| четврток, 6 декември 2018 |

Победа над Украина значи пласман на четвртото Европско првенство во низа

Ракометната репрезентација на Македонија во петтиот квалификациски меч за ЕП 2018 се соочува со тешко гостување кај Украина, на кое доколку се слави, ќе се обезбеди пласман на нов европски собир.

По вчерашната победа на Чешка над Исланд, Македонија со победа ќе се „чекира“ на четвртото ЕП во низа, или вкупно, на седмиот голем ракометен собир, земајќи ги и учествата на Светските првенства.

Континуитетот на нашата земја на ракометните настани почна во 2012 година со пласманот на ЕП во Србија каде го остваривме најголемиот успех во ракометната историја со петтото освоено место, а потоа следеа настапи на СП 2013 (Шпанија, 14 место), ЕП 2014 (Данска, 10 место), СП 2015 (Катар, 9 место), ЕП 2016 (Полска, 11 место) и СП 2017 (Франција, 15 место).

Досега, со Украина имаме вкупно три одиграни меча и имаме една победа, едно реми и еден пораз. Токму на последниот меч во Скопје во рамки на квалификациите за ЕП беше извојувана и првата победа, со високи шест гола (27-21).

Доколку Македонија победи, речиси сигурно е дека заедно со Чешка ќе патува на ЕП, па последниот меч од квалификациите на домашен терен против Чесите ќе биде само директна борба за првото место во групата.

Раул Гонзалес на жешкиот терен каде досега во квалификациите Украина нема пораз и зад своето име има две победи над Исланд и Чешка ќе биде само без Велко Маркоски кој е повреден, а останатите се здрави и се на располагање. Натпреварот меѓу Украина и Македонија во Суми се игра од 18.00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top