| четврток, 6 декември 2018 |

Пинк Флојд: Извонреден звук, прекрасна поезија и неверојатно визуелно доживување

Пинк Флојд е една од највлијателните и најуспешни рок-групи на сите времиња. Со својата квалитетна мелодика и извонредна хармонија си обезбеди почесно место во историјата на рокот, и е на самиот врв на светската музика. Ако за некоја музичка група може да се каже дека ги премостила психоделичниот рок од 60-тите години на 20 век и електронските рок-експерименти од 70-тите години, сигурно, тоа е Пинк Флојд. Од самото формирање на групата, клавијатуристот Ричард Рајт просто маѓепсувал со егзотични, вселенски електронски звуци на оргулите од марката „фарфиса“, низ апаратот „бинсон ехорек“. Токму тој апарат произведувал неверојатно чудни ехоефекти кои совршено ги надополнувале психоделичните светлосни ефекти по кои Пинк Флојд е и најпозната. Овие истражувања и експерименти на групата не биле ограничени само на клавијатурите, туку тоа се однесувало и на гитарските ритамски секции и бас-делници, отсвирени од Роџер Вотерс и Дејвид Гилмор, па така групата извршила значајно влијание врз прогресивните рок-групи од почетокот на 70-тите години на минатиот век, кои, пак, ги однеле своите расфрлани инструментални пасажи до симфониски крајности. Сепак, групата најмногу е препознатлива по музичката креативност, неконформистичкиот став на нејзините членови, и по духот на авантурата на поетите-битници, андерграунд-писателите и поети, Вилијам Бароуз, Џек Керуак и Алан Гинзберг.

Оригиналноста на Пинк Флојд, пак, се состои во нивниот иновативен музички стил, филозофско-политичките текстови на нивните песни, звучните експериментирања, визуелните концертни перформанси, концептуалните музички албуми, модернистичките дизајни на кориците на тие албуми, и секако, по психоделичните мелодии, испеани во вид на прогресивен, арт, блуз, симфониски, експериментален и хард рок. Тоа е музичка и животна приказна за Пинк Флојд, почнувајќи од нејзините корени во Кембриџ, преку глобалниот успех со албумот „The Dark Side Of The Moon“ (Темната страна на Месечината), и горчливото распаѓање на групата во 80-тите години на 20 век, до нивното историско собирање за „Лајф 8“ во 2005 г., до смртта на основачот Сид Берет во 2006 година, смртта на Ричард Рајт во 2008 г., и сѐ после тоа до денес. Музиката на групата најдобро можеме да ја опишеме како извонреден звук, прекрасна поезија и неверојатно визуелно доживување. Метафорично изразено, нивната музика е еден вид апстрактно сликарство. Секој што ја слуша и е нејзин обожавател, различно ја восприема, и уште поразлично ја доживува. Музиката на флојдовци е толку голема што го придвижува воздухот, а кога ја слушаме, имаме неодоливо чувство дека дишеме Пинк Флојд. Тоа е бавно градење на мелодиите, неверојатни видео и аудиоефекти и целосно избегнување на вообичаената структура на песните. Посебен и оригинален музички космос – Пинк Флојд. Во него има отчукување на срцето, зуење на хеликоптер, ѕвечење на железна каса полна со железни монети, испрекинато смеење, кое се претвора во хистеричен крик, снопови на светлост од рефлектори, видеоекран, со најразлични игри на бои, чудни промени, тресења, електронски вибрации, и сето тоа спакувано во една зачудувачка, неповторлива и заводлива аудио-визуелна хармонија. На моменти, човек да помисли дека тоа е надреална музика, еден вид луда грандиозност. Но, еден близок соработник на групата одамна ја спуштил топката велејќи дека нивната музика е како преубава девојка која оди по улица, но одбива да разговара со кого било. Како и да е, нивната музика и концертните перформанси, музичките критичари одамна ги опишуваат како запалени светилки во темнината, блескава прашина во ветрот, и возбудливо патување кон темната страна на Месечината. Музика со ефекти, но и убедувања. Едноставно, Пинк Флојд се креативни мајстори на музичката драматургија.

Главниот виновници се Роџер Вотерс, творецот на музичкиот концепт Пинк Флојд, и нивниот прв концептуален музички албум „The Dark Side Of The Moon“. Овој иновативен музички проект-концепт, потполно им ги промени, како концепцијата на живи настапи, така и статусот во светот на музиката. Со издавањето на овој албум, групата, како допрена со магично стапче од некоја добра вила, од андерграунд групана англиската музичка сцена(со не така голем број следбеници), се претвори и израсна во најголема светска мега атракција на 70-тите години на минатиот век. Овој музички албум ги надмина сите дотогашни рекорди на продавање и непрекинат престој на првото место на музичките топ листи од две години. Кога и да ги преслушувам музичките нумери од овој албум, имам неодоливо чувство дека флојдовци на многу магичен и мистичен начин се лансираат од едната страна на музичкиот спектар, до другата, а потоа, повторно се враќаат на почетокот, со полни џебови неверојатни песни. И чиниш, сето тоа можеш да го објасниш единствено преку научно-фантастична метафора, во стилот дека си изложен на удари на ветришта по главата, со звучни проблесоци, создадени во некои мрачни, злокобни ќошиња на Сончевиот систем.

Приказната за четворката музичари, познати како Пинк Флојд, започнува во англискиот универзитетски град Кембриџ. Тројца тинејџери Роџер Вотерс, Дејвид Гилмор и Сид Берет ја откриле заедничката страст за музика. Тие, поради преселување во Лондон и продолжување на школувањето, привремено ќе се разделат (Дејвид и Сид ќе се запишат во уметничка школа и ќе настапуваат како фолкдует, а Роџер се одлучува за архитектура, каде што ќе сретне нови музички истомисленици во Ник Мејсон, тапанар, и Рик Рајт, клавијатури), но подоцна, патиштата повторно ќе им се вкрстат. Најпрвин, во 1964 година, Роџер Вотерс, Ричард Рајт и Ник Мејсон, ќе го основаат бендот Сигма 6, кого подоцна ќе го преименуваат во Т-сетс. Во 1965 година бендот повторно го менува името, и тоа неколку пати (The Meggadeaths, The Abdabs, The Screaming Abdabs), за да на крајот си го врати името Т-Сетс. Во тоа време Сид Берет пишува песни, под влијанието на психоделичниот рок од САД, но на негов начин со вметнување на цинизам и хумор. Со таква музика станаа омилени во андерграунд движењето во Велика Британија, и почнаа да свират во атрактивни места како клубовите „УФО“, „Марки“ и „Раундхаус“. Во март 1967 година, групата го издаде синглот „Arnold Lajne“ (за склоноста на едно машко да облекува женска облека), а во јуни, истата година и „Seed Emily Play“ (за редовна посетителка на тогашните лондонски психоделични рејвови) и тие веднаш станаа вистински хитови. Единството на спротивности во музиката на групата, помогнаа да се создаде посебноста која ја издвои Пинк Флојд од армијата нови групи од тоа време.

Првиот албум „Гајдаџија на капијата на зората“ (Piper At The Gates Of Dawn), издаден 1967 година, на кој е ставено името Пинк Флојд, беше одлично прифатен како еден од темелите на британската психоделија. Инаку, името Пинк Флојд е добиено од имињата на двајца познати блуз музичари Пинк Андерсон и Флојд Консил. Песните на него, претежно напишани од Берет, искажуваа поетични текстови и електрична комбинација на музика. Тоа беше авангарда, која се сретнува во песната „Interstllar Overdrive“, до импулсивни песни, каква што е „The Scarecrow“, инспирирана од фолкмузика од регион близу до Кембриџ. Текстовите на овој албум се нереални и надреалистични, кои имаат врска со фолклорот, како што е песната „The Gnome“. Веќе во оваа фаза се забележува користење на нови технологии во електрониката, како што е употребата на стереопанинг, обработка на снимките, ехоефекти и електронски клавијатури. Во тоа време се јавија и првите проблеми со Сид Берет, во тоа време најкреативниот член на групата, и авторот на песните што ги создаваа. Тој како зависник од опојни дроги, беше целосно физички и психички истоштен и имаше комплетно непредвидливо однесување на сцената и надвор од неа. Стариот пријател Дејвид Гилмор беше повикан, најпрвин како петти член, да ги пополни празнините, а од 5 април 1968 година Сид Берет беше отстранет од групата. Спротивно на очекувањата на скептиците и на нивните менаџери, иако без главниот текстописец и композитор, групата успеа да опстане. Неискусни во пишување песни, Вотерс, Гилмор, Мејсон и Рајт, се посветија на создавање на звучни пејзажи, кои беа во духот на постпсиходеличниот чил-аут (chill-out). Следните албуми како што се двојниот албум „Ummagumma“ (1969), и „Atomheart Mother“ (1970), го претставија бендот во експериментална симфо-рок фаза, за која, подоцна изјавија, дека не бил правецот во кој требало да се движат. Но, затоа пак, албумот „Meddle“ (1971), на кој се најдоа познатите нумери „One Of These Days“ и „Echoes“, дефинитивно го дефинираше звукот кој во неколкуте наредни години ќе ги следи, и со кој, од година в година, го зацврстуваа статусот на култна андерграунд музичка група. Во тоа време (1968/69г.) современите филмски режисери, како славниот италијански режисер Микеланџело Антоњони и Барбер Шредер (познат француски режисер на филмови за хипидвижењето), нарачуваа музика од нив за своите филмови.

Сепак, групата е најпозната по концептуалните музичките албуми „The Dark Side Of The Moon“ (1973), „Wish You Were Here“ (1975), „Animals“ (1977) и „The Wall“ (1979). За првиот од нив, „The Dark Side Of The Moon“, Роџер Вотерс се почувствува доволно зрел да напише концептуална цврста приказна за лудилото на животот во трката за современа цивилизација. Овој албум ја доведе групата на самиот музички врв. Со музиката застапена во него, се покажа интензивен и многу фокусиран. Со овој албум започнува нивната музика на „откачени звуци“, како и познатите стихови „Вдиши, вдиши воздух…“, со кои постепено ќе го градат нивниот посебен музички космос. Со овој албум групата ќе покаже дека сака моќна музика, но и дека има потреба пастелно да ја обојува, дури и кога таа е агресивна. Во таа смисла, албумот почнува и завршува со звуци од отчукувања на срцето, во него има преплетени чувства и искуства, преку кои се истражуваат стравот, неуспехот, лакомоста и лудилото. Тежината на неговите теми – пари, време на глобализација и обезличување и ментално заболување – сосема одговара на музиката во песните, како што се „Brain Damage“ и „On The Run“.Плочата во целина е прекрасно отсвирена и вообличена за публика која ги исполнува спортските стадиони. Со овој концептуален албум, Роџер Вотерс, прави обид од групата да ја симне етикетата „вселенски рок“, да побегне од психоделичните клишеи и Пинк Флојд да го приближи кон политичките и филозофските теми.

Албумот „Wish You Were Here“ музички е неверојатно прагматичен, а технички добро структуиран и организиран. Насловите како „Welcome To The Machine“ (Добродојдовте во машината), „Have a Cigar“ (Послужете се со цигара/пура), зборуваат, и тоа многу сликовито, за дијалогот кој Роџер го водеше со лакомата и бескруполозна музичка индустрија. Најбитна е нумерата „Shine On You Crazy Diamond“, посветена на Сид „лудиот дијамант“, првиот фронтмен на групата. Во неа е содржан еден од најпознатите инструментали во музиката. Во основата е едноставен блуз, со звучен колорит и сугестивен мелодиски израз. Гилмор од својот „стратокастер“ исцедува три уводни ноти, што во историјата на рок-музиката се вреднува многу повеќе од сите зилиони, триоли и квадрали од седумдесеттите години од минатиот век. Тоа е колосална и длабоко емотивна посвета на стариот пријател Сид. Во неа на преден план доаѓа впечатливото свирење гитара од Гилмор. Кај него се чувствуваат влијанието на блузот, изразеноста и чувствителноста, а во техничка смисла има многу бендинг и долги ноти.

За нивниот албум „Animals“, пак, снимен 1977 година, тие креирале екстензивни аудиоколажи, употребувајќи снимени звуци, како егзотични, така и обични, што потоа ги обработувале во студио, давајќи им необична, дури и чудна музикалност. Песните од овој албум спаѓаат во едни од најотворените, но и најзајадливи остварувања на Роџер Вотерс. Сите се една експлозивна свирка, а свирењето на гитаристот Гилмор е врвно и генијално. Неговиот вокал на тешките стихови на Роџерс им дава една слатка обланда. Ова особено се однесува на песната „Dogs“, чијашто природа се споредува со едно од клучните дела на бит-генерацијата – поемата „Крик“ на Алан Гинзберг. Нумерата „Pigs (Three Diferent Ones)“, има воедначен фанки ритам, со повторување на ударот врз ѕвоното на тапаните, при што Гилмор почнува со блузерско филување на ритамот. Неговата генијалност, звукот го доведува на ниво на музичка уметност. Не знам дали воопшто треба да се пишува за значењето и моќта на албумот „The Wall“. Тоа е мегаконцепт, досега ненадминат во историјата на музиката. Се занимава со отуѓеноста на рокенрол ѕвезда на врвот на кариерата и лошите комуникации на големите ѕвезда со публиката.

Музиката во насловната нумера „Another Brick in the Wall“, е единствена, со уникатен звук – вистинска рок-опера.

Членовите на групата се покажаа како музички мистици, кои создаваат и свират мистична психоделична музика, зачинета со авангарден вселенски светлосен амбиент, заднински проекции на бината и најразлични звучни ефекти. Нивната музика влијаеше на повеќе познати изведувачи како Дејвид Боуви, Џенезис, Квин, Јес и многу други. Вистината вткаена во музиката и текстовите на Пинк Флојд, претставуваше, и сѐ уште претставува, клуч за нивната трајна привлечност за слушателите. Сите тие стихови и мелодии, денес имаат смисла, како и пред четириесет и повеќе години. Пинк Флојд никогаш нема да можат да побегнат од своето минато. Тоа што Дејвид Гилмор го нарекува „некоја чудна магија“, денес е еднакво опиплива колку и во минатото, ако не и многу повеќе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top