| четврток, 6 декември 2018 |

Реј Чарлс – слепиот музичар, кој преку музиката го гледаше животот

Имам болка во срцето, имам блуз.
Што и да имаш, блузот е секогаш тука.

Џон Ли Хукер

 

Рејмонд Чарлс Робинсон, познат како Реј Чарлс, е легендарниот слеп музичар, текстописец, композитор, аранжер, мултиинструменталист, пејач, лидер на мали ансамбли и оркестри. Toj e eден е од највлијателните и најпочитувани музички уметници на популарната музика на 20 век. Извонреден музичар и ненадминат емотивен пејач. Неговиот прекар Џиниус, кажува сѐ за неговите квалитети, а Брадр Реј само ја надополнува комплетната слика за него. Неговото пеење и свирење имаат корени во госпелот и во спиритуалистичкото наследство на црномурните музички уметници од САД. Покрај во џезот, оставил длабоки и големи траги и во ритам и блуз-музиката, фанкот, соулот, кантри и вестерн музиката, па дури и во рокот, бидејќи е еден од втемелувачите на раниот рокенрол. Сето тоа го постигнал бидејќи свирел музика составена од најразлични елементи – ритам и блуз, зачинет со џез, а надополнет со кантри, така што го отворил патот за соул музиката. Затоа избегнува да биде категоризиран како ритам и блуз изведувач. Повеќе сака да го сместуваат во основоположниците на соул-музиката бидејќи, навистина, е еден од нејзините создавачи. Исто така, на почетокот на 60-тите години од минатиот век, џезот со госпел, блуз и ритам и со блуз-призвук, во своите снимки тој го произвел во соул-џез. Неговите песни се карактеризираат со тоа што во одредени моменти транзицијата од госпел во соул-музика била сосема експлицитна. Така не само што го црпел својот вокален стил и модулациите од црквата, туку и некои песни ги преземал од неа. Така, песната „This Little Light Of Mine“ ја трансформирал во љубовна песна „This Little Girl Of Mine“ и ја направил хит.

Роден е на 23 септември 1930 година, од мајка Арета, татко Бејли, во Олбенија, Џорџија, САД. Татко му многу рано ја напуштил фамилијата, па тој живеел со својата мајка и со помалиот брат, кој се удавил кога Чарлс имал само пет години. По само една година од таа несреќа, го загубил видот и продолжил да се школува во завод за слепи лица во Флорида (Свети Августин), каде што научил да свири на клавир, оргули, алт и тенор саксофон, труба, кларинет и на синтисајзер. Кога имал 14 години умира и неговата мајка. Подоцна во животот тој ќе изјави дека двете најголеми трагедии во неговиот живот се, прво загубата на помалиот брат Џорџ, а потоа и моментот кога починала мајка му Арета. На почетокот на кариерата не бил соодветно наградуван за својата музика, па така, парите што ги заработувал за една вечер, свирејќи пијано како тинејџер во Џексонвил, изнесувале четири долари (денешна вредност околу 50 долари). Но, бил решен и упорен во намерите да успее. Прво свирел класична музика од Бах, Моцарт и од Бетовен, а потоа почнал да се интересира и да свири и популарна музика. Храбро импровизирал и имал склоност кон иновации, како во пеењето, така и во свирењето. Од 1945 до 1952 година, се сели во Орландо, Тампа, Мајами, Лос Анџелес и Сиетл – градови во кои работел за да преживее ден за ден. Во доцните четириесетти години од минатиот век ќе го запознае и Квинси Џонс, кој ќе му остане пријател и соработник до крајот на животот. Во текот на 1952 и 1953 година престојувал во Њу Орлеанс, каде што почнал да се оформува како музичар работејќи со издавачката куќа „Спешалти“. Најпозната песна од тоа време му е блуз-нумерата „The Things That I Used To Do“. Инаку, на блузот можеме да му пристапиме културолошки на повеќе начини – социолошки, литерално или музиколошки. Тој е толку поврзан за еволуцијата на џезот, како со обилноста на темите, така и со своите специфичности, па така не може да се одделува од него. Многу луѓе и ден-денес под џез подразбираат блуз. Тоа, најверојатно, е и една од причините што не постои џез-музичар што не го свири на овој или тој начин, и пејач кој не го пее. Најдобар пример е токму Реј Чарлс. Тој е најдобра потврда дека блузот – песната на црниот човек, е цел еден свет на судбини, стории и на прераскажувања за секојдневните нешта од животот на Афроамериканците во САД. Тоа е животна исповед на нивните интерпретатори, во кои тие молат, шепотат, се смеат, плачат и страдаат. Во еден момент се весели, а во следниот веќе се тажни. Но, во таа разочараност, која преминува во тага, како да има некоја мудрост, па така се раѓа и по некоја насмевка. Се поставува прашањето дали се тоа социјални песни, во кои провејува духот на човечката животна филозофија, која ја исполнува сферата на зборот и на визијата? Одговорот, несомнено, е потврден. Дефинитивно, блузот е исповед. Тоа е песна во која искрените страсти се испреплетуваат во мозаик на непрегледни длабочини. Едноставно, тоа се звуци што се наметнуваат со магиска моќ. Таква една блуз-сторија е и животот на Реј Чарлс. Неговото несреќно детство е полно со несреќи, тага, очај и со осаменост, предизвикани најмногу од чувството на отфрленост, кога лекарите го оставиле да ослепи само затоа што бил сиромашен и со темна боја на кожата. Неговата изјава: „Имав дваесет години кога сите ме одбегнуваа како чума. Мислев дека ќе останам сосема сам во таа проклета црна немаштина. Морав да работам нешто. Така, во бунилото на тој страв почнав полека да ја отворам гладната уста, од која, како од некое рането животно доаѓаше уморниот крик и пак умираше во мене…“, го потврдува токму тоа. Можеби и затоа овој импресивен пејач пее претежно тажни песни со скриена болка, протест и очај.

Единствен вистински гениј во шоубизнисот е Реј Чарлс.

Френк Синатра

 

На почетокот на кариерата, во 1946 година, оформи состав од три музичари, според тогашниот тренд. Подоцна, репертоарски се приближи на неговиот идол Нет Кинг Кол, кого и вокално успешно го имитираше. Во тоа време ги прави и своите први четири снимки – „Wonderind and Wondering“, „Walking and Talking“, „Whu Did You Go“ и „I Found My Baby There“, за кои со сигурност не се знае дали се снимени во Темпа, Мајами или Лос Анџелес. Покрај Нет Кинг Кол, врз него големо влијание во музиката имале и Арт Татум, Луј Џордан, Чарлс Браун и Луј Армстронг. Со тек на времето сѐ повеќе се свртува кон соулот спојувајќи блуз, госпел и рокенрол. На крајот од 50-тите и на почетокот од 60-тите во својот репертоар внесува и популарни мелодии, хилибили-песни, и сѐ повеќе свири и пее во соул и фанк-манир, а неговото чувствително пеење, со убава боја на гласот, лесно го пронаоѓа патот до слушателите. Така, прво во јуни 1952 година потпишува договор со „Атлантик рекордс“, за 2.500 долари (денешна вредност околу 22.500 долари). За оваа издавачка куќа прво снима неколку џамп-блуз и бугивуги-нумери, како бавни блуз-балади, а подоцна ги снима и „Don’t You Know“, „It Should Have Been Me“, кои се негови први хитови за „Атлантик рекордс“. Неговата популарност во музичкиот свет, и надвор од него, почнува да се зголемува, тој и понатаму неуморно работи, и следува период во кој ги снима своите најголеми хитови: „Georgie on My Mind“, „I Can’t Stop Loving You“, „Hit the Road Jack“, „Night Time is a Rigt Time“, „Cryin’ Time“, „What’d I Say“, „Here We Go Again“ и многу други. За квалитетот на неговата чувствителна интерпретација, говори и фактот дека неговата верзија на „Georgie on My Mind“ стана и официјална химна на истоимената сојузната држава во САД. Кога е во прашање оваа нумера, треба да се каже дека тој за неа има повеќе различни изведби. Најпознати се две од нив: првата, оригиналната, во која тој е придружуван само од гудачки делници на виолина, свирење на клавир од него самиот и неговиот извонреден вокал, со кој ни пренесува неверојатно нежна и чувствителна лирика за Џорџија; и втората, снимена многу подоцна, кога тој свири на прекрасен бел клавир, а го придружуваат и дувачки инструменти, како кларинет, саксофон, тромблон и труба. Во оваа верзија неговиот вокал е многу помоќен, од првата, оригиналната, и може да се рече дека на многу чуден начин се испреплетува со музиката. Сепак, мој фаворит е првата верзија, каде што вокалот колку што е потивок, толку е повпечатлив. Инаку, за оваа нумера тој ги има добиено сите можни награди што може да ги добие еден уметник што се занимава со музика. Со неа тој го освојува музичкиот Олимп, на кого ќе остане сѐ до крајот на својот живот. Уште една нумера заслужува да биде истакната: тоа е песната „America the Beautiful“. Се работи за протесна песна, чијашто содржина е во одбрана на човековите граѓански права, кои во тоа време во САД, многу често, без некој посериозен повод, се кршат од државниот и политичкиот естаблишмент. Верзијата што тој ја изведува одамна е прогласена за музичка класика, а тој, како изведувач на тој музички перформанс, за музичар и пејач–генијалец.

На врвот на славата не успеа да му се спротивстави на порокот карактеристичен на многу музички уметници од тоа време – зависноста од наркотични средства, па така стана тежок зависник, прво од марихуана, а потоа и од хероин. За консумирање дрога е апсен трипати, но по успешната рехабилитација за одвикнување од дрогата, осуден е условно, без да оди на отслужување на казна затвор. Инаку, познат е како жесток противник на расната сегрегација и насилството над црното население во САД. Познат е примерот кога во 1961 година го откажа концертот поради тоа што во концертната сала беа поделени седиштата за бели и за црни посетители. Тој тоа ниту можеше да го сфати, ниту, пак, го одобруваше. За приватниот живот се знае дека двапати се женеше и исто толку пати се разведуваше. Од седум различни жени има 12 деца, од кои доби 21 внук и пет правнуци. Почина од компликации на слезината на 10 јуни 2004 година, во својата вила на Беверли Хилс, Калифорнија. Останува запаметен по емотивноста со која му приоѓаше на секој свој концерт, воспоставувајќи извонреден однос со публиката (прашање – одговор, како во госпелот), често доведувајќи ја до делириум.

Никаде во Библијата, ниту во Стариот, ниту во Новиот завет, не пишува „Ако верувате во мене, ќе немате никакви проблеми“

Реј Чарлс

 

Неговата музичка дискографија почнува во 1954 година со албумот „A Got a Woman“, продолжува 1959 г. со „Whatd I Say“, па 1960 г. „Georgia on My Mind“, 1961 г. „Hit the Road Jack“, „On Mind Julep“, „Unchain My Heart“, 1962 г. „I Cant Stop Living You“, па сѐ до 2004 г. со „Genius Loves Company“. Тоа е неговиот последен албум, во кој преовладуваат дуетите со Б. Б. Кинг, Елтон Џон, Вили Нелсон, Натали Кол, Нора Џонс и други, кој е еден од неговите најдобри албуми, што го потврдува и фактот дека е добитник на осум награди „Греми“. Тој и пред тоа, во својата богата музичка кариера, добитник е на голем број музички награди. Има освоено многу награди „Греми“ за најдобар албум на годината, најдобра вокална изведба и најдобар ритам и блуз нумера. Единствен музички уметник е кој добивал „Греми“ за наведените категории во период од пет децении (1960 г. – 2004 г.). Во 2004 година за неговиот живот и кариера снимен е филмот „Реј“, во режија на Тејлор Хектор, во кој носители на главните улоги се Џејми Фокс (добитник на „Оскар“ за главна машка улога) и Кери Вашингтон. Инаку Реј Чарлс за време на својот живот има играно во повеќе играни филмови, од кои најпознати се „Swingin’ Along“(1961), „Ballad in Blue“(1965), „The Big T.N.T Show“ (1966), „Blues brothers“ (1980), „Love Affair“(1994), „Spy hard“ (1996), „Blue’s big Musical Movie“ (2000), а за него се снимени и повеќе документарни филмови. Во две пригоди има пеено на забави во Белата куќа во САД: на почетокот на вториот мандат на Роналд Реган и при првиот мандат на Бил Клинтон. Списанието „Ролингстоун“, 2004 година го стави на 10 место на листата од 100 најголеми музички уметници, а во 2008 година му го додели второто место на истата листа. Заслужено има добиено Ѕвезда на славна личност на Булеварот на славните во Холивуд. На крајот што да се каже за овој слеп уметник. Ако за Бинг Крозби и за Френк Синатра, пред него, можеме да кажеме дека се мајстори на зборовите и на лириката, тој, Реј Чарлс, е ненадминат мајстор на музиката, сфатена како певлива мелодија, моќна динамика, неверојатна хармонија и променлив ритам. Тоа е сето негово музичко наследство, од кое ние сме презадоволни и понатаму продолжуваме да уживаме.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top