Имам болка во срцето, имам блуз. Што и да имаш, блузот е секогаш тука.
Џон Ли Хукер
Во делтата на Мисисипи, Луизијана, САД, отсекогаш се произведувале три работи: памук, сиромаштија за тие што го береле и блуз. Кој било крај на планетата да го погледнеме, јужњаците се секаде исти. Без разлика дали зборуваме за Севилја, Гевгелија, за Ромите, Бразилците или за Луизијана, гледаме луѓе што го сакаат животот повеќе од кои било материјални добра. Тие место да трупаат богатство, препуштени се на моментите на уживање во животот: љубов, страст и музика. И ако југот не го гледаме како страна на светот, туку како начин на живот, може да се каже дека Би Би Кинг беше крал на сите јужњаци. Инаку, блузот е бајка. Лесна за слушање, тешка за опишување. Блузот е болка, борба за опстанок, но и радост. Потврда на апсолутната елеганција на скршениот свет во кој радоста и поразот одат еден до друг – рамо до рамо. Таа бајка Би Би Кинг ја раскажуваше со неговиот прв јазик – музиката, ритамот, хармонијата, мелодијата и, секако, со гитарскиот риф. Тој беше вистинскиот. Да го наречеме шоумен, само изведувач или забавувач, е навреда, голема навреда за него. Тој е навистина крал – другите се само добри или имитација. Никој како него, господски и мајсторски, не го пишуваше и ширеше евангелието на блузот. Затоа не е чудо што половина век неговото име е синоним за таа автохтона музика на САД, исто како што Армстронг е за џезот, Елвис за рокенролот или Битлси за поп и бит-музиката. Тој го изведе блузот од анонимноста и потценетоста на американската провинција и го постави и прослави на јавната светска музичка сцена. Како мејнстрим музика. Начинот на кој се зборуваше за блузот пред појавата на Кинг беше потценувачки. Амбасадорот на блузот го промени тоа засекогаш. Никој не беше поквалификуван за таа мисија. Затоа е најславен и највлијателен блуз-гитарист и композитор на денешницата. Најпочитуван и најважен блуз-пејач што го воведе блузот како мејнстрим правец во музиката, кој соработуваше со џез-великаните како Оскар Питерсон, Кени Барел, Крусајдерси, а изврши големо влијание врз рок и соул уметниците Ерик Клептон, Питер Грин, Стиви Винвуд, Џо Кокер, Бо Дидли и други. Го препознаваме по длабокиот мек глас и неповторливиот гитарски звук, но и многу посебен риф. Беше и остана нераскинливо поврзан со неговата црна гитара „гипсон“, од него наречена Лусил (Заедно сме многу години, таа сака млади момчиња, но заглави со мене, велеше за својата Лусил).

Роден е како Рајли Би Кинг, на 16 септември 1925 година, на плантажа за памук, меѓу Ита Бен и Индијанола, кај делтата на Мисисипи, во Луизијана. Животот не бил нежен кон него. Кога имал четири години, неговите родители се развеле и тој останал со мајка му во ридиштата над Мисисипи. Кога имал девет години, останува без мајка, па продолжил да живее со неговиот татко, како берач на памук на плантажите во Индијанола, каде што заработувал по 22 долари неделно. Во 30-тите и 40-тите години од 20 век, блузот се сметал за ѓаволска работа, па единствена општественоприфатлива музика со која можел да се занимава бил госпелот, во хорот на баптистичката црква „Свети Јован“. На грамофон кај неговата тетка Џемима, секој ден ги слушал тогаш популарните Роберт Џонсон, Блајд Вилијам Џеферсон и Сони Бој Вилијамсон. Одлучува да зајми пари и да купи гитара, и првата песна што ја научил и свирел била „Моја драга Клементина“. Набргу се одважил и почнал да свири и да пее на улиците во Индијанола. Најчесто пеел и свирел госпел, но и блуз, и така почнува големата љубов меѓу него и блузот. Подоцна кога ќе стане славен ќе изјави дека тогаш свирел сѐ што слушателите ќе побарале од него. Некои му барале госпел, а други блуз. Едни му плаќале, други го честеле со пиво. Додава дека неговиот татко берел памук и тој исто така. За неговите деца сакал да направи нешто повеќе. Ја покажал својата гитара Лусил и рекол дека таа била неговиот излез од немаштијата. Учествува во Втората светска војна, но бргу е вратен во САД бидејќи знаел да вози трактор, а во САД трактористите биле потребни за развој на земјоделството и прехранбената индустрија. Кога завршила војната, младиот блузер одлучил конечно да си ја побара среќата и своето место под сонцето. Како и секој музичар и него го привлекувала светлоста на големите градови. За него најголем град во тоа време бил Мемфис. Во 1947 година тој дошол во Мемфис, се сместил кај својот роднина, познатиот блузер Букер Бук Вајд. Најпрвин се трудел да ја совлада неговата слајд техника на свирење гитара. Но, со текот на времето развива сопствен стил на свирење блуз-гитара. Тоа е вибрато, кој се изведува со показалецот на вратот на гитарата, со движење на зглобот на раката. Неговиот единствен стил на свирење гитара со тресење на жиците (вибрато на левата рака, нагоре-надолу), подоцна беше наречено „пеперутка“ и беше најкарактеристично за неговиот блуз, но и за раната рок-музика. Кога дошол во Мемфис го побарал својот идол Сони Бој Вилијамсон, кој имал своја радиоемисија, на кого му ја отсвирел нумерата „Блуз во мугрите“. Сони Бој бил одушевен од интерпретацијата на Кинг, му овозможил да настапи на радио и му дал ноќен ангажман во 16. улица со хонорар од 12 долари на ноќ (Никогаш во животот не сум видел толку пари, прокоментирал младиот Рајли). Подоцна станал и диџеј на радио, а ноќните ангажмани во клубовите во Бил улицата, му станале колеџ на подеми, падови, борба и примени удари. Тука се подготвувал и вежбал за тоа што подоцна ќе го доживее во кариерата и поради што колегите го нарекле „премногу љубезен тип, во премногу суров свет“. И тогаш и подоцна ќе говори дека никогаш не сретнал лош човек, туку само добри луѓе што погрешно постапиле во кариерата и животот. Псевдонимот на радиото му бил Бил Стрит Блус Бој (Beal Street Blues Boy), што подоцна е скратено на Блус Бој (Blues Boy), а на крајот во Би Би (B.B.). Сепак, тој не знаел ниту можел да предвиди дека оваа кратенка ќе стане светски синоним за пеколниот изведувач на ритам и на блуз. Идеја да сними плоча настанала по снимањето на џингл за тоник, со назив Pip-Ti-Kon. Така, ја снимил „Three O’clock Blues“, која е негов прв познат хит. Почнал со кратка промотивна турнеја, турнеја која ќе потрае во следните 60-тина години. Познат е по тоа што многу сака да свири и да настапува, па така годишно одработува и по 300 концерти, вкупно за 70 години кариера околу 16.000. Има снимено околу 50 музички албуми, настапувал на сите континенти (во 90 држави), а е и прв музички уметник од САД што свирел во Кина и во СССР. Во 60-тите години од минатиот век настапувал во сите познати ноќни барови и сали за танц во САД. Првата награда „Греми“ ја доби во 70-тите години за нумерата „The Thrill is gone“, која стана негов заштитен знак; во 80-тите водеше шоу во „Карнеги хол“; во 90-тите години снимаше заедно со Клептон, Питер Грин и групата „Ју-ту“; На Патеката на славните во Холивуд има своја ѕвезда; и од претседателот на САД е одликуван со Медал на слободата.

Блузот е најчудната музика што некогаш сум ја слушнал.
В.К. Хенди
Титулата крал на блузот му ја дадоа светски познатите гитаристи Ерик Клептон, Бади Гај, Кит Ричардс, Џими Хендрикс, на кои им беше ментор. Но, на почетокот воопшто не му беше лесно да биде црномурен блузер во белата Америка. Од црната Америка која го сакала блузот не можело доволно да се заработи ниту за гол живот, а белата Америка во тоа време беше пребирлива, па дури и скептична кон лириката на берачите на памук. Но, не се вели залудно дека покрај талент и среќа, за успех е потребно да имате вистинска личност во право време. За Би Би Кинг тоа беше Френк Синатра. Нескротливиот Френки Бој, Кинг го сметаше за крал на блузот и му овозможи да настапува во голем број клубови во Вегас. Би Би го искористи тоа, се вивна во височините на блузот и стана негов крал. Друга шанса му дадоа и британските рокери. Иако од почетокот беше дистанциран од новиот правец рокенрол, инкорпорираше стилски детали во својата музика од раните рокери, како што се Литл Ричард и Фатс Домино. Покрај тоа, тој свиреше и на комеморативната приредба за Мартин Лутер Кинг, заедно со рок-револуционерот Џими Хендрикс. Во 6-тите години англискиот рок апсорбираше многубројни блуз стандарди и од овој спој се родени ѕвездите Џеф Бек, Џими Пејџ, Ерик Клептон, кои се колнеа во блуз-легендата Би Би Кинг, за кој велеа дека е нивни инспиратор и ментор. Сето тоа го зголеми интересирањето на светската јавност за блуз и во наредните децении Би Би настапуваше на сите светски меридијани, со сите најголеми музички ѕвезди. По смртта на Џон Ли Хукер Хаулин Вулф, му остана титулата на единствен жив носител на духот на делтата на Мисисипи – колевката на блузот. Ја заслужи со голем број хитови, како што се: „You Know I Love You“, „Woke Up This Morning“, „Please Love me“, „Yоu Upset me baby“, „Sweet little Angel“, „When Love Comes to Town“, и многу други.

Од страна на читателите, критичарите и медиумите „Guitar Player“ повеќе години по ред е прогласуван за најдобар блуз-гитарист на светот, надминувајќи ги на таа листа и великаните на џез-гитарата како што се Чет Еткинс, Ал ди Меола, Џеф Бек и Бади Гај, а на ранг-листата на „Ролингстоунс“ за најдобри гитаристи на сите времиња е рангиран на високото трето место, веднаш зад Џими Хендрикс и Двејн Олман. Има добиено 15 награди „Греми“. Во 1987 година е примен во Рокенрол-куќата на славните, а во 2014 година и во Куќата на славните R&B музичари. Судбината сакаше Кинг да ги надживее сите свои идоли и колеги: од Патон, Џонсон, Вотерс, преку Вулф и Рид, до Ли Хукер, и со свои очи виде како музиката родена на полињата памук достигнува до незамисливи висини на почит. Кога излегуваше на сцената, го дочекуваа со овации. А кралот како крал, целиот живот најмногу од сѐ сакал коцка, жени, храна и блуз. Затоа и избрал да живее и да умре во Лас Вегас, градот на пороците, забавата, среќата и тагата. Инаку, познат вегетаријанец е и никогаш ниту пиел алкохол ниту пушел цигари. Беше сопственик на блуз-клубови во Мемфис, Лос Анџелес и во Њујорк, а поседуваше и пилотска дозвола и управуваше со воздухоплов. Се женеше двапати, во 1946 со Марта ли Дентон и во 1958 година со Су Керол Хал. Има 15 деца и повеќе од 50 внуци. Често велеше дека во 15 пригоди исто толку жени му рекле, тие или Лусил, а тој секогаш ја избирал Лусил и никогаш не се покајал.

Познат е по тоа што не сакал во исто време да пее и да свири, па така развил техника меѓу него и гитарата Лусил, наречена „call and response“, која се состоела во тоа што прво ќе отсвири неколку тактови, па потоа со препознатлив длабок глас ќе отпее неколку стихови. Во една пригода објаснил како ја создава својата музика: „Кога пеам, свирам во главата. Оној момент кога ќе престанам да пеам во реалноста, пеам свирејќи ја песната на Лусил. Инаку, му беше потребен само еден вибрирачки тон на гитарата Лусил за да разнежни кое било срце. По него блузот се препознаваше и многу подалеку од блуз заедницата. Неговиот блуз беше музика која ги спојува радоста и тагата, љубовта и страста, црните и белите, Американците и Европејците. Беше виртуоз и модерен блуз минималист, на кој му беа потребни само пет-шест тонови од блуз скалата и неговата гитара Лусил и да создава блуз уметност, прифатена и запаметена засекогаш. Неговиот начин на свирење е фасцинантен и неповторлив. Свиреше лежерно и отпуштено. Неговата музика беше јака и моќна музика, која луѓето ги одместуваше од своето тежиште. Неговиот блуз-риф на гитарата беше единствен, оригинален и неповторлив. Тој го чувствуваше блузот подобро и појако од кој било друг на светот. Би Би Кинг беше вистински уметник, кој господареше со секој дел од тоа што го работеше. Најверојатно има и поголеми магионичари на гитара од него. Но, доколку се организираше натпревар, што може да се направи само со една нота, Би Би сигурно би победил. Тоа е и суштината и главната есенција на неговиот музички и свиречки дар. Всушност, чујте ги „How Blue Can You Get“ и „The Thrill is Gone“ и сѐ ќе ви биде јасно. До последен здив, во 90-тата година од животот гледаше филмови, читаше книги и свиреше гитара. Беше и остана човек кој не само што свиреше блуз, туку и живееше блуз. Со своето умеење и шарм ги обележи и 20 и 21 век, како врвен блуз-уметник. Многу од нас, љубителите на блузот, можеме само да замислиме како само звучи тој неверојатен блуз кога конечно на иста бина се најдоа Мади Вотерс, Џон ли Хукер и Би Би Кинг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


