| четврток, 6 декември 2018 |

Птичји грип: Подигнато нивото на внимателност во Македонија

По последниот случај на авијарна инфлуенца (птичји грип) во февруари годинава, во Република Македонија досега не е потврдено присуство на оваа болест ниту кај живината, ниту кај дивите птици, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

По информациите за присуство на птичји грип во европски и држави од регионот, АХВ го подигна нивото на внимателност.

Останува на сила обврската за одгледувачите на живина да пријавуваат зголемена смртност во јатата и сомнителни случаи на угинувања на диви птици или преселници.

Заради спречување на ширење на вирусот на птичји грип, Агенцијата, како што информира, континуирано носи решенија за забрана за увоз на живи животни и производи и нус производи од живина од земјите и регионите каде е потврдено присуството на оваа болест.

– На 15 ноември АХВ почнува со спроведување активности за надзор на „авијарна инфлуенца“ во Република Македонија што, кој секоја година се реализира преку земање крв од живина и диви птици за утврдување евентуално присуство на птичји грип – велат од АХВ.

Болеста најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар и од неа првенствено заболуваат птиците.

– Бидејќи станува збор за период на активност на дивите птици и преселниците, апелираме до одгледувачите на живина да преземат превентивни мерки за намалување на ризикот од појава или пренесување на оваа болест во јатата. Препорака е живината да се држи подалеку од области кои се посетувани од диви птици, да се контролира пристапот до одгледувалиштата на живина на луѓе и опрема, да се отстранат предмети од одгледувалиштето кои може да привлечат диви птици, да се одржува хигиена на имотот и објектите во кои се држат живината и опремата, да не се внесува живина/птици од непознат статус на болеста во јатото/одгледувалиштето, да се води евиденција за болни и угинати птици, соодветно да се отстранува ѓубрето и угинатата живина – препорачува АХВ.

Сподели

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top