„Љубојна“ и специјалниот гостин Џамбо Агушев, вечерва во Центарот за култура го отвoраат деветтото издание на Фестивалот на музика од светот. Концептот на фестивалот оваа година е насочен на музика од Балканот. „Љубојна“ ќе промовира дел од последниот албум, специјален гостин е Џамбо Агушев, а со нив ќе настапи и Лука Ем-Си.
Вториот ден е резервиран за настапот на босанскиот и светски познат изведувач на севдалинки, Божо Вречо и групата „Џипси Грув“. Вречо е еден од најинтересните и најпознати изведувачи во доменот на севдахот. Лирски тенор кој настапува на концерти низ Европа и светот, а неговата а-капела интерпретација на севдалинките е секогаш спектакуларна. Има ангелски глас и во Битола ќе пее песни од неговите четири албуми вклучувајќи го и последниот „Пандора“ издаден во Брисел.
Џипси Грув изведуваат автентична балканска ромска музика во која се влеваат и други музички влијанија како џез, реге, фанк. Членовите на бендот се од различни етнички припадности и нивните настапи донесуваат културна разновидност. Настапувале на различни сцени низ Европа и светот иако се формирани пред неколку години, односно во 2010 година.
извор:тера.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.