Близу 10.000 случаи со овчи сипаници се регистрирани годинава во Македонија. Според епидемиолозите од ИЈЗ, ова е рекорден број заразени последната декада. Само во декември се евидентирани 1.265 лица со варичела.
Лекарите сметаат дека климатските промени се причина за овој вирус да се шири и во зима и на лето.
– Ова заболување е карактеристично за зимскиот период, но веќе го регистрираме во текот на целата година – изјави д-р Гордана Кузмановска, раководителка на епидемиологија во ИЈЗ.
Варичелата се пренесува преку респираторен пат и допир. Ова заразно заболување многу брзо се шири, а најзастапено е кај школската популација.
– Повеќето деца поминуваат полесно, но кај некои случаи може да предизвика и компликации – додава д-р Кузмановска.
Најдобра превентивна мерка е заразениот да биде во домашни услови. Инкубацијата трае од 10 до 23 дена до појава на симптомите. Осипот е карактеристика на ова заболување и може да ги зафати сите делови од телото. Овчите сипаници се најзаразни два дена пред и два дена по појава на меурчињата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


