Македонија денеска ќе одржи прва заедничка владина седница со друга држава. Дел од министрите, предводени од премиерите Никола Груевски и Ивица Дачиќ, денеска во Белград ќе одржат заедничка пленарна седница, но предвидени се и одделни средби меѓу ресорните министри Зоран Ставревски, Владимир Пешевски, Никола Поповски, Гордана Јанкуловска, Диме Спасов, Иво Ивановски, Никола Тодоров и заменик- министерот за животна средина, Стево Темелковски, со нивните српски колеги. Се очекува да се потпише договор меѓу министерствата за внатрешни работи на двете држави, во областа на меѓугранична соработка, мобилноста на граничните премини и нивна модернизација.
Македонија и Србија се две земји кои сега го очекуваат исходот од Брисел дали и како ќе продолжат во евроинтеграциите. Исто така, важен момент е зголемување на економската соработка и инвестициите, како и можноста за заеднички настап на трети пазари, особено во градежниот сектор, фармацијата, туризмот. Централен момент во инфраструктурата е завршувањето на Коридор 10. Планот на двете влади е градежните зафати во Македонија и во Србија да завршат до 2016 година.
Се очекува да се разговара за гасификацијата, за мобилноста на работната сила, размена на знаења во медицината, како и голем број други прашања.
Ова е прва ваква средба за македонска влада досега, но е познат формат на односи меѓу државите, особено кога станува збор за унапредување на релациите. Иницијатива за вакви средби од Македонија се упатени до сите соседни држави, од таму има позитивна рекција, но засега нема прецизиран период кога би се одржале. Оваа средба беше најавена уште во јануари за време на посетата на Дачиќ на Македонија. Заедничка владина седница беше дел и од договорите со Бугарија. Истото е договорено и со албанската влада, како и со Косово.
Додека српската влада заради големото искуство за вакви средби најбрзо ја подготви оваа седница, течат договорите со другите владини тимови во насока на подготовка за нова заедничка средба со друга соседна влада, но засега нема можност за подетално прецизирање на времето.
Попладне владиниот тим ќе има средба и со македонскиот пратеник Миле Спировски и со македонскиот Национален совет во Србија кога ќе се потпише национална стратегија за македонската дијаспора во земјата.
Планирана е и средба со претседателот Томислав Николиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



