Прославениот македоснки кошаркар, а сегашен претседател на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, ја отвори душата и призна дека одбил прилика да заигра со Мајкл Џордан. Во периодот кога играше најдобра кошарка во неговата кариера и кога европските екипи „се тепаа“ за потписот на Пеце, македонскиот кошаркар не сакал да биде само уште едно име во редот во НБА лигата, открил Намуоски во интервју за Баскетбол.мк.
– Тоа беше 1996 година додека настапував за Ефес Пилсен и бев прогласен за најдобар играч во Европа според францускиот весник Л’Екип. Ивица Дукан, тогашен и сегашен скаут за Чикаго Булс за европските простори, мој пријател од времето кога играв во Југопластика, беше во Истанбул и ми понуди директен договор за настап за славната НБА франшиза.
– Сега можам да ги отворам сите карти во однос на финансиските услови, затоа што помина многу време. Понудата беше идентична со онаа што во тоа време ја имаше Стив Кер, тоа беа зборовите на Дукан. Ми понудија 750.000 долари бруто, по сезона, од кои што подоцна се одбиваат даноците кои што во САД се многу високи. Не беше тоа минималец, затоа што најмалата плата тогаш беше околу 450.000 долари. Мојот прв одговор беше дека цената е многу мала, затоа што во Ефес заработував тројно повеќе со многу помали давачки. Одговорот од Дукан беше дека тоа е буџетот, Џордан ги „земал“ сите пари, а од она што останало можеле да ми понудат толку. Во тој момент Чикаго немаше вистински плејмејкер, таа позиција ја покриваа Кер, Пипен и Џордан. Тоа ме натера да кажам „прифаќам“, но под еден услов. Да играм 20 минути загарантирани по натпревар, кога сум физички подготвен, вели Наумоски за порталот.
– За такво нешто требаше да се праша Фил Џексон, кој што одговорил дека играчот треба на тренинзите сам да се избори за 20 минути на натпревар. Мене, тогаш, на 28 годишна возраст не ми беа потребни излети во САД каде што многу играчи не се снашле и се стопиле во просекот, иако слушав приказни за приватниот авион на Булс со џакузи, апартмани и слично. Ме привлече шансата да играм со Џордан, но од она што го знаев и што го гледав, очигледно беше дека ќе имам проблеми околу минутажата, особено со тамошните играчи. Јас сакав да се докажувам, финансискиот дел не ми беше толку важен, но барав некаква потврда дека ќе играм, а не да ја греам клупата, додал Пеце кој исто така открил дека многу наскоро стигнале понуди и од Индијана Пејсерс, Детроит Пистонс и од Торонто Репторс.
Целото интервју може да го прочитате тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.