Дарко Грнчаров, македонски тенисер чија животна приказна го трогна тенискиот свет откако во интервју за британскиот сервис Би-би-си изјавил дека се разбудил од кома и тргнал да ги оствари своите сништа, всушност не постои.
Истражувањето на темата „Најголемиот измамник во тенисот“ деновиве го направиле неколку луѓе, меѓу кои е и Бен Ротенберг, слободен новинар од САД, кој повремено пишува и за „Њујорк тајмс“. Тој открил дека 20-годишниот тенисер, кој „се разбудил од кома и кој ќе продолжи со тенисот“ воопшто не постои.
Она што тие го откриле е дека постои личност со исто име и презиме, која играла тенис, односно одиграл еден тениски меч и тоа во јуниорската конкуренција во Подгорица кога бил поразен од Никола Вукотиќ со 6:0, 6:0.
Но, тој Дарко Грнчаров нема никаква врска со момчето што стекна светска слава.
Грнчаров, покрај својата трогателна приказна, стана славен и по своите коментари на „Твитер“. На пример, напишал дека никогаш не би играл тенис во Мелбурн на арената „Маргарет Корт“ бидејќи таму неодамна имало некои неприфатливи хомофобични изјави. Кога овој негов коментар многумина го ретвитаа, тоа му донесе интервју за Би-би-си каде „открил“ дека неодамна се разбудил од кома и дека се надева дека набргу ќе успее да му се врати на тенисот.
Популарноста на Грнчаров доживеа метеорски подем кога на „Твитер“ успеал да најде неколку години стара порака на Тенис Сандгрен, човекот што оваа година сензационално стигна до четврт-финалето на Австралија опен.
Сандгрен пред неколку години на „Твитер“ закачил фотографија на мускулестата Серена Вилијамс и напишал – „тоа е гадно“.
Грнчаров на Сандгрен му напиша сѐ и сешто, меѓу другото, дека не му припаѓа на тенисот, дека не му припаѓа на спортот воопшто и уште еднаш го воодушеви светот до толку што дури и самата Серена му се јавила, му се заблагодарила за поддршката и започнала да го следи на „Твитер“. Ѕвезда каква што е Серена Вилијамс на својот профил „Твитер“ следи само 200 луѓе.
Со таква слава нормално е дека интересот за Македонецот започна да расте кај новинарите, кои и открија дека Дарко Грначорв не постои, односно дека постои само лажен профил.
А кога новинарите го соочиле со лагите што ги пласира, дека потпишал договор со еден од најголемите спортски брендови, дека на закажано интервју не дошол бидејќи починала мајка му, а жената за која рекол дека му е мајка редовно пишува на фејсбук-профилот, Дарко Грнчаров исчезнал од социјалните мрежи и ги избришал своите профили.
(извор – Топспорт.мк)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.