| четврток, 6 декември 2018 |

„Лед цепелин“ и музичкиот балет од гласови, рифови, ласери и од децибели

Во 1968 година „Битлс“ и „Ролингстоунс“ сѐ уште доминираа на топ-листите, како во Европа, така и во САД, кога полека почна да се пробива и „тешкиот“ рокенрол. Тоа беше музиката создавана и свирена од Џими Хендрикс и од групите „Ху“ и „Крим“. Таа година на музичката сцена, со својот тежок гитарски блузерскорокерски звук, се појави „Лед Цепелин“, британска група, чијшто индивидуалистички стил потекнува од многу извори и со тек на времето ги надмина сите други жанрови, иако речиси сите ги сметаат за основоположници на музичките правци хардрок и хевиметал. Од ваквите крути класификации тие на почетокот се бранеа со своите блуз и фолк-рок. Подоцна, кога ја освоија хардрок сцената, на сите обиди да ги вметнат во некоја крута класификација, одговараа со музика што ја нарекоа „кјароскуро“. Според нив, тоа е музика на светлина и на темнина, музика што содржи многу динамика, контраст и поларитет, моменти на мрачни сенки и заслепувачка светлина. Би рекол дека тие правеа музички нумери што почнуваа како студии на класична гитара, кои пополека се засилуваат и се претвораат во непогрешлив и див хардрок, а на крајот се враќаат во мир, угасени со страст. Нивната музика не беше хевиметал во вид на репетитивен рокенрол, заснован на секогаш исти рифови, туку постојано варирање на музички ефекти, сенки и светлина и, секако, променлив ритам, со незаборавни рифови и со продолжени соло-делници.

„Лед цепелин“ е завршок не една еволуција – еволуција на рок-групи што од 1962 година почнаа да го освојуваат светот. Еден вид завршување на бранот почнат од „Битлс“ во митскиот клуб „Каверн (Хело Платон!)“ во Ливерпул. Ако „Пинк флојд“ нудеше вселенска епопеја, а питорексните „Блек сабат“ создаваа сатанистички галиматијас, тогаш „Цепелин“ ветуваа и исполнуваа четирислоен коктел од виртуозност, моќ, секс и трипови. Постојано ќе се менуваат и преосмислуваат, создавајќи низа од девет митски албуми, засновани на изворен блуз, келтски фолк и ориентален рок. Тие со својата музика го воскреснаа Хендрикс, кој беше богот Озирис на рок-музиката. Бидејќи прерано ја напушти музичката рок-сцена и, најверојатно, замина на некое поубаво место, четворката хардрок-мускетари се потрудија да ја обноват загубената жестина на рокот со неговото заминување. Тие се вистинските продолжувачи на неговата вуду-магија во музиката. Тоа го правеа на 215 концерти и на девет снимени студиски албуми.

Во првите четири години од кариерата, и по првите четири објавени албуми, станаа еден од најголемите рокенрол-бендови на сите времиња. Тоа останаа и денес. Тие се сѐ, само не обичен хардрок-бенд. Основна карактеристика на нивната музика е моќниот и неповторлив глас на Роберт Плант, грмотевиците на тапаните на Џон Бонам, пулсирачкиот бас на Џон Пол Џонс и извонредното гитарско умеење и виртуозност на Џими Пејџ. Секако, сето тоа беше придружено со музички иновации, како свиречки, така и продукциски. Нивното дебитирање беше жестоко: „Led Ceppelin I“ (1969г.), беше црно-белиот албум, со црна и бела магија и најава на нова звучна револуција во извонредна стереотехника, која засилувачот „маршал“ ја издигна на ниво на нова нужност. Овој албум е комбинација на блуз, фолк и на источна музика. Подоцна се покажа дека е клучниот момент во настанувањето на новиот музички жанр – хевиметал. Песните на албумот имаа посебен и единствен „тежок“ звук. Особено тоа се однесува за нумерата „Dazet and Confused“, која содржи фуриозно соло на Пејџ и ефектен уводен риф. На оваа песна и на песната „How Many More Times“, за првпат „Цепелин“ ќе ја користи техниката на свирење електрична гитара со виолинско гудало. Оваа техника ќе стане заштитен знак на Џими Пејџ, како на сцената, така и во студиото. Нумерата „Black Mountain Side“ е отсвирена на акустична гитара, а во композицијата „Babe I’m Gonna Leave You“ има комбинација на акустичен и на електричен пристап во обработка на фолк-стандарди. Овој албум ги содржи Плантовите гласовни имитирања на гитарските ефекти на Пејџ, што е техника зајмена од старите блуз-мајстори, но ќе стане заштитен знак на „Лед Цепелин“ во следните албуми и особено на концертите.

По првичниот успех следуваше „Led Ceppelin II“, издаден истата година. Тоа е црвен пекол на блузот. Комплетна вокална пиротехника. Прва песна на албумот е митската „Whole Lotta Love“, која почнува со силен риф, придружен со динамична ритмичка секција. Песната е архетипски хевиметал-химна, надградена на блуз-стандарди. Нејзината содржина е полна со ритуална опојност и нагласен сексуален контекст. Присутниот блуз е засилен со магнитуда на моќниот звучен удар носен од маестралниот риф од гитарата на Пејџ, преку кој Плант го постила својот моќен глас доловувајќи страстен повик на мажјак и крик на женска екстаза. Најсилен е средниот дел од песната, во кој Пејџ заедно со тонскиот снимател ги засилил сите копчиња од опремата за снимање, со што создадоа звучен експеримент, кој слушателот не го води кон вселенско пространство на медитативната бестелесност (како кај „Пинк флојд“), туку директно во длабочината на сопствените неискажани страсти. Останати позначајни песни се акустично/електричната „Ramble оn“, па „Heartbreaker“, песна со привлечен риф, компликувано гитарско соло и моќен вокален дел, како и „What is and What Should Never be“, песна со експлозивен хор. Овој албум беше целосен погодок и ги достигна првите места на топ-листите во САД и во Европа. Реализираа успешни турнеи по САД и по Европа, на кои одржаа безброј концерти, а некои од нив беа и рекордни (во 1973 г. во Темпа Беј, Флорида, со 57.000 посетители; 1977 г. во Понтијак Силвердром, САД, 76.200 посетители; и 1979 г. на Небворт мјузик фестивал, со 120.000 посетители). Концертите често им траеја и по три часа, а на нив изведуваа продолжени верзии на своите песни, на кои им додаваа и елементи на соул и на фанк во стилот на Џејмс Браун. Четворката, на почетокот, свиреше и американски рокенрол, од репертоарот на Литл Ричард и Фатс Домино, како и рокабили од Елвис Присли и Еди Кокран.

Третиот албум „Led Ceppelin III“, е издаден 1970 година и е направен од Пејџ и од Плант во Велс, што ќе резултира со рурален и акустичен звук, во кој ќе се почувствува влијанието на келтската и на фолк-музиката. Почнува со ода за викинзите, „Immigrant Song“, во која наездата на викинзите во историјата на Велика Британија и на другиот дел од западниот свет е претставена малку на поромантичен начин, отколку што се случила во реалноста. Оваа песна е обид на „Лед цепелин“ на хипи-движењето да му даде викиншки, келтски и пагански шмек и имиџ – обид за еден рок-џихад, чијашто енергија се црпи во минатото и ѝ се дава на тогашната млада генерација, која се буни против сите војни во светот. Нешто слично како што пееја Нил Дајмонд, Вуди Гатри, Ренди Њумен и Брус Спрингстин, само во помоќна музичка верзија. По оваа песна членовите на „Цепелин“ сите ги нарекуваа рок-богови чекан на боговите. Другите песни од албумот се акустични песни, еден вид шетање по полињата и по шумите на Келтите („Thats The Way“, „Tangrine“, „Gallows Pole“), блузерскорокерскиот еп „ Since I’ve Been Loving You“ и песната „Out on the Tiles“, во која доминираат тапаните.

Четвртиот албум, нема име, и подоцна е наречен „Безимен албум“ (1971г.). Тоа е албум што и понатаму ја дефинираше единствената формула на групата за комбинирање на необработените акустични елементи со карактеристиките на хевиметал и на блуз. Овој албум нуди, буквално, сѐ: од црни кучиња на пеколот, до снежните врвови на Атлантида. Така има чист хардрок („Black Dog“), нежни акустични песни („Four Sticks“, „Going to California“) и уште многу друго. Сепак, песните „Rock and Rol“ и „When the Love Breaks“, а особено песната „Stairway to Heaven“, ќе станат три најдобри и најпознати песни на групата. Оваа нумера е пар екселанс симболична песна. Таа е богата со слики што нѐ упатуваат на лексичката сфера на музиката. Во неа птица ја пее мелодијата што ја пееме ние. Тука се и митските слики: повикот на Западот, кралицата на пролетта – девојка од празникот на пролетта, која ја персонифицира белата богиња на Келтите. Тука е и свирачот на флејта, кој ги соединува митот и музиката. Сето тоа во три музички фази: бавен, слоумоушн, акустичен вовед, брза, динамична акустична средина, и електрично финале, потпишано со гитарското соло на Пејџ. Едноставно, песната е злато, преку кое групата се венча со својата публика за сите времиња. За тоа помогнаа стиховите „… зборовите понекогаш имаат две значења… понекогаш сите наши идеи се несигурни… постојат две патеки по кои можеш да се движиш, но дури и на половина пат можеш да се премислиш…“. Нумерата е блокбастер и егзотичен мегахит, со кој, метафорички кажано, љубителите на рокенролот си купија скали до рајот. Преку анкетата на списанието „Гитар ворлд“, спроведена во 2005 година, оваа песна е прогласена за песна со најдобро гитарско соло на сите времиња. Преку оваа песна, а и преку другите од безимениот албум, „Лед цепелин“ ни понуди четирикратен спој меѓу музиката, поезијата, метафизиката и стратегијата. Овој рокенрол е чудна комбинација на окултното и на паганското, келтските легенди и исландските саги, прочистен и структуриран традиционален блуз и фолк. Ваквата музика се обраќа на нашето имагинарно, со цел своето присуство да го направи видливо и да ја зацврсти подлогата од која изникнува. Сето ова е зачинето со четирите симбола, по еден за секој член на групата, кои се втиснати на албумот. Другите албуми што ги издаде групата се „Houses of the Holy“, 1973 (модерен албум што ги воведува првите синтисајзери); „Physical Graffiti“, 1975 (албум во кој секоја песна е посветена на една дрога, со епската „Kashmir“, која е еден вид духовен обединувач); „Presence“, 1976 (потсетува на дневникот на Кроули, бела насловна страница, бела музика, замрзната со претерана употреба на кокаин); „In Through the Out Door“, 1979 (најблед албум на групата, кој го содржи ремек-делото „In the Evening“); „Coda“, 1982 (историја за веќе легендарните војнички победи, многу блескав завршок на приказната за „Цепелин“).

По сѐ, кои се четворицата виртуози на „Лед цепелин“? Првата икона на бендот е Роберт Плант, човек на Ориентот и поет на сончев лиризам. Препознатлив по својот специфичен, завивачки вокал, мистичните текстови, инспирирани од викинзите и од Толкин. Веруваше во својата судбина, астрологијата и во реинкарнацијата. Имаше типичен рокерски изглед, кој го надополнуваше со неверојатен сценски перформанс, исполнет со нагласена сексуалност. Така и го заработи епитетот златниот бог на рокот, и секогаш беше претставуван како херој на светлината. Втора икона на бендот, и еден вид заштитен знак е Џими Пејџ. Тој доаѓа од друга димензија. Човек на Западот, денди од традицијата на Теофил Готје и на Оскар Вајлд. Го нарекуваат сенката на „Цепелин“, темната страна на бендот. Ама генијалноста никој не може да му ја негира, ниту оспори. Со виртуозноста при свирењето и креативноста и иновативноста ја заслужи репутацијата на најпочитуван гитарист на сите времиња. Магичен гитарист, aпсолутен бог на рок-гитарата, почитуван магионичар на гитарата со два врата, ајатолах на вахвах-звукот, последен од хероите што свират добра музика на гитара. Инаку, тој е една од најмистериозните појави во рокот: кокетираше со окултизмот, и го проучуваше мистикот Алистер Кроули. Плант и Пејџ се спротивности што се наоѓаат на иста бранова должина. Така и создадоа звук од глас и од гитара, кои меѓусебно се довикуваат, како на обработката на пената „You Shook Me“, во која гласот на Плант станува инструмент од почетокот на секоја фраза, а гитарата проговорува на крајот на секоја строфа. Аријата ќе се создаде дури тогаш кога „сите ќе станат едно, и кога едното ќе стане сѐ“, како што пее Плант во рок-химната „Stairway to Heaven“. Басистот Џон Пол Џонс е неверојатно талентиран музичар, кој покрај бас-гитара свиреше и клавијатури и непроценливо придонесе за уметничката вредност на групата. Џон Бонам, наречен Бонзо, е тајното оружје на „Лед цепелин“. Хендрикс извонредно многу го ценел, особено неговиот единствен удар на бас-тапаните, кој звучел како кастањети. Беше виртуоз на тапани и од многу музички критичари е прогласен за еден од најдобрите и највлијателни тапанари на сите времиња. Неговата темна страна беа дрогите и алкохолот од кои и прерано почина во 1980 година, кога групата од почит кон него и неговото семејство, престана да постои. Повторно се собраа само во 1985 година за „Лајв ејд“, во 1988 година за 40 години постоење на “Атлантик рекорд“, и во 2007 година, кога во арената „О2“ одржаа тричасовен концерт, на кој тапани свиреше Џејсон Бонам, синот на Џон. Сите заедно како целина ја сочинуваат инкантативната, космичка и магична група – „Лед цепелин“, група, која имаше катарзичен ефект на цела една епоха, и сето тоа преку намалени септими, користење на тритонски интервал, ставање во низа целостепени музички скали. Со нив рок-музиката повторно ја пронајде моќта да посредува меѓу видливите и невидливите светови.

Доколку внимателно ја анализираме музиката на овие четири генијалци ќе видиме дека корените на нивното музицирање се наоѓаат во музиката на Џими Хендрикс и на Б.Б.Кинг. Сепак, тоа е само основната музичка подлога, која тие ја надоградија во еден единствен музички балет на моќни рифови, уште помоќни вокали, зачинети со ласери и со децибели. И музичките обожаватели меѓу сето тоа.

„Лед цепелин“ и по толку години остануваат посебен и единствен случај. Тоа е музички споменик што не излегува од мода. Најскапоцениот камен во одисејата наречена рок, пронајден во барата на поп и на рок-музиката, но и издигнат над неа, и претворен во симбол на тврдоглава и исклучителна извонредност. Го сочинуваат исклучителни и неповторливи музичари, мега-класа музичари. Членовите на бендот „Лед цепелин“ во 1995 година беа примени во Куќата на славните во рокенролот. Во 2005 година членовите на „Цепелин“ ја добија наградата „ Греми“ за животно дело, наредната година и „Полар мјузик прајз“, а во 2012 година центарот „Кенеди“ им додели награда за извонреден придонес во културата во САД. Бендот е рангиран на прво место, на листата 100 најдобри хардрок-состави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top