| четврток, 6 декември 2018 |

Tенорот Божо Вречо на фестивалот „Музика од Светот“

Босанскиот и светски познат изведувач на севдалинки Божо Вречо ќе настапи на фестивалот „Музика од Светот“ што ќе се одржи во Битола.

Од Центарот за култура во Битола, кој е организатор и домаќин на 9. фестивалско издание, информираат дека освен Вречо, годинава ќе настапат и групите „Џипси Грув“ и „Љубојна“ со специјалниот гостин Џамбо Агушев.

– Божо Вречо е еден од најинтересните и најпознати изведувачи во доменот на севдахот. Вречо е лирски тенор кој предизвикува бројна публика и затоа настапува на концерти низ Европа и светот кои претходно се распродадени. Неговата акапела интерпретација на севдалинките е секогаш спектакуларна. Има ангелски глас и во Битола ќе пее песни од неговите четири албуми вклучувајќи го и последниот „Пандора“ издаден во Брисел, истакна Зоран Димовски, директор на Центарот за култура – Битола.

Фестивалот „Музика од Светот“ се одржува под покровителство на Министерството за култура. На 10 ноември ќе биде отворен со концерт на групата „Љубојна“, а на 11 ноември одвоени концерти ќе одржат Божо Вречо и групата „Џипси Грув“.

– Џипси Грув изведуваат автентична балканска ромска музика во која се влеваат и други музички влијанија како џез, реге, фанк…Членовите на бендот се од различни етнички припадности и нивните настапи донесуваат културна разновидност. Настапувале на различни сцени низ Европа и светот иако се формирани пред неколку години, односно во 2010 година, вели Димовски.

Фестивалот „Музика од Светот“ во изминатите осум изданија беше домаќин на познати музички имиња од државата и светот меѓу кои Ричард Галијано, Наташа Атлас, Васил Хаџиманов, Каролина Гочева, „Фолтин“… и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top