Репрезентацијата на Македонија полека, но сигурно привршува со подготовките за првиот квалификациски меч против Исланд кој ќе се игра во Скопје. Дејан Манасков, крилото на репрезентацијата е задоволен од сработеното и вели дека нашата селекција ја има благата фавориска улога на првиот дуел затоа што игра пред домашната публика.
– Не очекува двомеч со Исланд, доста сме играле со нив. Мислам дека сме подготвени за натпреварот во четврток. Знаеме што и како играат. Пред оваа наша публика сме благи фаворити. Секако, не ги потценуваме, имаат одлични првотимци. Ќе го дадеме најдоброто од нас, па ќе видиме што ќе биде – вели Манасков.
Левото крило на Рајн Некар ќе има шанса повторно да работи со Раул Гонзалез. Двајцата минатата сезона соработуваа во Вардар.
– Добро го познавам Раул затоа што соработувавме минатата година во Вардар. Ни треба малку време да се воиграме и преминеме на она што тој го бара затоа што тоа е нов систем на работа. Но, како и да е, за овој краток период мислам доста напредувавме – заклучи Манасков.
Натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Исланд се игра в четврток од 20.00 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Билетите за средбата се речиси распродадени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.