| четврток, 6 декември 2018 |

Петар Наумовски го напушти Собранието на МКФ, клубовите ќе собираат потписи за да го сменат

Денешното собрание на МКФ помина со многу турбиленции во напната атмосфера, а заврши со предвремено заминување на претседателот Петар Наумовски.

Претставниците на Куманово и Работнички повикувајќи се на член 44 од деловникот за работа на Собранието, побараа да се вметне точка за гласање на доверба на претседателот. Иако во точката 44 јасно стои дека предложениот дневен ред може да се менува на предлог на претставниците на Собранието, Пеце Наумовски не сакаше да слушне за вметнување на таа точка знаејќи дека го нема мнозинството гласови на негова страна.

Наумовски се повика на дискреционо право, обидот за негова смена го оцени како пуч, им порача на делегатите да соберат потписи и да свикаат Вонредно Собрание, па така да изгласаат негова смена.

Тензичното собрание беше прекинато за да се доделат признанијата за најдобрите во македонската кошарка. Откако заврши паузата, сите очекуваат дека расправата ќе продолжи, но наместо тоа Наумовски и ченовите на претседателството си заминаа велејќи дека не сакаат да бидат дел од едно црно сценарио за македонската кошарка.

Пеце Наумовски ја загуби довербата на клубовите, кои во наредниот период се очекува да ги соберат потребните потписи и да ги достават во МКФ, по што за 15 дена треба да се одржи Вонредно Собрание на кое ќе се гласа недоверба на претседателот. Најсериозен кандидат за наследник на Пеце Наумовски е Владо Илиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top