Наглото топење на снегот го подигна нивото на водата во реката Вардар и предизвика излевање на повеќе места во Полог. Најкритична е состојбата во село Раотинце во Општина Јегуновце. Надојдениот Вардар поплави неколку куќи, водата се излеа и на локални патишта, а во одделни реони под вода се над 80 отсто од обработливото земјиште. Долго најавуваната и сѐ уште не реализирана регулација на реката Вардар во овој регион и овој пат е причина населението да претрпи огромни штети, пренесува порталот „сдк.мк“.
„Секој пат кога ќе надојде водата ми ја поплавува оваа нива и уште неколку други околу неа. Штетата е голема бидејќи и кога ќе се повлече водата од оваа нива нема ништо да бидне поради калта што ја донела водата. Сега треба да поминат најмалку два месеци за да може трактор да влезе во нивата и оваа година за мене е загубена. Со години наназад се најавува дека ќе се регулира коритото на Врадар во Раотинце, но ништо од тоа и изгубив надеж дека некогаш ќе се направи. Виновни се и луѓето кои градат куќи до реката. Порано коритото на Вардар беше 25 метри широко, сега нема ни 10 метри“ вели Трпко Масовски од Раотинце.
Куќата на Душко Матовски се наоѓа на десетина метри од реката и при секоја поплава таа е прва на удар на надојдената вода.
„Со секоја поплава мојата куќа е прва на удар. Така е и сега, поплавен е дворот, нивите, пластениците, овоштарникот. А ова може многу лесно да се реши, треба само да се направи еден потпорен ѕид и селото ќе ги нема овие проблеми кои речиси секоја година се повторуваат“, вели Душко Матовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.