| четврток, 6 декември 2018 |

Навивачите на Реал избраа, Иско е фудбалерот на сезоната!

isko

Реал Мадрид го прекина петгодишниот пост и успеа да ја освои толку посакуваната титула во домашното првенство, достигнување на кое секако најмногу се израдуваа верните фанови на клубот од шпанската престолнина кои инаку се познати како едни од најнетрпеливите во светот.

Големите ѕвезди и оваа сезона наидоа на одредени свирежи кога работите не одеа онака како што се очекува од тимот на Зинедин Зидан, но со оглед на тоа што сите проблеми и околности беа позитивно положени и заокружени со титулата во Примера, воопшто не чудеше тоа што Сибелес плоштадот беше обоен во бело и од илјадници фанови по неделната победа над Малага од 0-2.

Како што минуваат деновите по последното и одлучувачко 38. коло, шпанските медиуми полека ги подвлекуваат цртите за одиграното во изминативе девет месеци, но интересно е тоа што се актуелни и анкетите на социјалните мрежи преку кои самите фанови на Реал го избраа најдобриот играч за штотуку завршената сезона.

Според гласањата на фановите, Иско Аларкон е избран за играч на сезоната во Реал Мадрид, а кога ќе се погледне реално, везниот фудбалер можеби и го заслужи ова признание со оглед на тоа што од стандардна резерва, во одлучувачките два месеци се претвори во ударна игла во организацијата на играта и креирањето на стопроцентни шанси на тимот кој го предводи Зинедин Зидан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top