| четврток, 6 декември 2018 |

Луј Армстронг – Моцарт на џез-музиката

Луј Армстронг е повеќе
одошто крал на џез-музиката.

Тој е нејзината душа,
тој е самиот џез.

Тој е големата мера според
која се мери сѐ во џезот.

Тој е единствениот
неспорен гениј што го има
светската џез-музика.

Робер Гофен

Луј Армстронг беше феномен. Вистинска џез-суперѕвезда. Мајстор на корнетот и на класичната труба. Еден, единствен – уникат во светот на џезот. Најпозната личност и најславен музичар во историјата на џезот. Припаѓа на тој вид музичари, кои ги поместуваа границите на џезот. Ниту една уметност, ниту, пак, уметнички жанр или гранка на која било уметничка дисциплина нема таков неприкосновен и уникатен творец, каков што има џезот. Музиката ги има Бах, Моцарт и Бетовен; Микеланџело, Праксител и Роден се еднакво добри скулптори; Пикасо, Салвадор Дали, Ван Гог и Реноар, сите се генијални сликари; Баришњиков, Нуреев и Нижински се еднакво добри танчари-балетани; најголеми писатели се Хомер, Шекспир и Гете; врвни актери Марлон Брандо, Роберт де Ниро и Џек Николсен, а режисери, вистински уметници се Џон Форд, Копола, Ејзенштајн, Спилберг… Но, само во џезот има едно и единствено такво творечко име, генијалец и уметник – Луј Армстронг. И навистина, еден и единствен. Пред се беше извонреден инструменталист. Прво на корнет, а потоа и на труба. Како свирач имаше виртуозност и способност од трубата да извлече тонови што за многу негови колеги засекогаш останаа недостапни. И како трубач и како пејач беше извонреден импровизатор и надарен иноватор, без разлика дали настапуваше соло, со големи оркестри или со мали, т.н. комбосостави. Со тек на времето израсна во музички архетип и во најимитиран модел на музички џез-изведувач и џез-вокал. Неговото питомо лице, неговата блага насмевка, бојата на неговиот глас, тоновите на неговата труба, беа препознатливи, неповторливи, уникатни. Дефинитивно, најголем џез-свирач на корнет/труба, кој кога било живеел. Без сомнение, најинтересен импровизатор, со репутација на најинвентивен иноватор во џез-музиката. Имаше изведувачка моќ, дијапазон на глас, мелодија и на тон на највешт солист. Со еден збор кажано – најпочитуван лидер. И да не заборавиме, највлијателен музичар и пејач во џез-музиката.

luj-armstrong-2

Роден е на 4 јули 1900 година (според друга верзија на 4 август 1901 година), во Њу Орлеанс, од татко Вил и од мајка Мери Ен. Родителите на Луј биле робови, па така тој растел во сиромаштија, аргатувал на плантажите и немал пристојно образование. Од најрани години ја осознал мизеријата на животот во Њу Орлеанс – проституцијата, пијанствата, тепачките, земањето дрога и убиствата во злогласното гето Сторивил. До пресвртница во неговиот живот доаѓа спроти новата 1913 година, кога поради пукање со пиштол е затворен во дом за малолетници, каде што почнува да свири во оркестарот и да пее во вокалната група на домот. Го забележал диригентот Питер Дејвис, го научил да свири труба и другото е историја. Стана прочуен како момче од седумнаесет години, од првата генерација познати и пошироко познати џез-музичари. Прво свиреше во оркестарот на Кинг Оливер (1917 – 1924), кој му беше идол, ментор и соработник и кој му ја даде првата шанса да се појави на џез-сцената. Армстронг ја искористи шансата и секогаш имаше почит кон Кинг Оливер. Но, тој никому ништо не му должеше и многу брзо го надмина оркестарот на својот ментор Оливер. Прво во 20-тите и во 30-тите години од 20 век ги создаде и водеше легендарните оркестри „Хот фајф“ и „Хот севен“. Со овие оркестри тој свири и снима во студијата заедно со својата сопруга Лил Хардин (пијано), со Кит Ори (тромблон), Џони Сен-Сир (бенџо) и со Џони Дотс (кларинет). Подоцна составот на овие два оркестра е променлив, па забележено е дека во нив настапувале и Бејби Дотс (тапани), Фреди Робинсон (тромбон), Џими Стринг (кларинет), Ерл Хајнс – Фата (пијано), Менси Кара (бенџо) и Арти Синглтон – Зути (тапани). Од сите нив прави ѕвезди на џез-музиката, кои потоа имаат своја кариера. Подоцна, во 40-тите и во 50-тите го формира познатиот оркестар „Ол старс“. Во него настапува со многу музичари, а како најпознати се Барни Бигарт, Едмунд Хол, Бастер Бејли, Пинатс Хако, Ерл Хајнс, Дик Кери, Марти Наполион, Били Кајл, Џек Тигарден, Расел Мур, Трами Јанг, Арвел Шо, Кози Кол, Дени Барселона и Барет Димс, од кои прави нови ѕвезди на џезот. Со овие оркестри ги направи најпознатите и најбитни џез-снимки во историјата на џез-музиката. Како џез-состави звучат маестрално. Не направија ниту една грешка во изборот на мелодијата, во изведбата и во доживувањето на изразот, во структурата на соло-делниците, во темпото, во квалитетот на заедничкото свирење, но и соло-настапите. Во нив Армстронг е брилијантен. Неговото водење на мелодиите и на оркестарот фасцинира. Соло-импровизациите се богати, полни со значења и прецизни до бесвест. Едноставно, во сѐ се совршени, како што подоцна беа големите виртуози на џезот, како Дјук Елингтон, Чарли Паркер, Бени Гудман, Џон Колтрајт, Мајлс Дејвис, Дизи Гилепси и Каунт Бејзи, кои изјавуваа дека Луј Армстронг е татко на сите нив, без разлика на стилот или колку се модерни. Армстронг преку соло-свирењето џез и со свирењето во овие групи израсна во музичар што ги создаваше обрасците, ги оживуваше акордите, ги продолжуваше музичките линии и го засилуваше централниот замав во џезот. Покажа индивидуална величина каква што може да има само генијален уметник. И токму така: Луј Армстронг – Сачмо (сачелмаут, голема уста, е прекарот што се однесува на неговите усни, кои во светот на џезот претставуваат таква конотациска реликвија каква што во рокот имаат усните на Мик Џегер) беше гениј, чиишто карактеристики и вкупни достигнувања се спротивставуваат на секоја рационална анализа. Кога имаме работа со гениј каков што беше Сачмо, често не сме во состојба да утврдиме и да објасниме на кој начин го создаваше своето блескаво и иновативно дело.

„Јас го сакав и почитував
Луј Армстронг.

Тој беше роден сиромав,
умре богат, и никогаш никој
нема повредено на тој пат“.

Дјук Елингтон

Во раните години од неговото џез-музицирање како корнетист се развиваше многу брзо. Оставаше бележити траги преку својот специфичен тон и единствената мелодиска концепција. Подоцна, со капацитетот што го имаше и квалитетот што го покажуваше, го донесе џезот во сосема нова ера, ера во која, од џезот што беше музика на тим, група, колектив, создаде солистичка уметност. Како крал на џезот и врвен џез-уметник, отвори сосема нова епоха во развојот на џез-музиката. Како човек и личност го красеа немерлива доброта и топол њуорлеански хумор, а како музичар, секогаш покажуваше храброст за иновации и непоколеблив оптимизам за развој на џезот. Развојот на Армстронг, од самоук корнетист, преку сјаен трубач, па до недостижен вокалист, е неверојатен и без конкуренција во историјата на џезот. Неговото свирење труба секогаш беше извонредно и бравурозно, како што прилега на еден од најтипичните претставници на њуорлеанскиот стил на свирење џез. Неговите вокални џез-пеења беа единствени. Најголема заслуга за тоа имаше рапавиот глас што го имаше, со кој пееше на уникатен начин. Тој и таков глас, рапав и засипнат, даваше некоја чудна и необјаснива посебност на неговото садистичко џез-пеење. На тој начин најдобро ги истакнуваше своите лични емоции, инспирацијата и свингот. Засекогаш ќе остане запаметен по своето ненаметливо и скромно однесување, на сцената и надвор од неа, одличните импровизации и до перфекција точното време за ритмично искажување. Сите тие заедно како џез-перформанс направија сите негови песни да бидат запаметени како џез-хитови. Тука, пред сѐ, е првата скетирана џез-песна „Heebies Jeebies“ (1926), која е создадена така што на Сачмо му паднале нотите на подот, не можел да го прочита текстот на песната и почнал да „скетира“ (вокални импровизации без зборови или бесмислени слогови). Својот стил на свирење труба го формирал во џез-школата на Њу Орлеанс и со времето сам го унапредувал и усовршувал. Така стана жив симбол на Њу Орлеанс, татковина и прва престолнина на џезот, но и на цел еден нов музички стил. На конкретни теми тој многу успешно парафразирал импровизирајќи, така што создавал единствена мелодија. Тие варијации биле поубави и мелодиски побогати, проследени со јасна и со чиста боја на звукот на трубата. Како пример за техничка интерпретација на труба, останува запаметен почетокот на каденцата „West end blues“ (1926), која подоцна послужила како пример на многу трубачи, како што се Рој Елдриџ, Дизи Гилепси, Винтон Марселиус и други. А кога ги пееше шлагерите како „Helo Dolly“ или „Only You“, повеќе од јасно е дека тоа го прави со жар, страст и желба нивните весели пораки да ги направи универзални. Слична е и легендарната „When Saints Marching“, која ја свиреа сите диксилент-оркестри, но токму Луј ја направи популарен светски хит. Оваа музичка нумера е пофалба на радоста, пријателството, животната енергија и на сѐ на што му служат светците, а и ние како нивни деца. Мора да се спомнат и „St. Louis Jazz“, испеана во дует со Беси Смит, која џез-критиката ја смета за најдобра џез-изведба воопшто, како и „Порги и Бес“, најпознатата опера на Џорџ Гершвин, испеана од неповторливиот дует Луј Армстронг и Ела Фицџералд, во која тие соло-партиите ги пеат брилијантно, а дуетите маестрално. И, секако, не може, а да не ја споменам и незаменливата и вонвременска песна „What a Wonderful World“ или „Колку е убав светот“. Оваа нумера е триумф на музиката и на животот што го исполнува. Тешко е да се замисли дека некому може да му прилега подобро оваа песна, отколку на Луј Армстронг, музичарот, забавувач, актер, филантроп и амбасадор на хуманоста, едноставно човек со извонреден дух и космополитизам. Со неа, Сачмо е џезер во водите на поп-музиката. Таа не е џез-композиција, туку поп-балада, изведувана од човек, чијашто крв е заразена со тажни ноти. Бавното темпо во кое се води мелодијата треба да нѐ потсети дека добрината е насекаде околу нас и сѐ што треба да направиме е да го споредиме животното темпо и да ја пронајдеме таа добрина. „What a Wonderful World“ апсолутно перфектно ги соединува пејачот, музиката и текстот. Композицијата ни покажува колку убава може да биде музиката на луѓето. Тоа веќе не е само џез, ниту, пак, поп, туку апсолутна музика на животот. Оваа песна ќе биде забележена како „Мона Лиза“ на Леонардо, како „Давид“, на Микеланџело, „Одата на радоста“, на Бетовен и „Мала тивка музика“, на Моцарт.

luj-armstrong-3

Пееше со Бикл Крозби, Дени Кеј, Френк Синатра, Ела Фицџералд, Беси Смит, снимаше музика со Дјук Елингтон, Леонард Берстин, напиша музика за 50 филмови, а во некои од нив и лично настапуваше: „Приказна за Глен Милер“ (1954), „Секој ден е празник“ (1938), „Пари од небо“ (1936), „Атлантик Сити“ (1944), „Њу Орлеанс“ (1946), „Високо општество“ (1956), „Човекот наречен Адам“ (1966) и во многу други. Во приватниот живот, прво се жени со Лил Хардин, вторпат со Алфа Смит и трет и последен пат со Лусил Вилсон. Свои деца немал, но како амбасадор на ОН се покажува како голем хуманист и филантроп и има згрижено многу напуштени деца без родители, сиромашни, болни и хендикепирани. Многу патува, одржува голем број концерти, снима илјадници нумери, успесите се нижат и пристигнуваат еден со друг… но, почнуваат и здравствените проблеми поврзани со прекумерната тежина и тие со повредата на усните. Речиси секоја година ја посетува Европа, настапува на фестивалите во Ница, Њупорт и на прославите во Њу Орлеанс.

Луј Армстронг е многу почитуван од обожавателите, бескрајно ценет од критиката и немерливо признаен од колегите. Од Б. Толсон е опеан во песната „Сачмо“, со што на овој единствен и неповторлив џез-уметник му оддаде заслужено и достојно признание. За неговата музика, можеби, најдобра констатација даде големиот Мајлс Дејвис, кога кажа дека, навистина, не можете ништо да отсвирите на труба што Армстронг претходно не го отсвирел. Во Квинс стадионот го доби името „Луј Армстронг“, а во Њу Орлеанс градскиот парк и стадионот го носат неговото име и има статуа на Сачмо со труба во раката, во природна големина. Денес слободно можеме да кажеме дека во историјата на џезот, можеби, има подобри корнетисти и трубачи, поквалитетни пејачи, повешти актери, поголеми композитори и повешти водачи на мали оркестри, но во ниту една личност сите овие работи не беа толку складно обединети, како кај него – неговата џез-екселенција, Луј Армстронг – Сачмо. Тој е човекот што го трансформираше џезот од фолклорна музика во софистицирана музичка форма, изведувана од големи и од мали оркестри, но фокусирана на соло-импровизации. Големиот познавач и вљубеник во џезот, професорот Кирил Темков, во 2001 година напиша: „Луј секогаш правеше музика. Како Моцарт, сѐ што ќе допреше стануваше музика. Тој беше џез, чувствуваше и мислеше џез, тоа што го правеше беше џез во секој миг“. Дефинитивно, магионичар со труба и со магично рапав глас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top