишо

Под мотото „Магијата на македонската литература“, со над 400 наслови од 250 македонски автори, преведувани и наградувани, Македонија се претставува на Саемот на книга во Франкфурт кој се одржува од денеска до 15 октомври. Во фокусот годинава е привлекување на интересот на странските издавачи за македонската литература како и промоција на фондот на Министерството за култура за превод на македонската книжевност на странски јазици.

-Оваа година на македонскиот штанд во Франфурт ги претставуваме најновите наслови од повеќе македонски издавачи, веќе се закажани повеќе промоции, работни состаноци и презентации со меѓународни издавачи и агенти. Очекуваме дека годинава ќе потпишеме нови договои за соработка и промоција на македонската литература и култура во светски рамки, вели Дарко Фиданоски од Македонската асоцијација на издавачи.

На 14 октомври во 12 часот во еден од промотивните центри на саемот ќе се одржи панел дискусија на тема „Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност на ,малите јазици’“ на која ќе учествуваат претставници од Словенечката агенција за книга, еден од нашите најпреведувани автори Лидија Димковска, Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата „Темпи иреголари“ и потпретседателот на Здружението на грузиските издавачи. Целта на овој настан е да се споделат искуствата околу предизвиците за успешна меѓународна промоција на дела и автори од помали земји што не се толку познати на светската сцена.

Во рамките на придружните активности денес ќе се одржи и интернационалната промоција на младата авторка Јана Мишо и нејзините два романи на англиски јазик – „Almost Parisian“ и „Anais from Monmartre“, кое е во организација на издавачот „Арс Ламина“.

Претставувањето на Македонија на Саемот во Франкфурт годинава е во организација на Македонската асоцијација на издавачи, а финансиски е поддржано од Министерството за култура. Комесари на годинашното претставување на саемот се издавачките куќи „Три“, „Арс Ламина“, „Култура“ и КСЦ Полица.

Инаку 69. саем на книгата го отворија германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Двајцата лидери ветија дека ќе работат на унапредување на културната размена и зацвртстување на европското единство.

„Без култура нема Европа“, истакна Макрон во својот говор додавајќи дека „книгите се нашето најдобро оружје“. Во својот говор Меркел нагласи дека двете земји би биле посиромашни без меѓусебното влијание на двете култури.

Франција која е годинешна земја гостин се претставува под мотото „Francfort en français“ или „Франкфурт на француски“. Во фокусот на нивната презентација е францускиот јазик, што го зборуваат 247 милиони луѓе на пет континенти. Над 180 француски автори во Франкфурт ќе ги промовираат своите дела на над 300 настани на разни саемски локации

Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.400 блогери.

извор: блог литература.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top