Стратегот на Копенхаген, Стале Солбакен, имаше пофални зборови за Вардар на вчерашната прес-конференција, но овој стручњак дефинитивно има потценувачки однос кога станува збор за македонскиот фудбал како целина. Така, тренерот на данскиот првак го пофали Фелипе како предводник на „црвено-црните“, додавајќи дека е изненаден како може толку квалитетен фудбалер да игра во лига како што е македонската.
– Нема дилеми дека Фелипе е најдобриот фудбалер на Вардар. Тој е одличен игра за врска, и со сета почит кон нашиот противник, не можам а да не се запрашам како таков фудбалер може да игра во лига како оваа. Ќе треба добро да внимаваме на него, исто како и на Балотели, кој е физички многу силен и може да ни создаде многу проблеми во нападот – истакна Солбакен.
Тој изрази и мала загриженост поради високата температура, иако олеснувачка околност за Копенхаген е што денешниот меч ќе стартува во 20 часот.
– На тренингот беше пеколно, но очекувам на мечот ситуацијата да е подобра бидејќи играме два часа подоцна. И порано имаме настапувано на слична температура во европските квалификации, ќе сториме се за тоа да не влијае врз нашата игра – порача стратегот на Копенхаген.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.