Илија Несторовски ќе биде трансфер-цел на калчолигашот Торино во јануарскиот преоден рок, пренесува „Тутоспорт“.
Македонскиот репрезентативец неодамна потпиша нов договор со Палермо, кој го обврзува да остане во тимот од Сицилија до 30 јуни 2021 година. Сепак, според весникот, доколку Торино испрати добра понуда, Италијанците шпекулираат со сума од 15 милиони евра, тогаш контроверзниот претседател на Палермо, Маурицио Зампарини, ќе го пушти капитенот да си оди.
Несторовски сезонава е најдобриот стрелец на Палермо во Серија Б. Македонецот има постигнато девет гола на 12 натпревари и е движечката сила на тимот што се обидува експресно да се врати во најсилното италијанско фудбалско друштво, Серија А.
Торино сака да го спои Несторовски во нападот заедно со репрезентативецот на Италија Андреа Белоти барем во пролетниот дел од сезоната бидејќи многу е веројатно дека тој од Торино ќе замине во летниот преоден рок.
„Тутоспорт“ пишува дека, покрај Несторовски, Торино следи уште тројца напаѓачи: Кутроне од Милан, Бориело од СПАЛ и Фалчинели од Сасуоло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.