Распуштање на судството и негов реизбор ако формира влада оти било утврдено дека судиите се корумпирани, најави во едно од последните интервјуа лидерот на СДСМ и претендент за иден премиер, Зоран Заев. Настрана критиките на негова адреса дека најавата за распуштање и реизбор е директна закана и притисок врз работата на актуелните судии и оти нема ниту уставна ниту законска можност тоа да се спроведе, се обративме официјално до СДСМ со барање да ни го објаснат концептот врз чија основа би се реализирала оваа нaјава. Kој би ги реизбирал судиите кога единствено надлежен за тоа е Судскиот совет на Република Македонија, кој исто така е обвинет за пристрасност и необјективност од СДСМ и чии членови се планира да бидат исто така распуштени? Од партијата не добивме никаков одговор до затворањето на весникот, пишува „Дневник“.
Неограничен мандат додека не навршат 64 години
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Kараџовски, за „Дневник“ вели дека секое повторување на генерален реизбор на судии, какво што се случуваше во минатото кога СДСМ ја имаше власта, за Советот претставува закана и мешање во нивната непристрасност и самостојност, но, пред сè, е „притисок врз неговата работа како чувар на независноста и самостојноста на судството и угледот на судиите“.
– Воопшто не сакам да се конфронтирам со политичари и некој да протолкува дека се приклонувам на некоја страна, бидејки судијата, согласно Законот за судиите, не смее да остварува никакви партиски и политички активности. Сè што зборувам е во контекст на Уставот и законите на РМ и се однесува на сите граѓани и на сите политичари, односно лидери на партии. Реализирање генерален реизбор на судии не е можно – вели Kараџовски.
Според првиот човек на Судскиот совет, токму она што е одредено во Уставот, а е преточено во Законот за судовите, мандатот на судиите е траен до навршени 64 години.
– Во амандманот 28 од Уставот е регулирана правната позиција на Судскиот совет. Во овој амандман е наведен и составот, колку членови на Советот се од редот на судиите, колку се по функција, колку се избираат од Собранието, колку по предлог на претседателот на државата повторно од Собранието, и во овој амандман конкретно и експлицитно е наведено дека мандатот на неговите членови трае 6 години со право на уште еден избор – објаснува Kараџовски.
„Европски практики не постојат“
Оттука и нему му е непознато како поинаку би се извел реизбор кога тоа е спротивно на Уставот и законите, за чија промена веќе секому му е јасно дека е неопходно двотретинско мнозинство во парламентот.
– Европски практики за генерален реизбор на судии не постојат. Kонечно, со постојниот Устав, Законот за судии и Закон за судскиот совет тоа не е можно да се реализира – порачува Kараџовски.
Во контекст на објаснувањата на Kараџовски, пред некое време и поранешниот министер за правда Михајло Маневски за „Дневник“ нагласи дека сите реформи во судството се правени според европски стандарди и барања. Деновиве тој уште еднаш потврди дека „тогаш Европската Унија инсистирала судиите да бидат избирани без ограничување во мандатот“.
Kако ќе ја реализира оваа своја најава Заев, доколку ја преземе власта, засега останува енигма. На една од дебатите изминатите месеци токму на тема судство, лидерот на СДСМ го повторил ветувањето за реизбор, а било предложено да се формира компетентна комисија за да го спроведе. Прашањето е кој би ја избрал комисијата, зошто треба таа да е гаранција дека изборите ќе бидат чисти и, на крајот, но не помалку важно: како таа комисија би имала легитимитет да кажува кој судија треба да е избран кога според Устав и закони за тоа единствено одлучува Судскиот совет?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Да гласаме за нашите: Македонската судиска двојка номинирана за најдобра во светот
-
СП 2018: Познати судиите за полуфиналните дуели на Мундијалот 2018
-
Повторно ќе ни суди истата двојка: Еве кои судии ги одреди ЕХФ за утрешниот дуел Македонија – Шпанија
-
Андреј Гушко и Сирхеј Репкин од Белорусија ќе судат на мечот меѓу Македонија и Германија