Нов бран на овчите сипаници или варичела ја зафати земјава, при што најмногу се погодени дечињата. Годинава се регистрирани за 15 отсто повеќе случаи на заболени во споредба со истиот период лани.
Сега е сезона на овие сипаници, објаснуваат лекарите. Децата главно лесно ја прележуваат варичелата, но треба да се под зголемено внимание кога се болни. Вирусот се смета за поопасен за мали бебиња, возрасни, а особено за бремени жени.
– Досега се регистрирани 3.025 случаи на варичела, што е за 15 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година. Зголемувањето на бројот на случаи е очекувано, бидејќи кај варичелата се забележува одредено сезонско појавување, односно највисок број на случаи се регистрира во периодот април-јуни – вели д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
Овчите сипаници се многу заразни, а децата најчесто се заразуваат преку меѓусебните контакти, во градинки, игротеки, при дружења… Ги предизвикува вирусот варичела зостер. Болеста обично трае кратко, се карактеризирана со исип, а е придружена со треска и слабост. Откако некој ќе биде во контакт со вирусот, се разболува за две-три недели, колку што е неговиот период на инкубација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.