Нов претседател на Комитетот за безбедно мајчинство е доц. д-р Ана Данева Маркова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство соопштија од Министерството за здравство каде што се одржала конститутивна седница на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство.
Членови на комитетот се лица со медицинска експертиза и долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, а целта е да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавање на проблемите и координација на предложените активности и мерки.
Една од првите задачи на овој комитет ќе биде изготвување на суштинска анализа на актуелната ситуација и состојбите во оваа област, и подготовка на акционен план со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.
Во наредниот период, комитетот кој претставува консултативно тело на министерот за здравство интензивно ќе се сретнува со цел побрзо и поефикасно обезбедување на препораките и предлог – мерките за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност.
Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, изрази силна поддршка за работата на комитетот за безбедно мајчинство и соработка во однос на сите предлози, одлуки, заклучоци кои ќе бидат донесени за надминување на актуелните состојби со смртноста на новороденчињата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.