Шпанската класа и моќ на своја кожа ја почувствуваа избраниците на Боби Милевски, откако вечерва во Гдиња загубија со 5-0 од селекцијата на Алберт Селадес. На официјалната прес-конференција нашиот селектор го анализираше дебитанскиот натпревар на едно Европско првенство.
– Иако можеби не треба да се честита после ваков пораз, сепак јас сакам тоа да го направам за моите фудбалери. Анализата и процентот на посед на топка посебно во првиот дел, можеби некаде до 60 минута, покажува дека бевме рамноправни или подобри. Имавме повеќе опасни ситуации, корнери, удари на гол, но за жал вечерва играме против одлична селекција. Но, од друга страна честитки за моите фудбалери, горд сум на нивната игра. Додека имавме сила во првиот еден час бевме одлично, но подоцна не успеавме да го задржиме ритамот и темпото од првите 60 минути. Македонија секогаш ќе игра отворено без разлика против кој игра. И против Франција игравме отворено, но не загубивме. Сепак, честитки за Шпанија која вечерва беше подобар противник – изјави Милевски.
Селекторот потоа се насочи кон иднината и можеби загубените шанси за полуфиналето.
– Не е лесно да се вратиш после ваков пораз, но кога осеќаш дека во поголемиот дел од натпреварот си рамноправен, ни дава за надеж дека ќе бидеме подобри. Не би рекол дека немаме шанси за следната фаза, имаме уште два натпревари и сега се насочуваме кон нив. Секако дека причината за замената на Давид беше и во перпектива за во иднина и обид да ги сочуваме играичите за натпреварот против Србија. Ако одиграте вака еден час против ривал како Шпанија, нема многу причини за замени во составот, но оставам простор во наредните неколку дена и тогаш ќе одлучам за составот. Познавајќи го карактерот на овие момции, мислам дека ментално нема да потонат, а ќе се обидеме и физички да бидат подготвени 90 минути – заврши Милевски.
Утре нашите момци ќе тренираат во Гдањск и полека ќе почнат да мислат на следниот противник, Србија на Лалатовиќ со која ќе играат во вторник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.