Бебињата починале поради предвремено раѓање проследено со екстремно неразвиени органи и исклучително ниска родилна тежина, алармот е вклучен и Министерството за здравство презема итни мерки за справување со состојбата, соопшти Министерството за здравство.
Од Министерството информираат дека во првите три месеци од годинава на Клиниката за гинекологија биле родени вкупно 1.155 бебиња.
Од нив 144 биле предвреме родени и биле третирани на одделот за интензивна нега, а 35 починале. Починатите бебиња во периодот од јануари до крајот на март 2018 година спаѓаат во категоријата предвремено родени бебиња.
„Истакнуваме дека само едно од починатите бебиња е родено во соодветниот термин, но со медицинска аномалија на органите, која не се лекува. Според статистиката, околу 80 отсто од бебињата починале поради екстремно неразвиени органи и поради исклучително ниска родилна тежина. Исто така информираме дека трендот на смртност на предвреме родени бебиња бележи пад. Во 2016 во првите три месеци од годината починале 38 предвреме родени бебиња, додека лани 41 бебе“ објаснуваат од Министерството за здравство.
ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство е најголемо родилиште во земјава и на клиниката се примаат најкомплицираните, најтешки случаи, а се изведуваат и сите предвремени породувања.
Министерството за здравство укажува дека, за жал состојбите, кои ги затекнале во најголем дел од родилиштата, не можат да се поправат само за неколку месеци.
„Од 15 до 31 март, согласно Акцискиот план на Владата на Република Македонија за намалување на смртноста на мајките, новороденчињата и доенчињата, Министерството за здравство, во соработка со Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) во Скопје, изврши проценка на условите во родилиштата и го дефинираше нивото на здравствени услуги во нив. Беа посетени Клиника за гинекологија и акушерство–Скопје, Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“–Чаир, сите општи болници, клиничкиболници во Тетово, Битола и во Штип, потоа приватните болници Систина, Ремедика, Санте плус, Плодност, како и здравствените домови во Валандово, Виница, Делчево, Кратово, Крушево, Неготино, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Ростуше, Свети Николе, Струмица и во Струга.
Исто така, во соработка со УНФПА, од 27 до 31 март беше спроведена обука за ефективна нега на новороденчињата. Беа обучени вкупно 24 здравствени работници, односно осум тима составени од гинеколог, неонатолог и акушер. Практичниот дел од обуката беше спроведен од 2. до 6. овој месец.
Преку заедничка соработка, Министерството за здравство, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и УНФПА, во периодот од 19 до 24 март, 2018 година извршија проценка на трендовите на неонатална смртност и подобрување на исходот од бременоста и здравјето на децата во Република Македонија.
Оваа анализа, како и извештаите од проценката на состојбите во родилиштата очекуваме многу скоро да бидат готови. Врз основа на нив, ќе бидат спроведени дополнителни соодветни и итни мерки за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата“ се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.