| четврток, 6 декември 2018 |

Хотелот на Вардар со четири ѕвезди започнува со изградба

Генерално изграден од дрво, со 16 соби и два апартмана на три ката, долг 35 метри, широк 16 метри, со едра високи 35 метри – од понеделник започнува изградбата на првиот хотел на сплав во Македонија. Бродот кој во Вардар ќе го гради Стојан Филиповски, сопственикот на ресторанот „Воденица“, ќе се гради според италијански план. Филиповски го највавува како подобар и поголем од останатите сплавови, а ќе се гради на локацијата на брегот на  реката од страната на ГТЦ, меѓу мостот Око и мостот на Уметноста.

– Тоа ќе биде преубав објект, далеку поубав и поголем од останатите сплавови што се градат. Хотелот ќе биде од рангот со четири ѕвезди. Ги поседувам сите потребни документи и дозволи и наредната недела почнуваме со градба. Очекуваме целиот проект да биде реализиран веќе наредното лето- изјави Филиповски за „Утрински весник“.

Урбанистичкиот план предвидува во реката Вардар да има шест сплава. Првите два слава на јавна лицитација ги доби фирмата „Фаланга“, од кои едниот ќе биде француски ресторан. Другиот пак, чија монтажа на терен започна вчера, ќе биде бар за закуски на вода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top