| четврток, 6 декември 2018 |

Саем на книга на „Македоника литера“ во Струмица

Утре (вторник, 5 јуни), во соработка со Центарот за култура „Антон Панов“, во Струмица, ќе се одржи саем на книгата на „Македоника литера“. На оваа изложбено-продажна манифестација, со големи попусти ќе се продаваат изданијата на „Македоника литера“ од повеќе области и жанрови. Љубителите на добрата книга ќе може да најдат наградувани и високо вреднувани современи романи од европски и домашни автори, дела од класиката, историски романи, книги за деца од познати македонски и странски автори, антологиски дела на светската драма, книги за театар и за филм, стручна литература…

Мини-саемот ќе трае до 7 јуни, ќе се одвива на платото пред Центарот за култура „Антон Панов“, а работното време е од 10 до 20 часот.

На првиот ден на саемската манифестација, на 5 јуни, со почеток во 12,30 часот, во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“, ќе биде промовирана најновата книга на истакнатиот македонски писател за деца Киро Донев „Било и се скрило“. Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, од кои осум се во издание на „Македоника литера“. Тој е автор на романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници и е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори за децата од помала возраст. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top