Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, денеска одржаа редовна работна средба, со цел согледување на состојбата со морбили во соседството и во европскиот регион, како и состојбата со морбили во државата. Во Република Македонија во 2018 година досега се регистрирани девет случаи со морбили, од кои само четири се епидемиолошки поврзани, соопштија од Министерството за здравство.
„Следејќи ја состојбата со епидемии на морбили во соседните држави, со појавата на смртни случаи, а имајќи ги во предвид честите меѓународни патувања и комуникација, како и нискиот опфат со вакцинација против морбили во државата, Комисијата за заразни болести на денешната седница ги донесе следните заклучоци, со цел спречување појава и ширење на морбилите во Република Македонијa.
• Службите за имунизација при Здравствените домови да ги интензивираат активностите за проверка на евиденцијата и изнаоѓање невакцинирани или непотполно вакцинирани деца, со цел нивна вакцинација.
• Здравствените работници да обратат посебно внимание на исипните трески кај пациентите и доколку се посомневаат за морбили веднаш да пријават до надлежните служби.
• Препорака за лицата кои патуваат во земји каде има активни епидемии на мали сипаници – да го проверат својот вакцинален статус и тоа: за лицата од 12 месеци до 18 години во вакциналните служби, а за лицата на возраст од 19 до 45 години во Центрите за јавно здравје. Доколку овие лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или немаат доказ за прележана болест соодветно ќе се вакцинираат.
• Препорака до родителите е навремено да ги вакцинираат своите деца, пред се поради заштита на нивното здравје, како и заштита на здравјето на најблиските и на пошироката заедница“ се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.