| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар се засили со двајца нови фудбалери

Интернационалецот од Гана Мустафа Куајнoр и бразилскиот напаѓач Итало Хозе Оливеира дос Сантош денеска потпишаа договори со македонскиот фудбалски шампион Вардар. 22-годишниот Куајнор е фудбалер од средниот ред, има искуство со играње на Кипар и во Австралија. Договорот на Куајнор е во траење од две години, со можност истиот да биде продолжен на уште една.

– Среќен сум и задоволен што потпишав за Вардар. Драго ми е што станав дел од оваа екипа и со нетрпение чекам да заиграм за екипата. Ова за мене е голем предизвик што ќе настапувам во дресот на оваа екипа која е најдобра и најтрофејна во Македонија. Дoјдов во тим кој што секоја сезона се бори за титулата и се надевам дека заедно ќе успееме да ги исполниме амбициите на клубот, изјави новиот играч од средниот ред на шампионот.

Тој има настапувано за Адуана Старс од Гана, од каде оди во Кипар и игра за АЕЛ Лимасол, Алки Ларнака и Ермис Арадипу. Последната година играше во Австралија во екипата на Паское Вале.

Бразилецот Итало потпиша со шампионот едногодишен договор. 29-годишниот фудбалер дојде во Вардар од Регатас од Бразил.

– Верувам дека брзо ќе се прилагодам на екипата и со нетрпение чекам да заиграм со моите нови соиграчи. Сега е на мене да почнам да тренирам со мојот нов тим и што побрзо да се подготвам за сезоната и да ги оправдам очекувањата од клубот. Пред да дојдам тука научив дека Вардар е најтрофејниот македонски тим и дека три пати по ред е шампион, истакнал Итало за клупскиот сајт на „црвено-црните“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top